Бледнее „ѕвездата“ на Меркел?
29 септември 2015Дали историјата се повторува? Ако ништо друго, постојат паралели меѓу Ангела Меркел и двајца нејзини претходници.
Прва паралела: Паѓањето на колена на Вили Брант пред споменикот на Варшавското гето на 7 декември 1970 година. Она што денес се смета за синоним за политиката на попуштање на Вили Брант, не беше воопшто планирано, туку спонтана реакција на Брант: „Имав чувство дека климнување со главата не е доволно“.
Спонтан импулс
Поради сличен спонтан импулс пред три недели Ангела Меркел реши на бегалците, кои се соочуваа со катастрофални услови во Унгарија, да им дозволи да влезат во Германија. Исто како и Брант, и таа претодно не се консултираше со никого. Меркел едноставно го следеше своето чувство, можеби својата совест?-која и‘ рече: вака не смее да остане!
Она за што денес барем малкумина се свесни: и за Вили Брант кај современиците во никој случај немаше само фалби. „Смееше ли Брант да коленичи?“, прашуваше магазинот „Шпигел“ една недела подоцна, презентирајќи го истовремено резултатот: 41 процент од западните Германци гестот на Брант го сметале за умесен, но 48 насто за-претеран. Значи, позитивното вреднување и категоризирањето на гестот за „историски“, дојде одложно, дури подоцна. Речиси една година потоа, на Вили Брант му беше доделена Нобелова награда за мир. Многумина Германци, во екот на екстремно вжештениот спор околу политиката на владата кон Исток, тогаш немаа разбирање за тоа, дури не го ни сметаа за добро. Дали Ангела Меркел може да се надева на повик од Осло?
Втора паралела: Политиката на социјални кратења, „Агенда 2010“ на Герхард Шредер. На оној кој денес го поставува прашањето зошто Германија стои толку добро економски во момент кога најголем дел од нејзините европски соседи имаат проблеми, сите експерти без исклучок ќе му укажат на реформската политика на владата на Шредер меѓу 2003 и 2005 година. Оттогаш се отворија милиони нови работни места, економијата цвета, повторно растат даночните приходи. Социјалдемократите и Зелените своевремено „болниот човек во Европа“ го реформираа во економска локомотива на континентот. Дури и Унијата и Либералите, кои никогаш немаа храброст за вакви решавачки мерки, ретроактивно му оддаваат почит на Герхард Шредер.
Аплауз од погрешна страна
Трагиката на Шредер: реформската Агенда го чинеше губење на функцијата, а Ангела Меркел денес ги „жнее“ плодовите на неговата работа. Зашто, сите кои ја фалат „Агендата 2010“, никогаш не гласале за СПД и никогаш нема ни да гласаат за Социјалдемократите. Политиката на нејзиниот тогашен претседател речиси ја растргна СПД, која до денешен ден не се ни опорави вистински.
Кога денес, првенствено во партиите на Унијата, се јавува незадоволство и критика поради курсот на Ангела Меркел во бегалската криза, тоа наликува фатално на ситуацијата во СПД пред точно десет години: партиско-политички гледано, фалбите стигнуваат од погрешна страна. Оние кои со аплауз ги дочекуваат бегалците на железничките станици, во никој случај не се традиционалните и верните гласачи на Унијата.
Видливи првите знаци на криза
Заедничко во двете паралели: владеењето на канцеларот Брант, а уште побрзо на Шредер, падна во криза. Кризи кои се зацврстуваа преку интерни кавги, жестоки цитати и провоцирачки настапи, кои сега повторно се видливи: канењето на критичарот на Меркел, унгарскиот премиер Виктор Орбан од страна на шефот на Христијанско-социјалната унија, Хорст Зехофер, беше исто толку нелојално колку и ироничните изјави на Херберт Вернер во Москва на сметка на Вили Брант. А изнервираниот настап на Меркел на седницата на пратеничката група на Унијата минатата недела: „Сеедно ми е дали сум виновна за напливот на бегалци, факт е-тие се сега тука“, наликува многу на „баста“-политиката на цврста рака и повишен тон на Герхард Шредер. Очигледно, и на Меркел и‘ попуштаат нервите.
Ова се само индиции. Но, додека пред неколку недели во СПД се дискутираше-кој ќе ги загуби изборите против Ангела Меркел по две години, сега, во светлината на бегалската криза, се чини како ненадејно да почна да бледнее ѕвездата на досега најмоќната жена во светот. Неизвесен е само крајот: оставка во тековниот легислативен период, како Брант или губење на избори по две години, како Шредер?