1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарска драма: Ромите против бегалците

Татјана Ваксберг
20 октомври 2016

Присуството на бегалците во Бугарија предизвикува социјални конфликти. Ромите се револтирани поради Сиријците и Авганистанците, во контрола се дополнителни полицајци, а Фронтекс останува незабележан.

https://p.dw.com/p/2RTMn
Bulgarien Flüchtlingslager in Charmanli Flüchtling Gülachmad
Фотографија: DW/T. Vaksberg

„Европски граничари? Тука, кај нас во Бугарија? Не ми се верува..." се чуди Иван кога го прашавме за новата мисија на Фронтекс. Навистина, на 6 октомври оваа година, европската служба со повеќе службеници и пари на располагање официјално започна со работа на бугарската граница со Турција. Иван продава овошје и зеленчук на пазарот во Харманли, мал град со 20.000 жители на самата граница со Турција, но сеуште не видел некој од европските службеници.

Бегалците ги видел, не е далеку од бегалскиот камп: „Жал ми е за бегалците, бидејќи тие се измамени", ни вели тој. Бегалците го ризикувале сопствениот живот, платиле многу пари на шверцерите за на крајот да завршат баш тука, во Бугарија. А тука воопшто не им е пријатно, условите во логорот се страшни, а и Иван знае дека бугарските полицајци немаат милост кон нив. Можеби припадниците на Фронтекс ќе помогнат да се подобри нивната ситуација? Иван се смее и не верува: „Кога станува збор за корупција, ние сме мајстори. Попрво ние ќе ги расипеме и поткупиме странските службеници отколку што тие ќе не излечат од тоа."

Што значи да се има темна кожа

Впрочем и бугарскиот заменик министер, Филип Гунев, неодамна пред новинарите изјави дека Бугарија, од мисијата на европските граничари, меѓудругото очекува и дека ќе има позитивен ефект врз борбата против корупцијата во земјата, но малкумина веруваат во тоа. Во Харманли, Иван не е единствениот кој сеуште не видел ниту еден од 130-те европски службеници. Речиси никој во градот не ги видел европските граничари иако главниот граничен премин кон Турција, кај Свиленград, е едвај 30-тина километри одалечен.

Сепак, сите говорат за бегалците и полицијата, но не за европската, туку домашната, бугарската. Сите се прашувааат зошто градот е полн со полицајци? Наводно тоа е мерка за „заштита на граѓаните од бегалците“, ни објаснуваат тамошните жители, иако всушност полицијата главно го малтретира локалното население. „Три пати ми ги бараа документите во само една недела“, објаснува Митко. „Зошто ме проверуваат? Јас живеам тука откако сум роден!".

Bulgarien Flüchtlingslager in Charmanli Eingang
Влезот во бегалскиот логор во ХарманлиФотографија: BGNES

Можно објаснување е дека Митко има малку потемна боја на кожата и тоа е доволно полицајците постојано да го проверуваат. И тој и многу други, пред се Роми од Харманли, имаат слични искуства: „Што бараат тука?" прашува една жена која пере облека пред својата куќа. „Живееме овде, на крајот на градот и веќе 100 години овде поминуваат само Роми, но не и бегалци. Зошто тогаш, токму нас, постојано не испитува полицијата?".

Таа го толкува тоа на единствениот можен начин: или полицијата не може да ги разликува Ромите и Авганистанците, или се дојдени само за да ги плашат Ромите. И со своите акции толку да ги уплашат жителите, па тие да одлучат „да ги преземат работите во свои раце" и против бегалците – и против Ромите, кои сигурно нема добро да поминат. Додека возбудено ни објаснува, покрај куќата полека поминува уште едно од безбројните полициски возила.

Гостите во кафеаните во ромскиот дел на Харманли, кои главно говорат турски јазик ни објаснуваат како сите тие полицајци пристигнале неколку недели откако избувнала тепачка во бегалскиот камп. Што се однесува до бегалците, еден гостин ни објаснува, „веднаш треба да ги протераат". Сите тие „се родени со ножеви во џеповите", тие се „опасни луѓе". Еден помлад маж вели дека не се плаши од нив, но дека е лут што неговата жена веќе не се осудува да излезе од куќата кога ќе падне мрак.

Од што се плашат сите? Сите гости говорат во ист глас: бегалците се млади мажи, се движат само во групи и никој не ги разбира што зборуваат, а сите жени ги гледаат чудно. Мартин додава: „Но досега ништо не се случило, или?" Мартин е исклучок. Како ученик се станал пријател со еден Сириец. Неговата мајка била против тоа, но и неа ја освоил кога ја нарекол „ане" – што значи мајка на турски.

Bulgarien Harmanli an der bulgarisch-türkischen Grenze Flüchtlinge
Машки бегалци во кафеанаФотографија: DW/T. Vaksberg

Сосем поинакви од нас..."

Келнерката во кафеаната ни објаснува: луѓето се уплашени, но тука нема ни траг од омраза против странците каква што се чувствуваше на неодамнешните протести во Софија. Келнерката Ивета Лазарова смета дека во секој случај би било добро, на луѓето во бегалскиот камп да им се забрани излез но откако ќе падне мрак, очигледно не знаејќи дека таква забрана веќе е воведена. Таа лично не се плаши од ништо: „Многу жени се жалат дека бегалците непристојно гледаат во нив. Тие луѓе не се навикнати да гледаат жени само во маици и без марами на главите. Во мене сеуште никој не зјапал, можеби затоа што и јас не зјапам во нив".

Таа смета дека проблемот е на друго место. Авганистанците кои дојдоа минатото лето се необразовани и лошо воспитани, плукаат на земја, валкани се и не ги почитуваат ниту сообраќајните правила. Сиријците кои претходно беа мнозинство во кампот беа сосема поинакви. „Тие се богати и образовани, имаат култура", проценува Ивета. Но, и покрај тоа, домашното население непријателски ги прифати, можеби само поради тоа што изгледаат малку поинаку и говорат на некој друг јазик.

Митко исто така ни објаснува: „Тие немаат ниво", ни вели за време на неговата пауза. „Бегалците се лошо воспитани, постојано клечат на земјата и се кријат под качулките на нивните тренерки", ни објаснува додека самиот пуши и клечи пред складиштето со зеленчук, а на ладното време и тој самиот ја навлекол качулката од ветровката. На Митко потоа му стана јасно што кажа и смеејќи се ја симна качулката од глава.