Бугарија бара „конкретни чекори“ за да го тргне ветото
12 мај 2022Бугарија е подготвена да се согласи за одржување на првата меѓувладина конференција со Европската Унија тогаш кога ќе види конкретни чекори и гаранции од македонската Влада дека прашањата не се одложуваат, туку се решаваат. Ваква порака испрати заменик-шефот на бугарската дипломатија, Васил Георгиев, по трилатерална средба во Атина, на која учествуваше заедно со неговата колешка од Романија, Даниела Григоре Гитман и грчкиот колега Милтиадис Варвициотис, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што јавува МИА од Атина, Георгиев посочил дека оти Бугарија ја поддржува интеграцијата и на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ, но од земјата бара конкретни чекори и гаранции, особено, како што вели, во полето на Договорот за добрососедски односи од 2017 година. „Има некои чекори што треба да се преземат од Владата на Република Северна Македонија, особено на полето на исполнување на нивните обврски, согласно нашиот Договор за добрососедски односи од 2017 година. Би сакале некои конкретни чекори и да видиме некои гаранции дека прашањата меѓу нашите две соседни земји нема да бидат одложени, туку се обидуваат да се решат. Кога ќе видиме конкретни чекори и гаранции, подготвени сме да се согласиме за првата меѓувладина конференција“, вели Георгиев.
Бранувања во Бугарија
Ваквите изјави доаѓаат во период на засилени шпекулации дека бугарскиот премиер Кирил Петков би можел на 24 мај да го крене ветото за Северна Македонија и Албанија, со што ќе се отвори патот за нивна брза евроинтеграција. Ваквата можност ја бранува Бугарија, особено бугарски националисти кои излегоа на антивладин протест во центарот на Софија, барајќи оставка од премиерот Петков поради „подготвување на предавство на бугарските интереси“.
-повеќе на темата: Петков има желба да се реши спорот - останува малку време до јуни
Бугарскиот државен врв изминатиов период во неколку наврати тврдеше дека е под голем притисок да го тргне ветото, а ова прашање се најде на масата и на неодамнешните средби и разговори на бугарскиот премиер Кирил Петков при посетата на САД. За време на средба во Вашингтон меѓу демократскиот сенатор Крис Марфи и бугарскиот премиер Кирил Петков, било потенцирано дека САД поддржуваат „заклучок кој обезбедува пат напред кон решавање на спорот“.
„Разговаравме и за важноста од напредок на билатералните разговори со Северна Македонија за деблокирање на патот на Скопје кон членство во Европската Унија. Членството на Северна Македонија на крај е во интерес на Бугарија и јас јасно ја ставив до знаење поддршката на САД за заклучок кој обезбедува пат напред“, соопштија од канцеларијата на сенаторот. Покрај Марфи, и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен на бугарскиот премиер му ја истакнал „важноста од брз пристап во ЕУ за квалификуваните аспиранти“.