Bundestag Bundesrat BTW
27 август 2009Бундестагот расправа и решава за нови закони. Тој го избира Сојузниот канцелар и ја контролира работата на владата. Освен тоа, Бундестагот секоја година го донесува буџетот на Сојузна Република Германија. Германскиот народ секои четири години избира околу 600 пратеници во парламентот.
Парламентарната работа се одвива во комисии
Пратениците од една партија во Бундестагот сочинуваат пратеничка група, или фракција, како што се нарекува во Германија. Тие се застапени во постојаните и привремените комисии во парламентот, соодветно на јачината на фракцијата. Таму, во суштина, се одвива парламентарната работа, особено консултации за предлог-закони, за различни барања и прашања.
На чело на Бундестагот стои неговиот претседател. По Сојузниот претседател, тој е носител на формално втората по важност функција во државата, значи по ранг е пред канцеларот, кој е шеф на владата. Претседателот на Бундестагот, традиционално, произлегува од најсилната пратеничка група и го претставува парламентот, ги води седниците и внимава да бидат почитувани правата на претставништвото на народот.
Вклучени се и сојузните покраини
Во Бундесратот 16 германски сојузни покраини влијат врз сојузното законодавство. Бундесратот се состои од премиерите на сојузните покраини и од министри на покраините. Колку повеќе жители има некоја сојузна покраина, толку повеќе гласови има таа во Бундесратот. Малите сојузни покраини, како Бремен, на пример имаат по три, додека големите, како Баварија, имаат шест гласа.
За да стапи во сила некој закон во Германија, тој мора да мине низ неколку фази. Бундестагот, Бундесратот или германската Влада предлагаат закони. Потоа, во комисиите се работи врз текстот на законот. При гласањето важи правилото - секој пратеник гласа согласно својата совест и е слободен во изјаснувањето. Но, често пратениците гласаат истоветно, согласно договорот постигнат во пратеничката група, за да останат верни на своите политички принципи и за да демонстрираат единство нанадвор. Тоа се нарекува „фракциска дисциплина“ и не треба да се меша со фракциска принуда, која е спротивна на слободата за определување на пратеникот и затоа не е дозволена.
Кој плаќа, има право да соодлучува
По гласањето и прифаќањето во Бундестагот, законите одат во Бундесратот, односно во вториот дом на парламентот. Во законодавната постапка се прави разлика меѓу закони на кои може да има приговор и закони за кои е потребна согласност. За закони што покраините мора да ги спроведуваат и да учествуваат во нивното финансирање, или закони кои го менуваат уставот, потребна е согласност на сојузните покраини. Доколку Бундесратот отфрли ваков закон, предлог-законот мора да оди во т.н. Комисија за усогласување. Таа се состои од по 16 претставници на Бундестагот и на Бундесратот. Тука се постигнува компромис, за кој Бундестагот треба уште еднаш да гласа, по што и Бундесратот треба да даде согласност.
Сите останати закони се т.н. закони на кои може да се стави приговор. Приговор од Бундесратот може да биде отфрлен од страна на Бундестагот со мнозинство на гласови. Откако законот ќе биде изгласан, го потпишуваат ресорните министри, канцеларот и, на крајот, Сојузниот претседател.
Автор: Хано Шифер / Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Жана Ацеска