Божиќно обраќање на Штајнмајер: „Ние сме една земја!“
24 декември 2021На почетокот на традиционалниот говор по повод Божик, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер укажа на неволјите кои во изминатата година ја погодија Германија. „Кога ќе погледнеме назад кон оваа година, ќе видиме многу работи кои ни задаваа грижи, но и многу работи кои ни предизвикаа страв: помислуваме на ужасната поплава која нѐ погоди летоска, мислиме на нашите војници кои се вратија од Авганистан, но и на луѓето кои таму останаа во неволја и во глад. Ние се грижиме поради тоа што слушаме за многу делови од светот, но и во источна Европа“, рече Штајнмајер.
Тој укажа и на она што ни дава надеж. Во тоа ги наброја солидарноста која граѓаните ја искажаа со жртвите на катастрофалните поплави, но и на многу стари и млади кои се залагаат за животната средина и за борбата против климатските промени.
Тој им се заблагодари на сите кои годинава излегоа на парламентарни избори и така овозможија демократска промена на власта со целосна почит кон другата страна. „Многу граѓани со љубопитност и со надеж ја набљудаат новата влада која врз себе презеде големи задачи“, рече германскиот претседател, укажувајќи на формирањето на владата на чело со канцеларот Олаф Шолц.
Борбата против вирусот сѐ уште трае
Голем дел од обраќањето на Штајнмајер, кој има добри изгледи во февруари повторно да биде избран за претседател, посвети на пандемијата.
„Веќе две години пандемијата го одредува нашиот живот, тука и во целиот свет. Ретко вака сме искусиле на сопствена кожа колку е кревок човечкиот живот и колку е непредвидлива иднината, наредниот месец, наредната недела, па дури и наредниот ден. И во моментов мораме да се воздржуваме во секојдневието поради новата варијанта на вирусот“, рече Штајнмајер.
Тој укажа на потребата да се вакцинираат што е можно повеќе граѓани. „Можеме да се заштитиме себеси и другите! Среќен сум, бидејќи големото мнозинство ја препозна шансата која ја носи вакцинирањето и оти сфати колку тешки страдања и колку смртни случаи со тоа се избегнаа досега“, порача германскиот претседател во божиќниот говор. „Државата не може наместо нас да стави маска, државата не може да се вакцинира. Тоа останува на нас, на секој поединец.“
Повеќе: Митот за поларизирано општество поради ковид
Штајнмајер рече дека сака лично да се заблагодари на „големото, често тивко мнозинство во земјата“ кое со месеци се однесува внимателно и одговорно. Тој рече оти по две години пандемија се шират фрустрации, раздразливост, отуѓување и, за жал, агресија.
„Вистина е дека во демократија не мораат сите да имаат исто мислење. Но, мислете на тоа оти сите ние сме една земја и дека по пандемијата ќе мораме едни на други да си погледнеме в очи.“
Што е слобода?
Пандемијата, како што натаму порача претседателот, сите ги натерала да се соочат со некои нови, но и познати поими како доверба, слобода или одговорност, и се обидуваат да продрат во нивното значење. „Дали е слобода гласен протест против секое правило? Или не значи ли слобода некогаш да се воздржам за да ја заштитам слободата на другите?“
Штајнмајер укажа и на други задачи кои стојат пред Германија како што е заштита на климата каде, исто така, нема да може да има целосен консензус. „Сосема сум сигурен дека сме во состојба да пронајдеме заеднички јазик! Тоа го докажавме повеќепати.“
Претседателот на крајот на говорот во свое и во име на неговата сопруга им посака на граѓаните на Германија среќен Божик и ги потсети на американските астронаути кои пред педесетина години од вселената на граѓаните на светот им порачаа: „Бог да ве благослови сите вас на добрата Земја.“