1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Благословот и проклетството на туризмот

Сања Благојевиќ
13 јули 2019

Недогледни редици пред музеите и други знаменитости, големи турканици во историските јадра на градовите низ Европа. Туризмот е благослов, но сѐ почесто и проклетство за популарните дестинации.

https://p.dw.com/p/3Lc7x
Kroatien Fans der Serie Game of Thrones in Dubrovnik
Туристи во Дубровник: Веќе има предупредувачки сигнали за негативните последици од експанзијата на туристичката индустријаФотографија: picture-alliance/Pixsell/Z. Lukunic

Дубровник, Венеција, Барселона - сите имаат заеднички проблем. Тие се толку популарни, што едвај излегуваат на крај со толпите туристи кои ги посетуваат. Џиновските крузери во меѓувреме станаа симбол на проклетството наречено - масовен туризам.

Но, тоа не мора да биде така! Во Европа има многу земји кои и тоа како се исплаќа да се посетат и на кои сигурно добро би им дошол секој странски турист - Босна и Херцеговина, Србија, Молдавија, Украина се само некои од нив. А добро знаеме и што можат да понудат македонските туристички бисери.

Туризмот, имено, придонесува за раст на економијата и на вработеноста.

Во туристичките земји како Хрватска, Грција, Португалија или Италија, тој сочинува дури една петтина од брутодомашниот производ. Во Германија, туристичкиот сектор остварува поголем промет дури и од машиноградбата.

Туристите значи носат пари и затоа би требало да бидат добредојдени гости. Но дали е навистина така? 

Повеќе во видеото:

Благословот и проклетството на туризмот

Да, но само на почеток. Со растот на бројот на посетителите, малку по малку расте и незадоволството на домашните. И на крајот туристите се виновни за сѐ што не чини - од преполните трамваи, па сѐ до растот на трошоците за домување. Затоа и не зачудува тоа што некои градови веќе реагираат со повисоки туристички такси, ограничување на бројот на крузери во пристаништата, казни за непристојно однесување на туристите,  а во последно време и со пренасочување на посетителите кон помалку познати туристички атракции.

А тоа, сепак, е многу подобро отколку забрани. Којзнае, можеби и на туристите ќе им дојде преку глава од гужвите, па полека ќе почнат да посетуваат некои други земји и градови кои не се на самиот врв на најатрактивни дестинации.