1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГлобално

Бразил- лабораторија за тестирање вакцини против коронавирус

Астрид Пранге
10 јули 2020

Две од најветувачките потенцијални вакцини против Ковид-19 се тестираат во Бразил. Со своите 1,8 милиони инфицирани лица, земјата може да стане своевидна лабораторија за испитување на вакцини против коронавирус.

https://p.dw.com/p/3f8dB
Symbolbild | Forschung | Impfstoff | Covid-19
Фотографија: picture-alliance/ANE

Во цел свет моментно со полна пареа се работи на пронаоѓање вакцина против коронавирусот. Според наводите на Светската здравствена организација, во моментов постојат 146 иницијативи за развој на средство за имунизација против Ковид-19. Од нив, 19 се наоѓаат во напредната фаза.

Во Бразил, една од најсилно погодените земји во светот, актуелно се вршат тестирања на две од вакцините кои имаат најголеми изгледи за успех, а се наоѓаат во трета фаза на клинички студии. Во оваа фаза вакцините се испробуваат на поголем број пациенти заради проверка на дејството и исклучување нивно негативно влијание кај повеќе различни пациенти. Клиничките студии во фаза 3 за вакцини против коронавирус се први од овој вид во Бразил.

Вакцина за коронавирусот се тестира и во Африка

Вакцина меид ин" Велика Британија и Кина?

Првиот кандидат за вакцина против Ковид-19 во трета фаза на клиничка студија е оној на Универзитетот Оксфорд и фармацевтскиот коцерн АстраЗенека- „AZD1222". Вториот кандидат „CoronaVac" потекнува од кинеската биотехнолошка фирма Синовак (Sinovac).

На крајот на јуни бразилското Министерство за здравство склучи договор со Универзитетот Оксфорд и фарма концернот АстраЗенека. Според информациите на бразилскиот Институт за истражувања „Фиокруз", преку кој се одвива кооперацијата, за време на клиничките студии во првата етапа ќе се произведат 30,4 милиони единици вакцина, што одговара на 15 проценти од количината потребна за нужниот третман на бразилското население. Трошоците за производство и технолошки трансфер изнесуваат околу 127 милиони долари. Ако клиничките студии покажат добар резултат, ќе бидат произведени натамошни 70 милиони дози вакцина.

Повеќе:

САД и Кина во трескавична трка по вакцина за коронавирусот

САД ги купија сите залихи на ремдесивир, за светот не остана ништо

Тешко до вакцина која сите еднакво ќе ги штити од коронавирусот

Регрутирањето на доброволци за тестирање на вакцините од Универзитетот Оксфорд во Бразил во Бразил се одвива од крајот на јуни. Според наводите на Федералниот универзитет Сао Паоло, вклучени се 2.000 доброволци од Сао Паоло и 1.000 од Рио де Жанеиро. Вакцината се тестира и во Велика Британија, САД и Јужна Африка.

Дозвола за клинички студии во фаза три е издадена и за второто потенцијално средство за имунизација против Ковид-19, кое потекнува од кинеската фирма Синовак. Студијата е координирана од реномираниот бразилски биомедицински Истражувачки центар Институто Бутантан, чиј директор Димас Ковас соопшти дека Бразил ќе има пристап до 60 милиони дози вакцина, доколку тестовите се покажат за успешни.

За кинеската вакцина треба да бидат тестирани 9.000 доброволни кандидати од здравствената бранша. Тестирањето почнува на 20 јули. Планот предвидува две интрамускуларни инјекции во временски распон од 14 дена. Официјалниот крај на клиничките тестирања е предвиден за септември 2021 година, но уште порано ќе бидат можни прогнози на успешноста врз основа на етапните резултати. Директорот Ковас се надева, во случај резултатите да бидат убедителни, со вакцинирање да може да се почне на почетокот на идната година.

Клиничките тестови на АстраЗенека и Синовак во Бразил не се составен дел од иницијативата на СЗО, покрената во април заради забрзување на пронаоѓање вакцина против Ковид-19. Во т.н. АЦТ (Access to COVID-19 Tools Accelerator) се здружени меѓународната заедница и бројни истражувачки институции и фондации. Целта е да се обезбеди вакцина како глобално јавно добро, пристапна за целото светско население.