Бундеслигата го губи својот идентитет
18 август 2017Карл-Хајнц Кербел одигра 602 натпревари во фудбалската Бундеслига. Впечатлив рекорд! Што е уште повпечатливо - Кербел носел дрес само на еден единствен клуб: Ајнтрахт Франкфурт. Тоа, од денешен аспект, тешко може да се замисли. Впрочем, од 1970-тите, 1980-тите и раните 1990-ти се минати многу генерации играчи. Кербел има одиграно само шест натпревари за репрезентацијата, не беше ѕвезда, а сепак фановите на Ајнтрахт до денес со топлина во душата се сеќаваат на својот „верен Чарли“. Верноста кон клубот за многумина е поважна од титулата светски првак.
Многу клубови во тоа време имаа фигури за идентификација: Герд Цеве беше Фортуна Диселдорф, Каче Шварценберг или Сеп Мајер беа знак на препознавање на Бајерн Минхен. Бернард Диц речиси целата кариера ја мина во МСВ Дуизбург, Бернд Кулман во ФЦ Келн, Берти Фогтс во Борусија Менхенгладбах, Клаус Фихтел во Шалке, а Петер Ногли во ХСВ. Ретко кога ги облекуваа копачките во недела. Речиси секогаш се играше во сабота, во 15:30 часот. А, за време на паузата меѓу двете полувремиња локални трубачки оркестри свиреа по две песни.
Денес речиси и нема професионални фудбалери кои издржале повеќе од неколку години во еден клуб. Клубовите и онака се клубови само на хартија. Инаку се друштва со ограничена одговорност или акционерски друштва. Кој ќе добие подобра понуда, тој си оди. Многу од клубовите своите вработени ги гледаат повеќе како инвестиција отколку како спортски засилувања. Натпреварите не се играат во ист ден, туку од петок до понеделник и тоа во седум различни термини во текот на денот. Сѐ, за телевизијата да си го добие своето. Конечно, таа плаќа прилично за тоа.
Во Бундеслигата владеат парите
За рекламирање во странство, играчите мора да го ризикуваат сопственото здравје на сомнителни патувања по Азија во време на подготовки за наредната сезона. Тренерите молчат за овие работи, но јасно е дека тоа има многу малку врска со спортска структура на тренинзите. Но, рекламирањето и односите со јавноста се исто така важни за да се добиваат уште повеќе пари со кои ќе се исплаќаат апсурдно високите плати и обесштетувања при трансфери. Во спротивно, како што се вели, ќе се загуби трката на меѓународен план. Тоа е веројатно точно.
Кој нема потентни спознори, нема шанси во острата конкуренција. Притоа е сеедно колку е дубиозен спонзорот. Шалке е поттикнуван од Газпром, во Хамбург се меша инвеститорот Кине, во Хофенхајм владее основачот на САП, Дитмар Хоп, а 99% од РБ Лајпциг се во рацете на австриски Ред Бул. И, сега, паѓа уште и правилото 50-плус-1, кое треба да спречи туѓо одлучување во клубовите на Бундеслигата. Со трикови мецената, спонзор и претседател Мартин Кинд веќе го има практично ставено под свое Хановер 96, а наскоро тоа ќе биде и фактички.
„Клубовите од реторта“ во поход
Клубовите со традиција во највисоката германска класа ги има сѐ помалку. Наместо тоа, тука се Волфсбург (Фолксваген), Хофенхајм (САП), Лајпциг (Ред Бул). На Бајер Леверкузен, кој во Бундеслигата е од крајот на 1970-тите многумина веќе се навикнаа. Но, само малку „љубители на фудбалот“ вистински го сакаат „Веркселф“ (како што се нарекува клубот, во превод - тим од претпријатие, н.з.). Лидерот во браншата, Бајерн Минхен, во минатото успеваше да ја одржи шпагата меѓу комерцијата, успехот и локалниот колорит. Големите успеси најчесто беа врзани со група играчи од регионот, или барем со играчи кои беа долго време во клубот. Но, сега дури и на „најбаварскиот баварец“ Томас Милер му се заканува седење на клупа. Тоа веројатно човекот кој стана светски првак со репрезентацијата нема долго да го трпи. Колку фановите на Бајерн Минхен и да се радуваат на еден Хамес Родригез од Мадрид, заминување на Милер сигурно не би прифатиле молкум, особено не откако пред само две години „фудбалскиот бог“ Бастијан Швајнштајгер беше истиснат од тимот, а подоцна и од клубот.
Прашање е колку долго гледачите ќе се согласуваат со сето ова. Во колку денови може да биде распарчено едно коло, колку играчите смеат да бидат заменливи? Стадионите сѐ уште се полни, парите сѐ уште доаѓаат. Бундеслигата е огромен пазар. Но, убавиот розов свет добива први пукнатини. Демонстрации поради непрегледните термини на играње на натпреварите, навивачки безредија против приврзаниците и татковците на „клубовите од реторта“, свирежи против големите американизирани шоуа во полувремето. Ако ја снема уште идентификацијата со клубот и протагонистите, тогаш расположението на навивачите да ги даваат своите пари за омилениот клуб може да попушти. А, ако нема фанови, нема да се купуваат ниту дресовите за Лигата на шампиони, кои чинат по 90 евра или ќе се намали претплатата за Скај. Тогаш навивачите можеби повеќе ќе сакаат да сонуваат за верниот Чарли.