Братот на Ал-Бакр најавува одмазда
15 октомври 2016Во видео-интервјуто за Дојче веле, Алаа ал-Бакр по смртта на својот брат вели: „Мојата реакција како Арап е одмазда.“ На потпрашањето што значи тоа, дополнува: „Разбираш, не сакам ништо да додадам, ќе дојдам како бегалец.“
Во првото интервју откако неговиот брат бешенајден обесен во затворската келија во Лајпциг, неговиот брат тврди дека Џабир ал-Бакр не бил терорист. Џабир му раскажувал за обидите на некои имами во берлинските џамии да го радикализираат, кратко време го подложувале на „перење на мозокот“, но сепак тоа не им успеало, тврди Алаа ал-Бакр: „Ако тоа им успеало, тој би се вратил во Сирија и не би се враќал потоа во Германија“.
Обвинувања на сметка на германската полиција
Во интервјуто за Дојче веле, Алаа ал-Бакр бара предавање на телото на неговиот брат, истовремено најавувајќи правни чекори против покраинските власти во Саксонија и обвинувајќи ја германската полиција за убиство на Џабир. „Ќе поднесам тужба против полицијата“, најавува Алаа ал-Бакр. Според негови наводи, тој има 30 години, женет е и живее со родителите и еден брат и седум сестри во близина на Дамаск. Семејството, како што тврди, живее од приходи од трговија и земјоделство. Родителите пак го сметаат Џабир за маченик и се горди на него.
Ал-Бакр беше совладан од тројца негови сонародници во еден стан во Лајпциг. Тие го врзале и ја повикале полицијата. Тројцата Сиријци, инаку во Германија стигнати како бегалци, ги негираат обвинувањата на Ал-Бакр при неговото сослушување дека се негови соучесници. Напротив, тие се чусвтвувале исто така загрозени од него. Поради страв од одмазда на ИД, тројцата сириски бегалци моментно се наоѓаат скриени кај свои пријатели во други германски градови.
Укажувања од американска тајна служба
Според извештај од весникот „Велт ам зонтаг“, клучните укажувања за осомничениот терорист дошле од американска тајна служба. Таа пресретнала телефонски разговори на Ал-Бакр со припадник на ИД во Сирија, за што ги информирала германските надлежни служби. Во еден од снимените разговори станувало збор за производство на експлозивен материјал и можни цели за напади. Напад врз голем аеродром во Берлин би бил подобар отколку напад врз возови, рекол Ал-Бакр, според пишувањето на „Велт ам зонтаг“, кој се повикува на извори од истрагата.
Ал-Бакр шпионирал на аеродромот
Германската телевизија РББ и весникот „Берлинер пост“ известуваат дека Ал-Бакр неколку недели пред апсењето бил на еден од двата берлински аеродроми. Во втората половина од септември тој престојувал во Берлин, каде преноќил една ноќ, а се претпоставува дека притоа се сретнал со лице за контакт. Неговиот престој во германската метропола играл важна улога во планирањето на напад.
По самоубиството на Сириецот во затворот во Лајпциг, политиката, судството и полицијата во покраината Саксонија се наоѓаат под се‘ поголем притисок. Покраинскиот министер за правда Себастијан Гемков е постојано на тапет, а покраинскиот премиер Станислав Тилих призна постоење пропусти, но отфрли персонални консеквенции.
Се заговара централен затвор за осомничените терористи
Во меѓувреме, синдикатот на врабитените во затворските установи во Долна Саксонија се залага за централно сместување на осомничените за тѕероризам во Германија. „Недозволиво е потенцијалните терористи да бидат сместувани во регуларните затвори“, изјави покраинскиот претседател на синдикатот, Уве Елкерс за „Ноје оснабрикер цајтунг“. Според него, овие установи не се погодни за престој на вакви осомничени. „Најприфатливо решение би било централен затвор во близина на надлежното сојузно обвинителство“, потенцира Елкерс. Тој се става во одбрана на работата на своите колеги во Саксонија, каде осомничениот Џабир Ал-Бакр се обеси во затворска келија во средата. „Вработените направиле се‘ што е во нивна моќ, ним не може ништо да им се префрли“, изјави Елкерс.
Инаку, осомничениот за тероризам, сириски бегалец Ал-Бакр успеа да ѝ избега минатиот викенд на полицијата и покрај големата потрага. Тој успешно се криеше сѐ додека негови сонародници не го препознаа и не ѝ го предадоа на полицијата.
Но потоа, тој успеа да си го одземе животот во затворската келија, иако затворските чувари биле сензибилизирани за таквата опасност.