Бугарија: Фанфарите не можат да ја покријат корупцијата
13 јануари 2018Целата европска елита неделава се собра во Софија за да го одбележи почетокот на претседателствувањето на Бугарија со ЕУ. Таму беа претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, таму беше целата Европска комисија на чело со Жан-Клод Јункер. Одамна немало таков настан во регионот каде што е собран кремот од Брисел. Со помало или поголемо внимание она што се зборуваше во Софија внимателно се следеше и во Скопје, и во Белград, и во Подгорица... Од овој почеток на шесте месеци на бугарското координирање на ЕУ зависат и надежите на западнобалканските држави дека Софија навистина може да биде мотор во приближувањето на регионот кон Унијата. Без никакво претерување може да се каже дека владата во Скопје во Софија го гледа најважниот сојузник за да зачекори на европскиот пат.
На моменти бугарската слика може да изгледа идилична по влегувањето во ЕУ во 2007 година. Бугарија се најде на мапата на Европа – и со инвестициите, и со туристите, и со важноста за спречување на мигрантските бранови. А сега бугарскиот премиер, Бојко Борисов, има јасен план да го врати Западен Балкан во Брисел.
Но во Бугарија има многумина кои мислат дека Борисов прво треба да им го врати достоинството на нејзините граѓани, а потоа да мисли на иднината на соседите. Во четвртокот вечерта, кога бриселските гости пристигнуваа во Софија, на нејзините улици имаше емотивни демонстрации на илјадници луѓе кои палеа европски знамиња. Меѓу демонстрантите имаше полицајци кои бараат повисоки плати, поборници за заштита на правата на жената, имаше и дел од оние што една недела претходно со голем собир протестираа против отворањето на нов ски-лифт во зимското одморалиште Банско. Полицијата приведе 11 лица. Поранешниот претседател на државата, Росен Плевнелиев, изјави дека тие протести покажувале оти Бугарите уште не се ослободиле себеси од робовскиот менталитет. „Ние сѐ уште очекуваме некој да нѐ ослободи“.
Бугарскиот страв
Бугарија сака да остане запаметена дека помогнала да го претстави прашањето за иднината на Западен Балкан на главната маса во ЕУ. А со тоа да си помогне и себеси за да ги отстрани пречките за влез во еврозоната и во шенгенскиот визен режим. Плановите на Софија се едни, но Париз и Берлин имаат други проекции – следните шест месеци да ја создадат архитектурата на рамката за поблиска интеграција меѓу 19-те членки на еврозоната и да се постават основите на Европскиот монетарен фонд.
Овде лежи стравот на Софија. Ако се востанови Европа на повеќе брзини, Бугарија ќе остане на периферијата. Ако нејзините два западни соседи, Македонија и Србија, не влезат во догледно време во ЕУ, Бугарија ќе биде изложена на поголем притисок од Русија и Турција, а Кина драматично ќе го зголеми своето економско влијание на Балканот.
Борисов се портретира себеси како голем пријател со Ангела Меркел, што треба да му донесе респект. Но немаат сите во ЕУ разбирање за Бугарија и за европската перспектива на Западен Балкан. Водејќи сметка за јавното мислење и за влијанието на екстремно-десничарските популисти, холандскиот премиер Марк Руте лани во септември изјави дека не е приврзаник на ширењето на ЕУ кон Западен Балкан, а уште помалку за членство на Бугарија во Шенген-зоната. „Има сѐ уште голема загриженост за граничната контрола и за корупцијата“, изјави тој.
Лилијана Павлова, министерка надлежна за бугарското претседателство, во изјава за „Фајненшел тајмс“ пред неколку дена внимателно ги спушти надежите на земјите од регионот. „Ние не сме во позиција да даваме лажни очекувања. Ние можеме да работиме напорно на европската перспектива на западнобалканските земји, но не можеме да направиме чуда и да одредиме датум за отворање или затворање на преговорите со ЕУ. Нашата главна цел е ЕУ да не го загуби моментумот на овој фронт“, вели Павлова и за лондонскиот весник посебно го нагласува прогресот што го направила Македонија во последните месеци. Но во истовреме таа во друга изјава ќе спомене дека, всушност, најважната задача на нејзината влада во овој период е да ја исчисти сликата за Бугарија во ЕУ.
На Борисов не може да му се забележи дека не е посветен Европеец. Неговата посветеност, всушност, е поголема од онаа кај многу од старите Европејци. Но покрај приказните за новиот историски самит на ЕУ и Балканот на 17 мај во Софија, 15 години по оној во Солун, покрај енергијата на Борисов и неговите идеи дека Западниот Балкан може да го пополни испразнетото место на Велика Британија, покрај неочекуваното инстант пријателство меѓу македонскиот и бугарскиот премиер, една голема сенка се надвиснува врз Бугарија околу нејзините уште поголеми планови – корупцијата.
Повеќе на темата:
- Бугарија претседава со ЕУ во тешко време
- Македонија и Бугарија: Минатото како скришно писмо
Европска загриженост
Пред Нова година, бугарскиот претседател Румен Радев стави вето врз важниот антикорупцискиот закон, објаснувајќи дека тој нема да биде ефикасен. Според законот требаше да се формира специјално антикорупциско одделение од пет члена за истражување на злоупотреби на функционерите и на нивните имоти. Радев елаборираше дека таа дирекција нема да биде независна затоа што ќе биде избрана од парламентот. „Верувам дека усвоениот закон не само што нема да креира адекватна правна основа за борба со корупцијата, туку тој ќе ја направи уште потешка борбата со неа“, напиша Радев во соопштението. Тоа беше сериозен удар за владата токму пред преземањето на претседателската палка во ЕУ.
Законот беше вратен во парламентот и за него требаше повторно да се гласа вчера попладне. Опозициската Социјалистичка партија најави дека токму поради ова ќе побара гласање за доверба на владата на 17 јануари. Претседателството со ЕУ е една работа, а борбата против огромната корупција сосема друга, изјави лидерката на социјалистите Корнелија Нинова.
Западноевропската загриженост за бугарската корупција не ја измачува министерката Павлова. „Се разбира дека треба уште многу да се направи и да се усвојат дополнителни закони. Но моето лично чувство е дека ние не сме ништо поразлични од другите земји во Европа“.
Тоа е можеби нејзиното лично чувство, но бугарските аналитичари ги посочуваат податоците од истражувањата: секој петти возрасен граѓанин, вкупно 1,3 милиони, бил дел од корупциски зделки (плаќале или примале мито) и само 72 случаи во 2015 година биле судски завршени.
Според „Транспаренси интеренешенел“ Бугарија е најкорумпираната земја во ЕУ. И не само тоа. Бугарија заедно со Романија, 11 години по членството во ЕУ, сѐ уште се наоѓаат на програмата на Европската комисија за специјален мониторинг кој ќе ги доведе двете земји до европските норми. Борбата против корупцијата и судските реформи и по толку години не го донесоа оној напредок кој Брисел го очекуваше.
Бугарија изминативе години успеа да се справи со организираниот криминал, убиствата на улиците и земјата стана побезбедна. Но корупцијата како никој да не сака да ја искорени. Особено онаа корупција меѓу политичките елити. Бојко Борисов ја научи лекцијата што најмногу сакаат да ја слушаат во Брисел: фискална стабилност и соработка за најважните одлуки. Кога тоа ќе го направиш ќе немаш голем проблем во Брисел. Па дури ќе можеш да се претставуваш како регионален визионер и миротворец. А борбата против корупцијата? Па таа може малку и да почека.