1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија со пет барања до С. Македонија

ДТЗ
25 јуни 2021

Се бара С. Македонија да „престане со малцински претензии“, да се рехабилитираат жртвите од југословенскиот комунизам, да се отстранат табли кои шират омраза...

https://p.dw.com/p/3va9F
Bulgarien Sofia Parlament Narodno Sabranie
Фотографија: nstanev/Fotolia

„Поддршката за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан останува приоритет на бугарската надворешна политика. Решени сме да го продолжиме дијалогот со Северна Македонија и фокусирани сме на изнаоѓање прагматични, одржливи и заемно прифатливи решенија за предизвиците наследени од минатото“. Ова се наведува во соопштението на бугарското МНР, во кое се додава дека Софија била принудена да ја одложи поддршката за почеток на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ на состанокот на Советот за општи работи. 

Во соопштението се посочуваат пет точки, на коишто се тврди дека се  обврзала македонската страна на последната средба во Софија на 17 овој месец, за време на средбите на премиерот Зоран Заев со претседателот Румен Радев и техничкиот премиер Стефан Јанев.  Македонската страна, пак, тврди дека на средбата во Софија на маса биле ставени идеи за натамошни разговори, но не биле преземени никакви обврски. 

Барања

Според бугарското МНР, првата точка од договореното е македонската делегација да потврди пред ОН дека краткото и долгото име на земјата се однесуваат само на политичкиот субјект „Република Северна Македонија“, а не на географскиот регион „Северна Македонија“, чиј дел се наоѓа во рамките на суверените граници на Бугарија.
Понатаму се бара „Република Северна Македонија конечно да ги повлече своите малцински побарувања кон Бугарија“, потврдувајќи дека не постојат историски, етнички и други основи за барање статус на малцинство за која било група на луѓе кои не се нејзини државјани на територијата на Република Бугарија. РСМ да започне процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам, репресирани на нејзината територија поради нивната бугарска самосвест. „Овој историски гест од страна на РСМ во пракса би го одразувал нашиот заеднички европски цивилизациски избор“, се вели во соопштението.

-повеќе на темата: Радев: Нема да кажеме „да“ се додека С. Македонија ја краде бугарската историја

Според четвртата точка, Северна Македонија треба да ја прилагоди со Бугарија содржината на наставни програми, со цел „објективно да ја рефлектира заедничка историја со цел елиминирање на образовната содржина која што влева омраза кон Бугарија“. Последната точка е отстранување на таблите и натписите на територијата на С. Македонија кои шират омраза кон Бугарија и Бугарите.

Писмо

Министерот за надворешни работи, Светлан Стоев денеска испратил писмо до неговиот колега министерот Бујар Османи, во кое изразил очекување за исполнување на преземените обврски и подготвеност од бугарската страна да се изнајдат трајни и одржливи решенија.

Belgien | Bilaterales Treffen Zoran Zaev und Rumen Radev
Бугарскиот претседател Румен Радев порача дека европската перспектива на Скопје зависи само од Софија.Фотографија: Government North Macedonia


Бугарија бара ефективната имплементација на Договорот да биде еден од критериумите за пристапување во рамката за преговори за Република Северна Македонија. Притоа се наведува дека станува збор за внатрешен процес во ЕУ и дека отворениот пристап за тоа од страна на Скопје е за поздравување. Бугарската страна  бара сигурни гаранции дека нивните „фундаментални интереси нема да бидат нарушени“. „Мора да се запре практиката на газење на правата на луѓето со бугарска самосвест во Република Северна Македонија. Ние се држиме до целосната и ефективна имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година “, се истакнува во соопштението на бугарското МНР.

-повеќе на темата: Ни Заев ни Бучковски сега не треба да одат во Софија

Ваквото соопштение следи по пораката којашто ја испрати бугарскиот претседател Румен Радев дека европската перспектива на Скопје зависи само од Софија.Премиерот Зоран Заев денеска порача дека преговорите со Софија треба да бидат одвоени од критериумите за почеток на преговори со ЕУ. Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска вели дека бугарскиот став во однос на земјава е се помалку разбран од европските партнери кои тоа и отворено го покажуваат.

Османи: не сме презеле никакви обврски

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во емисијата на Канал 5 телевизија „Само вистина“ рече дека на средбата во Софија не биле преземени никакви обврски во врска со наводите што попладнево ги објави бугарското МНР. Османи вели дека во Софија бил направен дијалог, биле ставени идеи за натамошни разговори на ниво на размена на идеи, а не биле преземени никакви обврски.
Портпретседателот на на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски „Трилинг“ на 24 ТВ, обвини дека С. Македонија со Заев не може да добие датум поради тоа што едно се кажува во јавност, а друго се ветува, едно се зборува на состаноци кога очекувањата се кренале на бугарска страна и сега не може да се реализираат, но и поради резерви на други земји членки заради недоволна борба со криминал и корупција
Според Николоски, не е само Бугарија која го кочи процесот на преговори, има и други земји кои мислат дека Македонија и Албанија не се спремни пред се во борба против организиран криминал и корупција, реформи на јавна администрација и начинот на спроведување на реформи во безбедносните служби.„Бидејќи десетици одлуки се носат со консензус, има важни одлуки и за Бугарија, ако Македонија ги исполни своите обврски, земјите членки на ЕУ ќе има како да ја условат Бугарија да не ја блокира Македонија“, рече Николоски.