Британски фирми се „вооружуваат“ за тврд Брегзит
25 февруари 2019Во халите на лондонскиот производител на велосипеди на склопување Бромптон и натаму се заварува, се зашрафува и секој еден дел рачно се составува. За неколку недели Обединетото Кралство би можело да ја напушти ЕУ без регулатива за идните економски односи, па не е јасно уште колку време ќе врви работата во Бромптон. Компанијата 71 проценти од своите производи ги извезува, но голем дел од околу илјада делови кои се потребни за секој еден велосипед ги увезува од други земји. Менаџерот Вил Батлер-Адамс до ден-денешен не знае дали и како неговата компанија во Брегзит-неделите по крајот на март ќе може да добие нови делови. „Ако заради Брегзит на пристаништата се одолговлекува доставата на делови, ќе имаме голем проблем. Тоа е реален ризик."
Превенција за сценариото на најлош можен исход
Батлер-Адамс покажува на деловите од еден електричен велосипед. Некои делови се од Белгија, тркалата од Франција, цревата од Германија и многу делови од хардверот се од Индонезија и остатокот од светот. Најдобрата подготвка за најолошото можно сценарио, според него, е да се пополнат резервите до максимум. „Имаме делови кои се произведуваат и во Велика Британија", вели тој, „но, производителот исто така своите делови ги увезува од Португалија. Затоа ги советуваме и нашите доставувачи и тие од своја страна да ги зголемат резервите."
Во производната хала на Бромптон веќе се множат кутии и картони до таванот висок 20 метри. Повеќе од еден милион поединечни делчиња Бромптон веќе има во резерва, инвестиција која би можела да биде исплатлива.
Многу компании складираат резерви
Ако работата престане на крајот на март, Бромптон би изгубил и до 50 илјади фунти за само неколку дена. Долгорочно би настанала ситуација која ја загрозува егзистенцијата на компанијата која досега експандираше и која пред само две години почна да работи и во новата работилница во Гринфорт, на западот на Лондон.
Повеќе:
-Брегзит ја парализираше Британија
-Сони го сели европското седиште од Лондон во Амстердам
„Да се складираат резерви за несигурни времиња", тоа звучи како добронамерен совет од баба и дедо, кој сепак во времиња на Брегзит го применуваат фирми со седишта во Велика Британија од сите можни бранши. Најголемиот ланец маркети во Англија, Теско, според магазинот Политико веќе има резерви фрижидери, производителот на луксузни кревети Сејвиор Бедс има резерви коњски влакна од Аргентина, кои преку Швајцарија ги транспортираат во Англија.
Врне златници за складиштата
Британскиот министер за економија Ричард Харингтон неодамна нештата ги сумираше вака: „Речиси секој квадратен сантиметар" складиште во Велика Британија е полн.
„Фајненшл Тајмс“ цитира индекс на ИХС Маркит базиран на резултатите од анкета дека резервите во Велика Британија се толку големи колку што не биле од 1992 година. Само во изминатите 18 месеци резервите на готови производи се зголемиле како никогаш досега.
Капацитетите за складирање се кнап
„Како претприемачи во логистичката бранша човек мора во најдобар случај да испланира десет проценти под максималната проценка за оптоварување, за да може спонтано да реагира. Кај нас, на пример, палетите достигнуваат речиси до плафонот", вели Нил Пауер, портпарол на компанијата за транспорт и логистика НХ Груп.
Тоа конкретно значи: 95% од 9300 кубни метри површина за складирање се веќе зафатени, а постојано доаѓаат нови барања. Количеството стока која нема да го напушти магацинот денес или утре, туку треба да останат до пролет или лето како производствена резерва, постојано се зголемува. Компаниите како Бромптон со тоа си купуваат безбедност и време во случај да настане хаос со Брегзит.
Поради тоа се зголемуваат цените за закуп на простор за складирање, а оваа бранша се шири – постојано се бара простор за градба на нови складишта и се градат нови. Брегзит се чини како добивка на лотарија за компаниите како НХ Груп. Нил Пауер е задоволен, но и скептичен и малку ја смалува еуфоријата. „Мора да внимаваме да не го загубиме контактот со нашите редовни клиенти“, вели тој. Ситуацијата воопшто не е едноставна. „Многу од нашите клиенти се од Европа. За неколку недели ова сѐ може да заврши."
Тој додава дека растот во индустријата за логистика нема да се одрази кон реален пораст на побарувачката. Се работи само за стока купена предвреме. „Ова е само моментална ситуација."
Поради тоа, исто како што сега, пред Брегзит, складиштата се полни, за многу брзо време може да бидат и празни, ако стоката заглави на улиците, пристаништата и аеродромите како последица на тежок Брегзит, стравува Пауел. Нему затоа му е поважна безбедноста и стабилни економски односи меѓу ЕУ и Велика Британија, отколку со неговата компанија краткорочно да оствари огромен профит на сметка на Брегзит.
Ниту Вил Батлер-Адамс не сака да биде погоден од „златниот дожд". „Мора да ја преживееме првата фаза на Брегзит", вели тој. „Потоа ќе се снајдеме некако". Поради тоа тој изнајмил и дополнителен простор за складирање во близина на лондонскиот аеродром Хитроу – и сето тоа под мотото: подобро да складираш отколку да те снајде хаос.