Брегзит повторно во криза
7 септември 2020Во уште еден пресврт во четиригодишната сага откако Британија гласаше за напуштање на ЕУ, владата на премиерот Борис Џонсон наводно планира нова легислатива во спротивност со постигнатиот договор за Брегзит кој го потпиша во јануари годинава. Таквиот чекор може потенцијално да го загрози целиот договор и да предизвика поделби во Северна Ирска за која беа направени специјални аранжмани со цел да се избегне поставување граница со Република Ирска, што пак може да има штетни ефекти врз мировниот договор.
Делови од новото британско законодавство ќе ја „елиминираат законската сила на делови од договорот за заминување од ЕУ“ во однос на државната помош и царината на Северна Ирска, јави весникот Фајнаншл Тајмс повикувајќи се на три извори во владата во Лондон.
ЕУ дипломатите се вџашени и предупредуваат дека таков чекор ќе го оцрни глобалниот престиж на Британија и ќе ги зголеми шансите за хаотично излегување на Лондон од ЕУ на 31 декември.
Официјални британски претставници засега не ја потврдуваат информацијата, ниту ја негираат. Владин портпарол изјави дека Лондон ќе работи на решавање на постојните несогласувања околу Северна Ирска со ЕУ, но се разгледуваат и резервни опции.
„Ние секогаш го задржуваме правото да реагираме во најдобар интерес на Северна Ирска и на внатрешниот пазар на Обединетото кралство“, изјави портпаролката.
Британија ја напушти ЕУ на 31 јануари, но преговорите за трговскиот договор пред крајот на транзицискиот период се закочени околу прашањата за државната помош и рибарството. Лондон постави краен рок до 15 октомври за постигнување договор.
„Доколку не се договориме дотогаш, не гледам дека ќе има договор за слободна трговија меѓу нас, и тоа ќе треба да го прифатиме и да продолжиме натаму“, изјави премиерот Борис Џонсон.
Европски дипломати велат дека Британија игра „плашливец“ со Брисел, заканувајќи се дека ќе го уништи процесот и принудувајќи го Брисел дополнително да преговара. Некои сметаат дека излезот од ЕУ без договор би бил погоден начин за Џонсон да го избегне негативниот публицитет поради кризата со коронавирусот.
Без договор, под прашање ќе биде доведена меѓусебната трговија вредна околу 900 милијарди долари годишно, како и правилниците за производство на речиси сѐ: од делови за автомобили до медицина и овошје.