Бум на политички мотивиран криминал во Германија
14 мај 2022Додека бројот на заразени со коронавирус во Германија во моментов нагло паѓа, пандемијата, според статистиката која беше претставена во вторникот (10.05.2022) во Берлин, индиректно предивикала бум на политички мотивиран криминал во 2021 година. Зашто, голем дел од евидентираните кривични дела се однесува на протестите против мерките воведени од државата заради сузбивање на коронавирусот – од материјална штета, преку кршење на правото на собирање, до убиства.
Лице кое одбивало да носи маска стана убиец
Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер го опиша убиството на 20-годишен вработен во бензинска пумпа во Идар-Оберштајн како „страшна кулминација“. Осомничениот сторител со оружје го убил момчето, зашто тоа го предупредило на задолжително носење маска. Министерката го опишува билансот на политички мотивиран криминал како „барометар на интензитетот на општествени судири.“
55.048 прекршоци, регистрирани од полицијата, значат зголемување од 23 % во рок од една година и воедно рекорд на сите времиња во статистиката воведена во 2001 година. Посебно е зголемен бројот на кривични дела евидентирани од водечката Сојузна управа на криминалистичката полиција (БКА) во графата „не припаѓа на одредена категорија“ . Со други зборови, тоа се дела кои истражителите не можат да ги идентификуваат како левичарски, десничарски или кривични, а мотивирани се од верска идеологија или омраза кон странците. Порастот овде е речиси 150 %: од 8600 на 21.000. Околу 7000 случаи се поврзани со пандемијата на коронавирус и сојузните и покраински избори.
Шефот на БКА: „Кверденкерите се хетерогена сцена“
Претседателот на БКА, Холгер Минх го опишува милјето, кое од политичка точка на гледање често е тешко да се процени, како „хетерогена мешовита сцена“, која главно е „критички настроена против државата, но и против државата“. Со оглед на демонстрациите против корона мерките, кои сега стивнуваат, посебно треба да се истакне движењето на „кверденкери“. Десничарската сцена се обиде да ги искористи протестите во свои цели „и да воспостави врска со граѓанско-демократскиот центар на општеството.“
Меѓутоа, не им успеало во „позначителна мерка“ да остварат свое влијание, вели шефот на БКА, кој заедно со министерката за внатрешни работи го соопштија она што го сметаат за најважен наод: „десничарскиот екстремизам моментно е најголема закана против нашето слободно, демократско општество.“ Дури иако бројот случаи во оваа област бележи мал пад, со 40 % тој и натаму сочинува најголем дел од сите кривични дела.
Ненси Фезер за антисемитизмот: „Срам за нашата земја“
Ненси Фезер најмногу ја загрижуваат кривични дела против Евреите, чиј пораст изнесува 29 %, што е нов максимум од преку 3000 дела. „Срамота е за нашата држава“ колку и денес се шири антисемитски говор на омраза и презир кон луѓето. И срамота е „минимизирање на геноцидот над европските Евреи од страна на некои негатори на короната кои носеа жолта ѕвезда“, вели министерката.
Критики за големиот број кривични дека кои не можат да се категоризираат доаѓаат од страна на цивилното општество. Класификацијата на политички мотивираното насилство не е само прашање на статистика, вели експертката за десничарски екстремизам Пиа Ламберти. Милјето на корона-негаторите е „силно радикализирано“ и покажува „јасна спремност за употреба на насилство“, вели генералната директорка на Центарот за мониторинг, анализа и стратегија.
Споро расветлување по атентатот во градот Ханау во 2020 година
Социјалниот психолог Ламберти препознава бројни референци во протестите против корона мерките, кои се поврзани со десничарски екстремизам. Под впечатокот на масивен пораст на деликти против Евреите, таа вели: „Погледот врз светот во дух на идеолошки завери е тесно испреплетен со расистички антисемитски елементи“. Сето тоа ги загрозува луѓето „кои се идентификувани како непријатели.“
Етрис Хашеми искусил што значи да се биде на мета на расистите. Како преживеан и роднина на загинати во нападот од 19 февруари 2020 година во градот Ханау (покраината Хесен), вели дека често му недостига „увид на грешките“ кај полицијата и политичарите. Со овие отворени прашања сега се занимава анкетен одбор во покраинскиот парламент во Хесен.
Кривични дела произлезени од војната во Украина
Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер, која беше член на парламентот во Хесен пред да премине во Берлин, исто така се залагаше за тоа. „Мислам дека можеме многу нешта да постигнеме со Ненси Фезер“, вели Етрис Хашеми, мислејќи на борба против десниот екстремизам која ја покрена оваа политичарка.
Во меѓувреме, министерката за внатрешни работи и безбедносните агенции мораат да се позанимаваат со новиот феномен на потенцијално политички мотивирано насилство, кое има свое потекло во војната на Русија против Украина. Како одговор на неа, Сојузната криминалистичка служба исто така регистрира кривични дела во Германија. Во почетокот биле околу 270, од кои во најголем дел насочени против луѓе со руско потекло, вели претседателот на БКА, Минх. Сега се дури под 200. „Емоционалната крива е ослабена“. Меѓутоа, ова може да се промени во секој момент, истакнува Минх.