БМВ и Дајмлер со најголем профит
3 април 2017Консултантската фирма „Ернст и Јанг“ објави дека и покрај тоа што Тојота и Фолксваген во 2016 година продале најмногу автомобили во светот, на врвот на листата која го мери профитот се БМВ и Дајмлер.
Концернот од Волфсбург и покрај скандалот со мерењето на издувните гасови од дизел-возилата е прв на листата на најмногу продадени возила, но затоа на листата за профит е дури на 14 место. Фолксваген, имено продал 10,21 милиони возила, а веднаш зад него се Тојота со 10,17 милиони продадени автомобили и Џенерал Моторс со 10,01 милиони продадени возила.
Мерено според профитот, меѓутоа, други двајца играчи на автомобилскиот пазар го водат орото - БМВ и Дајмлер. БМВ остварил добивка на обртот од 10 проценти, а Дајмлер - 8,4 проценти. Тојота, поради силниот јен, во 2016 година бележи пад на профитот, што значеше и пад на третата позиција.
Најголем пораст на обртот минатата година е забележан кај кинеските производители - 9%. Порастот во западна Европа изнесува 6%, додека бизнисот во САД стагнирал.
Според проценките, ваквиот курс веројатно нема да продолжи и годинава. Во јануари и февруари плусот во светски рамки изнесувал само околу 1%. „Порастот е послаб затоа што американскиот пазар е послаб, Кина се движи побавно, а попушта и динамиката во Европа“, оценува автомобилскиот експерт на „Ернст и Јанг“, Петер Фус.На европските производители најмногу проблеми веројатно ќе им задава намалениот обрт во делот на дизел-возилата.