Брисел собра 7,5 милијарди евра за вакцина за коронавирусот
4 мај 2020На видео-конференциски самит, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изјави дека бараните 7,5 милијарди евра со кои треба да се финансира пронаоѓањето на вакцина, новите третмани и подобри тестови за откривање на болеста, ќе бидат само првичен влог во битката со вирусот.
„За да стигнеме до сите, насекаде, веројатно ќе ни бидат потребни пет пати повеќе“, рече Гутереш.
Само два часа по почетокот на самитот чиј домаќин беше ЕУ, донаторите ветија 5,4 милијарди евра, а до неговото завршување беа собрани 7,4 милијарди. Луѓето низ светот, и особено во Европа неделава внимателно започнаа со враќање на работните места, но властите предупредуваат дека е можен втор бран на инфекцијата, и вакцината е единствениот инструмент кој може да овозможи враќање во нормала.
„Реалноста е дека ќе мора да научиме да живееме со вирусот се додека не се развие вакцина“, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најавувајќи ја донацијата од една милијарда евра од ЕК.
„Ќе биде потребно повеќе. Ова денеска е само почеток на глобалниот маратон на донации“, рече Фон дер Лајен.
Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека е во тек „трка со времето“ и донираше 500 милиони евра од име на неговата земја. Целта на конференцијата беше да се соберат 4 милијарди евра за истражувања за вакцина, околу 2 милијарди евра за третмани и 1,5 милијарди евра за тестирање.
САД и Русија не учествуваа на собирот.
Меѓу најголемите донатори беа Јапонија со 800 милиони долари, Германија со 525 милиони евра и Холандија со 192 милиони евра.
Околу 100 истражувачки групи се во потрага по вакцина, а од нив десетина се во рана фаза на тестирање врз луѓе. Но засега нема начин да се предвиди дали и која вакцина ќе биде безбедна за употреба. Дури и да се пронајде вакцина таа отпрво нема да биде на располагање за сите. Неколку производители на вакцини признаваат дека почнале да креираат милионски дози со ризик дека ќе загубат милиони долари доколку вакцината се покаже неуспешна, но од друга страна- ќе се заштедат месеци за брза вакцинација.