1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија останува без лекари

Марија Илчева/бг11 декември 2015

Стотици лекари секоја година ја напуштаат Бугарија. Младите уште веднаш по завршувањето на студиите заминуваат во странство. Причината не е само во лошите плати.

https://p.dw.com/p/1HLoA
Фотографија: DW/M. Ilcheva

Детскиот лекар Снежа Тенева уште пред една година можеше да отиде во пензија. Но таа и натаму работи во болницата во Асеновград. „Тука сме само четворица детски лекари. Доколку останат тројца, детската амбуланта ќе мора да затвори“, вели таа. За бугарскиот град со околу 60 илјади жители и една единствена болница, тоа би можело да има драматични последици. Многу нејзини колеги си заминаа во последните години, вели д-р Тенева. „И јас долго размислував за тоа. Имав понуда од болница во Франција“. Но ја одбила понудата. „Да бев помлада, ќе заминев во секој случај. Но сега е предоцна“.

Нема доверба

Бугарскиот весник „168 часа“ прогнозира дека најсиромашната членка на ЕУ до 2020 година би можела да остане без лекари. Од 2012 година околу 2.000 лекари ја напуштиле својата татковина. Притоа, се повеќе млади Бугари по завршувањето на медицинските студии заминуваат во странство. Земјата со 7-милионско население денес има само 28 илјади лекари. Пред седум години беа повеќе од 35 илјади. Не е ни чудо што многу болници имаат акутен проблем со персонал. Затоа многу постари лекари, како д-р Тенева, работат и откако ќе им дојде времето за пензија. Околу една четвртина од активните бугарски лекари се постари од 60 години.
Д-р Штерју Бојаџиев долги години работел заедно со Тенева во детската амбуланта. Денес тој живее во Кембриџ, Велика Британија. Таму како неонатолог заработува десет пати повеќе отколку во Асеновград. Но платата не била пресудната причина за преселбата. „Во Бугарија се влоши односот меѓу докторите и пациентите. Многумина во лекарите гледаат корумпирани и алчни луѓе“, вели 46-годишникот. Бугарските лекари често се вербално, па дури и физички напаѓани од пациентите, кои не покажуваат никаков респект кон нив, вели Бојаџиев. Тоа повеќе не можел да го издржи.

Bulgarien Dr. Teneva Kinderärztin in Asenovgrad
Д-р Снежа ТеневаФотографија: DW/M. Ilcheva
Deutschland Dr. Molowa aus Nürnberg
Д-р Светлана МоловаФотографија: privat

Во Бугарија само на одмор

Притоа, во болниците има хроничен недостаток од средства и инструменти за работа, истражувања, лекови. Д-р Светлана Молова, 50-годишен гинеколог, исто така минала долги години во болницата во Асеновград. Пред три години си заминала во Германија со што ги исполнила сонот од детството. „Одсекогаш сакав да живеам во Германија. Тука има мир, сигурност и ред“. Д-р Молова живее во Нирнберг, во сопствен стан. „Три години работам во Германија. Во тоа време си купивме автомобил и добивме кредит за убав стан во центарот на градот. Во Бугарија тоа беше невозможно“, раскажува таа. Во татковината таа работела во државната и во приватна болница. Нејзиниот маж предавал Информатика на Универзитетот во Пловдив. „Но и покрај тоа парите не стигнуваа. Кога му правевме свадба на синот моравме да земеме кредит“. Денес, д-р Молова заработува 70 евра на час. Дали размислува за враќање во Бугарија? „Би сакала до крајот на животот да остана тука. Во Бугарија ќе одам само на одмор“, вели д-р Молова.