1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бран протести против „робовскиот закон“ во Унгарија

Кено Верзек
17 декември 2018

Унгарија ги доживува најголемите протести во последните години. Тие во прв ред се предизвикани од измените на законот за работни односи, но и од политиките на Виктор Орбан. Своја камео-улога во тоа има и Никола Груевски.

https://p.dw.com/p/3AFYj
Ungarn, Demonstration in Budapest
Фотографија: picture-alliance/dpa/Z. Balogh

Ова е бран на протести, каков што Унгарија долго не доживеала: Со денови илјадници Унгарци демонстрираат против социјалната политика на владата на Виктор Орбан и против антидемократската трансформација на нивната земја. Притоа полицијата во изминатите неколку дена делумно и со голема бруталност и масовна употреба на солзавец реагираше против демонстрантите, откако претходно доаѓаше до спорадични судири со безбедносните сили. Десетици, меѓу нив и неинволвирани луѓе, беа уапсени. Многумина од нив беа ослободени од притвор дури по дванаесет или повеќе часови.

Вчера најнапред мирно се одвиваше масовниот митинг, на кој повикаа не само опозициските партии, туку и унгарските синдикати. Но, подоцна  вечерта, полицијата одново употреби солзавец против демонстрантите додека тие ја блокираа зградата на јавниот радиодифузен сервис. Група унгарски пратеници која имаше слободен пристап до зградата на јавниот сервис, залудно во текот на ноќта се обидуваше да прочита петиција во живо на вестите. Пратениците ја продолжија протестната акција во зградата и денеска утрината, меѓутоа, еден пратеник беше насилно исфрлен надвор од зградата, иако тоа е недозволиво според важечкиот закон, меѓу другото и поради пратеничкиот имунитет.

Ungarn, Budapest: Protest gegen das neue Arbeitsgesetz
Фотографија: picture-alliance/AP/L. Soos

Натамошно обесправување на работниците

Причина за бранот протести се измените и дополнувањата на Законот за работни односи кои беа усвоени во парламентот минатата недела и кои во меѓувреме во јавноста се познати како „Робовски закон“. Законот ја зголемува можната прекувремена работа од  250 на 400 часови, а во исто време на работодавците им се дозволува период од три години за исплатата на прекувремената работа, наместо како досега една година. Законските измени беа усвоени наспроти масовниот протест од страна на синдикатите, опозицијата и граѓанските организации. При гласањето дојде до безредие, бидејќи опозициските пратеници го окупираа подиумот на претседателот на парламентот.

Повеќе:

-Унгарија: Кога сиромаштијата е казнено дело

-Долго очекуван црвен картон за Унгарија

Иако, Виктор Орбан и неговата влада уште пред неколку години во голема мера го реформира на трудовото и даночното право во корист на претпријатијата. Имено, правото на штрајк е силно ограничено, а компаниите во Унгарија плаќаат најниски даноци во цела ЕУ.  Но протести против ова, речиси и да немаше. Синдикатите се слаби и политички фрагментирани, повеќето опозициски партии само ограничено се занимаваат со прашањата за социјалната политика, а невладините организации во последните неколку години, се концентрираат пред сѐ на прашањето на ерозија на владеењето на правото.

Ungarn Proteste
Фотографија: Getty Images/L. Balogh

Фрустрација поради состојбите во земјата

Но,  во меѓувреме се чини дека „робовскиот закон“  го спојува незадоволството на дел од унгарската јавност, бидејќи тој навистина големите социјални проблеми што ги создаде системот на Орбан ги префрла врз работниците, на начин кој многумина го сметаат за срамотен и понижувачки. Во Унгарија има голем недостаток на работна сила поради високиот степен на емиграција, што во голема мерка е последица на фрустрацијата на Унгарците со политиките на Орбан.

Во текот на изминатите осум години, околу 600.000 претежно добро образовани луѓе ја напуштија Унгарија поради тешката политичка клима,   исклучително лошо организираните и недоволно финансираните системи за образование и здравство, и поради тоа што приватните претпријатија во голема мерка зависат од добрата волја на владата. Сега таа сака да се справи со големиот недостиг на работна сила, така што едноставно ги зголемува дозволените часови за прекувремена работа.

Меѓутоа на протестите се изразува незадоволство не само за „робовскиот закон“,  туку и за други правни акти кои ѝ бодат очи на ел од јавноста. Исто така незадоволство во Унгарија предизвика и тоа што поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој беше правосилно е осуден на затворска казна поради корупција доби азил во Унгарија по скратена постапка  - и сега со задоволство посетува луксузни ресторани во Будимпешта. Според една нова анкета, мнозинството Унгарци, исто така, севкупно ја смета корупцијата во земјата за поголем проблем од опасноста од миграцијата на која постојано го потсетува Орбан и неговата влада.

Mazedoenien Nicola Gruevski und Viktor Orban
Фотографија: picture-alliance/dpa/epa/L. Soos Hungary

Уште колку долго ќе продолжат протестите не може да се предвиди - опозициските партии во секој случај за наредните денови повикаа на протестни митинзи. Владата на Орбан пак на демонстрациите одговори на, за неа, својствен начин - вели дека протестите се иницирани од американскиот милијардер Џорџ Сорос и силите кои стојат зад него, како и од луѓе кои сакааа да  ја преплават Унгарија со мигранти. Покрај тоа, протестите, обвинува владата, учествуваат и провокатори и странски криминалци, а нивната цел е: деградирање на угледот на Унгарија во странство.