Брисел или Москва, господине Вучиќ?
4 април 2022Дали некој очекуваше нешто друго? Не баш. Александар Вучиќ, џинот со „бејбифејс“, е победник на изборите. Стариот е и нов претседател. Го опишуваат како автократ или режисер на „хибридна демократија” и се обидуваат на тој начин да го делегитимираат, но рецептот за успех на овој моќник, кој десет години шета од една функција на друга, лежи во економијата.
Помладата генерација седи со спакувани куфери, ако веќе одамна не е во Виена или Франкфурт. Оние кои остануваат ретко имаат нешто против Вучиќ. Српскиот БДП по глава на жител во изминатите пет години бележи пораст од завидни 40 проценти. Стапката на невработеност е намалена, државниот долг се држеше во граници, девизните резерви се полни.
Без идеологија до победа
Тоа очигледно „пали“, зашто се чувствува во фрижидерот и на сметката во банка. Вучиќ, проколнуваниот стабилократ, кој ги угнетува медиумите, дели работни места според партиска книшка и ги контролира полицијата, тајните служби и правосудството, во никој случај не ги доби изборите со националистички патос. Напротив!
Политиката на Вучиќ е речиси ослободена од идеологија. Неговата Српска напредна партија (СНС) е „Catch-all“-движење, кое ги „прегрнува“ сите и сѐ. Опозицијата ја претвори во џуџе, ги маргинализираше екстремните националисти. Програмата на СНС се вика Вучиќ, единствена идеологија е моќта.
Но, сега мора да се одлучи - Брисел или Москва?
Блискоста на Белград со Москва, често опишувана како „патолошка љубов”, е на тежок испит во текот на војната во Украина.
Прашање на идентитетот
„Прости им, не знаат што сакаат“ – вака може да се опише ситуацијата во Белград. Вучиќ жонглира помеѓу Истокот и Западот, исто како што тоа своевремено го правеше Тито. Од Русите, кои им се такаречи најдобри пријатели, Белград добива гас по пријателска цена, но во истовреме веќе 15 години добива и алиментација од Брисел - досега речиси три милијарди евра. За влез во ЕУ се преговара веќе осум години, заводливо бавно.
Токму тука сега стигнува ветер во грб за малодушните пристапни преговори. Војната во Украина промени многу нешта. Брисел со години како мантра ги повторуваше барањата во правец на земјите од Западен Балкан, а сега ја отвора ширум вратата на ЕУ. Одеднаш веќе не се најважни гаранциите за владеење на правото, за слободни медиуми или за спречување корупција. Сега земјите од Југоисточна Европа - особено Србија - треба да бидат заштитени од надворешнополитичкиот апетит на Путин. Но, Белград мора да се одлучи.
Мала критика за Москва
Историскиот словенски пријател, Москва, му е драг и скапоцен на Белград. Православниот брат одамна со вето во Советот за безбедност на ОН го блокира приемот на Косово во светската организација. Белград сè уште не сака да се откаже од таканаречената „колевка на српството“. Поранешната покраина прогласи независност уште во 2008 година - нешто што Белград и Москва не го прифаќаат, но во меѓувреме го прифатија речиси 100 земји кои го признаа Косово.
Значи, не е чудно што Вучиќ само тивко ја поддржува резолуцијата на ОН против Русија. Тој ги отфрли санкциите, но тогаш важеа правилата на предизборна борба во Србија. Сега гласовите се пребројани, моќникот Вучиќ ја зацврсти позицијата и однесе победа.
Отсега натаму прашањето гласи: Што ќе прави со сета оваа поддршка? Рускиот напад на Украина му овозможи на Белград XXL-понуда на добредојде од страна на Брисел. Тоа е историска шанса. Србија е европска и треба да стане ЕУ-европска. Тоа би било добро за целиот регион.