1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија ја призна одговорноста за смртта на Евреите од регионот

ЕМФ/миа/бета8 март 2013

Бугарскиот Парламент, по повод 70-годишнината од депортацијата на Евреите од регионот, денеска прв пат призна и изрази жалење што оваа земја не успеала да спаси повеќе од 11.000 Евреи од територии под нејзина контрола.

https://p.dw.com/p/17tsB
Фотографија: picture-alliance/IMAGNO/Austrian Archives

Бугарија, сојузник на нацистичка Германија за време на Втората светска војна, ја одби депортацијата на повеќе од 48.000 Евреи, бугарски граѓани, во логорите на смртта, се наведува во декларацијата на Парламентот. Објективната проценка на историските настани, сепак, не може да го отфрли фактот дека 11.343 Евреи се депортирани од Грција и Кралството Југославија, кои тогаш биле под надлежност на Германија, се додава во документот.

„Осудувајќи го тоа злосторство, извршено под команда на Хитлер, изразуваме жалење што бугарската локална управа не била во можност тоа да го спречи“, се наведува во едногласно донесената декларација.

Бугарија прв пат ќе го одбележи сеќавањето на сите оние кои биле депортирани и тоа во градот Лом, каде биле извршени првите депортации на небугарски Евреи на 13 март 1943 година, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи.

Агенцијата Франс прес потсетува дека на 9 март 1943 година товарниот воз бил подготвен да депортира 9.000 бугарски Евреи кон нацистичките логори во Полска. Тогашниот потпретседател на Собранието Димитар Пешев јавно се спротивставил на тоа и предизвикал масовна акција која спречила заминување на возот. Православната црква, интелектуалците и тогаш забранетата Комунистичка партија организирале демонстрации против депортацијата, па кралот Борис трети ја одложил депортацијата на Евреите на неограничено време.