Босанските икони - враќање кон древната традиција
За иконите се смета дека го отсликуваат присуството на Бога меѓу луѓето и заземаат посебно место во православието. Ве водиме во Добој, БиХ, каде студентите на отсекот за црковно сликарство го усовршуваат древниот занает
Икони според описите од Ерминија
Изработката на икони е во тесна врска со збирката на иконописни правила од 14. век- Ерминија, во која се наведени описите на светците и одеждата која ја носат. Важен процес во изработката на иконите, оттука е и нивното пресликување, за да се изучат движењата на старите мајстори.
Најголемиот српски светец
Икона на Свети Сава- изработка на студент по црковно сликарство и уметност во Добој, дел од Православниот богословски факултет „Свети Василије Острошки“ во Фоча. Токму тој оддел се бори за опстанок откако катастрофалната поплава од 2014 година во целост ги уништи просториите кои му беа дадени на користење.
Златопис
Мишо Дамјановиќ, студент на 4. година, вели дека ужива во студиите кои ги одбрал, затоа што добил спој на теологија и уметност. Нешто што отсекогаш го сакал. Сака да почувствува „што значи да се биде уметник и како од исконските корени од Византија да се научат основите“ кои можат да се применат во било кој уметнички правец. Вели дека лепењето на златото му е најтешко.
Како до живи бои за иконите
Боите за изработка на иконите и денес се подготвуваат од пигменти, според стариот рецепт. Откако на дрвената плоча ќе се нанесе емулзија, за конзервација на дрвото и подолготрајна слика, пигментите се мешаат со јајца, а бојата со тенка четка, со прецизни и одмерени движења се нанесува на плочата.
Чекор по чекор
За изучување на иконописот, освен љубов и духовна подготовка, неопходно е и трпение. Во процесот на учење, една икона се изработува повеќе пати пред финалната верзија, како во случајот со овие икони на Св. Јаков и Св. Теона.
Бои кои говорат
Токму поради специфичната изработка на бојата, но и самата изработка на иконата, при која иконописецот мора да постигне одреден духовен мир, православните икони пленат со својот изглед и веродостојно и живописно ги прикажуваат ликовите на светците, како и библиските настани.
Камен по камен
Освен изработката на икони, студентите на Отсекот за црковно сликарство и уметност се обучуваат и во други техники, како изработката на мозаици. Се работи бавно и внимателно, за да не се случи прашината од работата со каменот да им попречи на колегите кои работат на икони.
Едноставни примероци
При изучувањето на изработката на мозаикот, на почетокот се изработуваат само едноставни примероци, за студентите да ги научат основните комбинации и едноставните форми на вклопување на ситните камените коцки. Потоа се преминува на посложени форми, изработка на ликови на светци и библиски призори во мозаици од боја.
Икони во камен
Изработката на мозаиците во христијанството има речиси еднаква важност како и изработката на икони, а самиот мозаик честопати претставува икона во камен.
Цртање на јајце
Вештиот уметник лесно ќе пронајде подлога за своето дело, а студентите од БиХ, учат да сликаат и на јајца. Со насликаните јајца, слично како и со иконите кои ги изработуваат, ја воодушевуваат публиката на изложбите кои повремено ги одржуваат во земјата.