Борисов отпушта министри за да ги смири протестите
15 јули 2020Илјадници Бугари веќе неколку денови на масовни протести бараат оставка од владата на Борисов поради ендемската корупција која ги слабее државните институции за сметка на моќните тајкуни.
Борисов кој е на власт, речиси непрекинато, од 2009 година, претходно најави дека до крајот на неделава ќе одлучи дали неговата трета влада ќе остане до изборите наредната пролет или ќе распише предвремени.
Опозициските социјалисти кои побараа гласање доверба за владата во парламентот и претседателот Румен Радев, кој е гласен критичар на Борисов, бараат оставка веднаш и вонредни избори.
Борисов одлучи да ги отпушти министрите за да ги запре шпекулациите дека тие соработуваат со турската партија на Ахмед Доган и со нејзиниот главен финансиер, бизнисменот и медиумски тајкун Делјан Пеевски.
„Таквите шпекулации имаат негативно влијание врз партијата“, соопштија од владејачката Герб.
Политичките аналитичари не веруваат дека оставките ќе ги смират протестите и јавниот бес, и можеби е сигнал дека Борисов ги престројува партиските редови за следните избори.
„Со овие оставки Борисов ќе тестира дали тензиите ќе се намалат, но поверојатно се обидува да ја позиционира Герб за следните избори“, вели аналитичарот Даниел Смилов.
Од друга страна, полиција и обвинители извршија рација во две канцеларии на блиски соработници на претседателот Радев. Демонстрантите ги сметаат рациите за напад на Борисов врз претседателот кој е критичен кон владата и нејзините „врски со олигарсите“.
„Актуелниот олигархиски модел на владеење е потрошен и отфрлен од граѓаните“, изјави Радев денеска, барајќи остави од Борисов и од главниот обвинител.