БиХ: Рез против тероризмот на радикалните групи
23 декември 2015Полициската акција во Сараево, која резултираше со апсење на 11 лица блиски до радикалните групи и структурите на т.н. Исламска држава, е потврда на подготвеноста на надлежните органи во БиХ да се спротивстават на тероризмот и другите форми на делување на екстремните групи во БиХ, оценуваат аналитичарите. Професорот на сараевскиот Факултет за криминалистика, криминологија и безбедносни студии Јасмин Ахиќ верува дека е потребна активност на поширок план заради сузбивање на влијанието на екстремните групи кои врбуваат луѓе во БиХ за заминување на странски боишта.
„Оваа акција е еден од показателите дека нашите разузнавачко-безбедносни агенции, во согласност со своите надлежности, имаат капацитети за одреден вид борба против тероризмот. Во секој случај, дерадикализацијата е клуч во борбата против тероризмот. Ова е превентивна акција која за цел имаше спречување одредени терористички активности. Акцијата во Сараево е и потврда за подготвеноста на државата не само за пресметка со тероризмот, туку и за борба против злоупотребата на граѓанските односно верските права“, изјави професор Ахиќ за Дојче веле.
Борба против злоупотреба на религијата
Уапсените се доведуваат во врска со кршење на Законот за слобода на религијата, како и на правната положба на црквите и верските заедници во БиХ, појасни и инспекторката во Министерството за внатрешни работи на Федерацијата БиХ, Марина Зовиќ. Таа додава дека уапсените своите приватни куќи и другите простории ги користеле како молитвени простории и за верски предавања, спротивно на дозволата на Исламската заедница во БиХ.
„Постојат укажувања дека уапсените во тие приватни простории ја злоупотребувале религијата за врбување луѓе кои би извршувале терористички активности. Би можело да се рече дека надлежните полициски служби го проширија дијапазонот на своето дејствување за да се спречи кршење на уставот и законите во БиХ, вклучувајќи го и Законот за слобода на религијата, така што некој приватен простор бил претворен во место за врбување луѓе за заминување на странските боишта и други терористички активности“, вели Ахиќ. Акцијата беше спроведена под симболичното име „Рез“, а следеше недолго по состанокот на бошњачките лидери со реисот на Исламската заедница во БиХ, Хусеин Кавазовиќ. Професорот Ахиќ не ја исклучува можноста антитерористичката акција во Сараево да е своевиден знак за пресврт во односот на надлежните кон радикалните верски групи кои дејствуваат во БиХ.
Важна е симболиката
„Ваквите акции добиваат такви имиња поради симболиката на пораката која се сака да се испрати. Мислам дека надлежните полициски служби во овој случај јасно порачаа дека злоупотребата на верските права нема да помине неказнето, посебно ако се врши за подготовка на терористички и други нелегални активности. Искуствата покажуваат дека екстремистите дејствуваа токму во такви нелегално користени простории со цел да врбуваат млади луѓе и јавно да ги поттикнуваат на тероризам“, истакнува Ахиќ.
Во полициската акција во вторникот (22.12) беа уапсени 11 припадници на салафистичката заедница, кои се собирале во нелегални верски простории во Сараево. Тие се осомничени за организирање на заминување на салафисти од БиХ на боиштата во Сирија и во Ирак.
„Уапсените се доведуваат во врска со кривичните дела тероризам, финансирање тероризам, поттикнување и подготовка на терористички дела“, се наведува во соопштението на Федералната управа на полицијата. Медиумите во БиХ пренесуваат дека чест гостин во нелегалните молитвени простории бил и Билал Босниќ, кој беше осуден на седум години затвор од Судот на БиХ поради организирање терористичка група и врбување луѓе за борба во војната во Сирија. При претресот на објектот се најдени доказни материјали кои упатуваат на поврзаност на осомничените со структирите на т.н. Исламска држава. Претреси се извршени и на локации во близина на Рајловац, каде пред два месеца во терористички напад беа убиени двајца војници на војската на БиХ.