Груевски побарал азил во амбасада надвор од Македонија
15 ноември 2018Намерата да поднесе барање за азил во Унгарија, експремиерот Никола Груевски ја изјавил во унгарска амбасада надвор од Македонија, тврди шефот на кабинетот на унгарскиот премиер во изјава за агенцијата Ројтерс.
Ѓергели Ѓулијаш одби да каже во која држава се наоѓала амбасадата во која Груевски го побарал азилот, а одбива и да објасни како Груевски стигнал директно до Будимпешта каде се наоѓа Канцеларијата за имиграции и азил, и каде ги поднел документите за азил и бил сослушан.
Ѓулијаш вели дека Унгарија сѐ уште не добила официјално барање за екстрадиција на Груевски од македонските власти.
Тој ги демантира и пишувањата во некои медиуми дека Груевски престојува во земјата како гостин на премиерот Орбан. Ѓулијаш тврди дека Груевски и Орбан воопшто не се сретнале досега.
Унгарските власти преку изјава од кабинетот на Орбан вчера потврдија дека Груевски престојува во таа земја и дека поднел барање за азил. Во истото соопштение се тврдеше дека унгарските власти веќе нема да коментираат ништо за „случајот Груевски“ додека не заврши постапката за азил.
Од македонското Министерство за правда велат дека кај нив се подготвува потребната документација за екстрадиција на Груевски назад во земјата, каде треба да одлежи двегодишна затворска казна, а му се суди и во уште четири други предмети.
„Бегство“ од Сорос
Вчера, портпаролот на владејачката Фидес на премиерот Орбан, го бранеше бегството на Груевски, со објаснување дека тој бегал од политички прогон.
„Во Унгарија побара азил еден политичар кого една левичарската влада- која е очигледно под влијание на Џорџ Сорос- го прогонува и му се заканува“, изјави портпаролот на Фидес, Балаш Хидвеги.
Опозицијата во земјата жестоко го критикуваше доаѓањето на Груевски, оценувајќи го за „скандал“ и побара тој веднаш да биде вратен назад во Македонија.