Бугарија игра топло-ладно со ЕУ датумот
19 ноември 2021По краткотрајните надежи дека е можно да се стопи бугарската блокада на македонските евроинтеграции по изборите во двете земји, повторно се заладуваат односите по последните најави од Софија дека во декември нема да поддржат почеток на преговорите за Северна Македонија.
Поранешниот бугарски заменик-министер за надворешни работи, Љубомир Ќучуков за БНТ изјави дека Бугарија е под многу силен меѓународен притисок да го повлече ветото, но дека рокот за тргање на ветото за почеток на преговорите на Скопје со ЕУ е прекраток.
„Во сегашните услови, кога во Бугарија претстојат преговори за формирање влада, нема начин да се донесе таква одлука пред самитот на ЕУ“, вели Ќучуков. Тој додава дека е важно да се види дали декларираниот став на лидерите на „Промената продолжува” Кирил Петков и Асен Василев за „нов пристап” во преговорите со Република Северна Македонија, ќе се трансформира во евентуалната коалициска платформа на идната бугарска влада или ќе стане нејзина официјална политика.
Тој смета дека во пракса Бугарија ја изгубила сета своја предност како земја членка на ЕУ, бидејќи ниту една земја од Унијата не ја поддржува Софија. Сепак, додава тој, Бугарија во последните шест месеци го преакцентира својот пристап кон Северна Македонија, откако во март годинава претседателот Румен Радев стави фокус на заштитата на човековите права на македонските Бугари.
„Бугарија мора да работи на изнаоѓање решение и тоа мора да биде заемно и по пат на дијалог. Бугарија е заинтересирана да се најде такво решение бидејќи времето работи против бугарскиот интерес“, вели Ќучуков.
Поинаков пристап
Актуелниот претседател на Бугарија и кандидат за втор мандат Румен Радев и независниот кандидат поддржан од ГЕРБ-СДС, Анастас Герџиков, на дебата на БНТ во пресрет на вториот изборен круг се осврнаа и на нивните позиции во однос на спорот со Македонија.
Претседателот Румен Радев порача дека Бугарија не може да каже „да“ за Северна Македонија за членство во ЕУ пред „да запре кршењето на човековите права на Бугарите во земјата и систематската дебугаризација што се води со децении, како и уништувањето и фалисфикувањето на бугарското културно и историско наследство, и пред да се искорени говорот на омраза во учебниците и натписите на музеите и институциите, во државните медиуми и МАНУ“.
„Во моментов вратата за преговори за Северна Македонија останува затворена“, е последната порака којашто ја испрати Радев.
Герџиков, пак, вели дека е потребен поинаков пристап во односите меѓу двете земји, но не од Бугарија, туку од Северна Македонија. „Бугарија сака да се почитува Договорот за добрососедство, што значи почитување на правата на Бугарите во Северна Македонија, запирање на говорот на омраза, да се подобри транспортната поврзаност“, вели тој.
Ваквите пораки следат откако и бугарското МНР испрати порака дека Софија нема да поддржи почеток на преговорите за Северна Македонија. Даниел Лорер од коалицијата „Промената продолжува", претходно исто така изјави дека 14 декември не е реалистичен рок за постигнување целосен договор со земјава.
Бугарските барања се непристојни
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека тоа што го бара Бугарија од Македонија и македонскиот народ е непристојно и нема врска со европските вредности. Тој во изјава во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ, истакна дека мора да постои реципроцитет, но и не може во 21 век некој да го оспорува правото на јазик, идентитет, историја и култура,
Тој вели дека Бугарија треба да ги почитува одлуките на Судот за човекови права во Стразбур и декларациите кои ги има донесено Европскиот парламент за почитување на правата на оние луѓе кои се идентификуваат како Македонци во Бугарија и кои се засебни од Бугарите со своја традиција култура, обичаи и дека оспорувањето не е европска вредност на 21 век.
-повеќе на темата: Контрапродуктивна политика: Софија го предизвикала говорот на омраза во Скопје, заклучува бугарска студија
И покрај тоа што сигналите од Бугарија се дека 14 декември е нереален датум за постигнување договор, министерот за надворешни работи Бујар Османи е оптимист дека ќе има решение. Тој деновиве изјави дека најавите од Бугарија за порационален пристап се сигнали за надминување на разликите што постојат меѓу двете земји. Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитов, пак, порача дека фокусот за договор со Софија за надминување на разликите е на декември, но периодот е краток и затоа не се исклучува и јануари како опција за датум за почеток на преговорите на земјава со ЕУ.