Кристијан Шмит: Ќе се потпирам на младата генерација во БиХ!
30 јули 2021ДВ: Господине Шмит, на 1 август стапувате на функцијата Висок претставник за БиХ, во момент кога состојбата во земјата е можеби полоша од кога било, кога младите заминуваат, кога политичката ситуација е тешка, а функцијата висок претставник изминатите години е ослабена. Што имате намера да сторите за да го промените тоа?
Кристијан Шмит: Ќе се најдат многумина, во извесна смисла и јас, кои велат: Што? Зарем 26 години по Дејтонскиот мировен договор и 26 години по Сребреница е потребна една таква институција, која всушност наметнува извесни ограничувања на таканаречениот „ownership“ (управувањето на земјата од страна на домашните политичари) и на слободниот демократски развој? Но, всушност последните 10 години беа назадувачки и нѐ вратија назад, не само во поглед на Висок претставник туку, за жал, и во поглед на целокупниот развој. И затоа на Босна и Херцеговина сѐ уште ѝ е потребна таква меѓународна поддршка. Јас ќе ја извршувам функцијата со надеж дека во некој момент самиот ќе се направам одвишен.
Што точно имате намера да сторите? Кои се Вашите приоритети?
Мислам дека мора да разјасниме три прашања. Прво: јас во БиХ доаѓам како политичар, а не како дипломат. Предупредувам оти некоја моја реченица можеби нема да биде дипломатски формулирана, но ќе биде јасна. Како прво, морам да нагласам дека излетите направени во последните години, како размена на територии како еден вид на решение или начин за смирување на потенцијалните конфликти на Западен Балкан, не важат. Таквата идеја, едно малцинство да биде заменето со друго, не е одржлива. Поради тоа за нарушување (менување) на територијалниот интегритет на државите на Западен Балкан не може да стане ниту збор.
Второ прашање е како може да се подобри функционалноста на државата во земја која е голема колку (германската покраина) Долна Саксонија, со помал број жители од Берлин, но со над 137 министерства? На кои полиња можат да се охрабрат луѓето? Каде мора да се поедностават работите?
И трето: кога 70 отсто од младите луѓе во БиХ, ако се точни бројките со кои располагам, ја бараат својата иднина на друго место - тогаш тоа не е добро. Мора повеќе да гледаме на младата генерација, како ние во ЕУ, така и Високиот претставник и сите заедно. Бидејќи, не е доволно да се игра на картата на возрасните луѓе. Јас играм на картата на младата генерација.
Вам на одреден начин Ви се врзани рацете. Почетокот на Вашата работа е отежнат од фактот дека Русија ја доведува во прашање легитимноста на Вашето назначување за висок претставник. Милорад Додик од Република Српска, барем за почеток, нема намера да соработува. Како имате намера да ги врзете силите и како ќе се спротивставите на таквиот отпор, за Вашата служба да не биде осудена на неуспех?
Јас сум политичар веќе 30 години - и навикнат сум на тоа, знам како да работам и да се справувам со противречни, спротивставени или поинакви мислења. На сите оние кои сега се обидуваат да се позиционираат или можеби сакаат да го изразат својот гнев, сакам да им кажам дека сум релативно искусен и оти сум доживеал многу работи. Ова сигурно ќе доведе до тоа да не се откажам и да не ја загубам волјата во залагањето за БиХ. И дека мое барање и жалба е да разговарам со сите.
Повеќе:
-Нова надеж за Босна и Херцеговина
-25 години мир во БиХ: Одговорноста на Европа
-25 години Дејтонски договор: Правда за Босна и Херцеговина
Одлуката на Советот за безбедност на Обединетите нации (на 23 јули 2021 година Советот за безбедност го отфрли барањето на Русија, кое беше поддржано и од Кина, за усвојување резолуција со која се повикува на укинување на ОХР) значи зајакнување на позицијата на високиот претставник и неговите овластувања. Ова ми дава добра основа, по преземањето на функцијата висок претставник, да ја извршувам својата должност онака како што ја разбирам и врз основа на одговорностите што ми се доделени од меѓународната заедница.
Јас не сум тука за да застапувам нечии интереси. Морам да бидам таму за сите подеднакво. Ова важи и за Србите. Србите во овој регион, исто така, имаа тешка судбина и доживеаја лоши работи. Затоа некои работи не можат да се гледаат еднострано. Тука ги имаме сите етнички групи, но и „другите“, односно оние кои не се Хрвати, ниту Бошњаци, ниту Срби, на пр. Евреите, но и сите други за кои треба да се погрижам. Затоа на сите им порачувам: Само опуштено!
Голема тема е секако геноцидот и носењето на Законот за забрана на негирање на геноцидот од страна на Високиот претставник за БиХ во заминување, Валентин Инцко. Знаеме каква беше дебатата за тоа во Германија. Каков е Вашиот став?
Ако правилно ги толкувам насоките на ЕУ, тогаш Унијата бара токму таков вид закони, кој е, инаку, етнички неутрален. Не станува збор за тоа дали е во прашање Хрват или Србин, туку дали некој сторил нешто да го носи товарот на вината. Како што гледам, тоа прашање, покрај Високиот претставник, ќе го отвори и самиот пат кон ЕУ. Тоа не може да се тргне од дневен ред. А потоа ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Но, сакам да нагласам една работа - дури и ако некој мисли дека само со таквиот закон можат да се постигнат промени во општеството, многу се лаже. Мора многу повеќе да се работи на информирањето и на начинот на гледање на етничките наративи и тука како сојузник ја гледам младата генерација, иако таа во моментов се индоктринира - во дел на неприфатлив начин.
Ја споменавте младината, која масовно ја напушта земјата. Што ќе сторите за младите да останат во земјата или да се вратат во БиХ? За што се залагате?
Сакам да запре одливот на мозоци. Добро образованите млади луѓе да ја видат својата шанса таму да се развиваат. Сакам етничката разноликост во БиХ, што некогаш се смета за недостаток, да се претвори во предност. И земјата да напредува на економски, научен и на културен план. Ако ни успее во тоа да дадеме свој придонес, да се разбере „ownership“ на тој начин, а не некој под тоа да подразбира гледање во сопствениот џеб, туку грижа за државата и за граѓаните, тогаш би бил задоволен.
Високиот претставник на Обединетите нации за Босна и Херцеговина е одговорен за надгледување на спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор. Кристијан Шмит, од германската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), поранешен германски министер за земјоделство (2014-2018) и пратеник во Бундестагот од 1990 година, е вториот германски политичар по Кристијан Шварц-Шилинг (2006-2007 година), кој ја презема оваа функција.