Брегзитот ѝ донесе грижи на Грција
6 јули 2016На неодамнешниот самит на ЕУ наводно токму Алексис Ципрас покажал смисла за британски хумор. Според атинските медиуми, грчкиот левичарски премиер го критикувал британскиот колега по функција Дејвид Камерон со зборовите дека е вчудовидувачки што референдумското решение на избирачите го затекнало неподготвен. Како што можело да се дознае, со тоа Ципрас ги разведрил колегите, оти и самиот пред една година во својата земја повика на отфрлање на сите барања за штедење и со тоа извојува победа на референдумот – за малку подоцна целосно де се повлече од таквите барања. Стефанос Касиматис, колумнист на атинскиот весник „Катимерини“, правејќи виц на таа тема, го советува Камерон да се инспирира од Ципрас и јасното референдумско „не“ волшебно преку ноќ да го претвори во „да“.
Економскиот аналитичар Костас Ступас не гледа причина за шега. Тој е загрижен за грчкото стопанство по британското изјаснување за брегзит. Во разговор за ДВ вели дека веќе и самата реакција на атинската берза на навестува ништо добро: „На првиот ден по референдумот грчката берза доживеа поголем пад од берзите во Лондон или Франкфурт. За само неколку часа таа загуби 10 проценти и сѐ уште не е докрај опоравена“. Гувернерот на грчката централна банка Јанис Стурнарас, напротив, се обидува да увери дека последиците од брегзит, барем за извозно ориентираните претпријатија, би биле ограничени, оти, како што вели за весникот „То Вима“, Грција и онака нема голема трговска размена со Велика Британија.
Загриженост за туризмот
Се стравува дека работите стојат полошо кога е во прашање туризмот -единствената искра на надеж на земјата. Велика Британија е втор по значење пазар за грчките хотелиери, секоја година преку два милиона Британци го минуваат одморот во Грција. Само во периодот од јануари до април годинава, кога брегзитот уште изгледаше некако далечно, е забележан пораст на британски туристи од девет проценти во споредба со лани. Во случај на рецесија или подолго време на несигурност во Велика Британија, Грција ќе мора да смета на големи загуби во туризмот, предупредува аналитичарот Ступас. Истото се заканува и ако фунтата подолгорочно тендира кон слабост во однос на еврото: „Ако загусти, секој прво штеди кај одморот“, вели тој.
Таквата загриженост ја потврдува и изјавата на здружението на грчките хотелиери – СЕТЕ, дека несигурноста за иднината на Велика Британија веќе годинава ќе донесе проблеми за туризмот, оти половина од британските туристи кои доаѓаат во Грција резервациите ги прават доцна и сѐ почесто се определуваат за понуди во последен момент. „Со оглед на несигурноста по референдумот, сега многумина Бртитанци можеби ќе ги сменат своите планови за одмор и ќе се откажат од патување во Грција. Од тоа сме загрижени“, вели за ДВ Ксенофон Петропулос, портпарол на СЕТЕ. Економистот Ступас предупредува дека евентуалните загуби за грчкиот туризам на британскиот пазар не само што би биле тежок удар, туку би го загрозиле и спроведувањето на тековниот план за економски спас на Грција. „Реализацијата на програмата и очекувањата на Комисијата на ЕУ дека Грција веќе годинава ќе се врати на патека на стопански пораст, се под предуслов дека туризмот ќе даде важни импулси за пораст. Ако тие изостанат, мора наново да се прават сметки“, образложува експертот Ступас.
Обѕири од кредиторите? Грешка!
Грција дури во јуни доби зелено светло за исплата на итно неопходната кредитна транша од 7,5 милијарди евра. Најдоцна во октомври ќе претстои наредната проверка на грчките реформски напори. Но, премиерот Ципрас повикува по брегзит Европа да го замени „штедењето со пораст“. Според информациите на „Катимерини“, на последниот самит на ЕУ Ципрас рекол дека со оглед на рецесијата што се заканува, би морале „да бидат преиспитани барем некои аспекти на грчката програма“. Ќе ѝ излезат ли европските партнери посилно во пресрет на Грција по гласањето за брегзит, за да се избегнат натамошни турбуленции во европското семејство?Економистот Ступас смета дека грчката влада игра токму на таа карта – но без изгледи за успех: „Тоа очекување нема врска со реалноста. Токму тврдиот став спрема Британците јасно покажува дека ниедна ЕУ-држава не смее да ги крши правилата“. И Панајотис Јоакимидис, професор по европска политика на атинскиот универзитет, не гледа никаква алтернатива за програмата за спас. Токму затоа што европските партнери сакаат да избегнат натамошни кризи, тие во иднина уште попедантно ќе внимаваат Грција да ја спроведе програмата, вели тој за ДВ. Ципрас сака да извади од ракав уште еден адут: според грчката државна телевизија, тој италијанскиот колега по функција Матео Ренци имаат намера да работат за создавање медитеранска оска за поттикнување на стопански пораст во Европа. Тоа не е добра идеја, оценува професорот Јоакимидис: „Создавање таква оска би било катастрофално за Грција. Со тоа самите би се сместиле во таканаречената Европа со две брзини, што ние според сопствени наводи сакаме по секоја цена да го избегнеме“.