ЕУ игнорира недостатоци во правната држава во Бугарија
6 јули 2021По летото со протести во Бугарија следуваше пролет на разоткривања, се вели на почетокот на текстот во весникот „Ноје цирхер цајтунг“ и се потсетува напротестите во таа земја:
„Минатата година десетици илјади лица со месеци излегуваа на улиците во знак на протест против коруптивните зделки на владата, политизираното судство и влијанието на криминални здруженија во најсиромашната држава членка на ЕУ. На мета на демонстрантите особено се најде долгогодишниот премиер Бојко Борисов и јавниот обвинител Иван Гешев.
Изминатите недели беа обелоденети неколку скандали кои на фразата 'мафијашка држава' ѝ дадоа ново значење. Пред парламентарните избори во април годинава десетици опозициски политичари биле прислушувани од тајните служби. Државна банка за поддршка на мали компании изминатите години дала кредити во висина од половина милијарда евра на само неколку лица. Еден бизнисмен тврди дека од лица блиски до владата бил повеќепати принудуван да потпише договори на негова штета. На средба, на која присуствувал и Борисов, за да биде заплашен му покажувале видео снимки на кои еден бизнисмен во затвор е сексуално злоупотребуван. Зад откривањето на скандалите е сегашната преодна влада. Обвинувањата за нелегално прислушување беа потврдени од Министерството за внатрешни работи, за спорните банкарски кредити информираше лично министерот за економија. По изборите во април ниту една од партиите не успеа да формира влада. Затоа претседателот Румен Радев состави технички кабинет кој е на сила до новите избори на 11 јули. Радев и поранешниот премиер Борисовсе смртни непријатели. Затоа Борисов ги отфрла сите обвинувања оценувајќи ги како политичка кампања на клеветење. Предизборната кампања веројатно ќе има влијание врз динамиката на откривањето на скандалите. Но, и Социјалдемократите со кои е близок претседателот Радев во очите на населението се подеднакво дел од корумпираниот политички естаблишмент. Од бесот за 'мафијашката држава' профитираат пред сѐ новите движења.
Борисов се претставува себеси како единствениот гарант на прозападниот курс во земјата. Обвинувањата за прислушување од страна на тајната служба ги нарече конструирана одмаздничка акција на кругови блиски до Кремљ кои сакаат да се одмаздат за растурањето на рускиот шпионски круг. Сепак, САД неодамна исто така испратија јасен сигнал против коруптивната култура во Бугарија. На почетокот од јуни американското Министерство за финансии, според законот „Магнитски“, воведе санкции против тројца бугарски државјани и 64 компании поврзани со нив. Според Вашингтон, ова се досега најострите поединечни мерки изречени во борбата против корупција. Меѓу санкционираните се медиумскиот магнат Делјан Пеевски и Васил Бошков, еден од најбогатите Бугари. Иако и двајцата живеат во егзил во Дубаи, тие сè уште имаат големо влијание во земјата. Бошков неодамна основаше и политичка партија.
Обајцата се обвинети дека со коруптивни практики си обезбедувале државни договори за своите компании и пренасочувале јавни средства. Третото лице, Илко Шељасков, меѓу другото се товари и за нелегитимно издавање дозволи за престој.
Привремената влада ги поздрави американските мерки и состави своја листа на компании со кои во иднина нема да се склучуваат никакви државни договори. Американските санкции во најмала рака индиректно фрлија и темна дамка врз Европската Унија. Голема фрустрација за бугарските борци против корупција е тоа што од Брисел нема никаква сериозна критика за долго познатите недостатоци во земјата во однос на владеење на правото и правната држава. Редовните извештаи се секогаш позитивни, а дури има и изгледи земјата да стане дел и од еврозоната.
Според често изнесуваните обвиненија, ЕУ индиректно ја поддржува корупцијата во земјата, бидејќи им дава големи финансиски средства без строги контролни механизми. Критичарите ја објаснуваат оваа толеранција во Унијата со фактот дека Бугарија во Европскиот совет им е лојален партнер за клучни прашања на водечките држави, пред сѐ на Германија. За разлика од Полска или Унгарија, Софија не ја предизвикува ЕУ идеолошки.
Единствен исклучок е прашањето околу бескомпромисноста во однос на спорот со Северна Македонија за толкувањето на заедничката историја. Софија минатата недела повторно го обнови ветото за почеток на преговорите со ЕУ на соседната земја. Со оглед дека ентузијазмот за проширување на ЕУ и онака е мал, и покрај сите говори и пораки на највисоко ниво, политичката цена која ја плаќа Бугарија поради непопустливоста е мала.
Но, прашањето за корумпираното користење на европските средства мора повторно да биде во фокусот, особено во светло на корона-фондовите за обнова. Софија според оваа програма може да добие над 10 милијарди евра.
Дали ЕУ и во иднина ќе замижува пред она што се случува во земјата? Геновева Петрова од невладината организација 'Алфа Рисрч' во Софија е скептична. Сѐ додека Бугарија останува предвидлива во однос на надворешната политика, не се очекуваат големи промени. Шефицата на новото Јавно обвинителство на ЕУ, Лаура Ковеши, испрати јасен сигнал избирајќи ја Бугарија како прва земја која ја посети по преземањето на функцијата.
Во нејзината родна земја Романија, која во овој контекст е слична на Бугарија, Ковеши постигна успех во справувањето со корупцијата. Според политичкиот аналитичар Петрова, сепак поважно е она што се случува во самата Бугарија. Ако американските санкции го отежнат функционирањето на клиентелистичките мрежи, тогаш нештата може да се помрднат. И секако, е важен исходот од изборите. Засега сè е отворено. Анкетите покажуваат дека партијата на Борисов е сè уште најсилна во земјата, но исто како и во април можно е и покрај победа да не може да најде коалициски партнери за основање влада. Но, сосем возможна е и победа на најмладата протестна партија на шоуменот Славеј Трифунов. Тој доби многу гласови пред сѐ поради неговото радикално отфрлање на старите елити. Сепак, нејасно е за што точно се залага, а неговите изјави одат во правец дека не сака да биде премиер“, пишува „Ноје цирхер цајтунг“.