Бундестагот дискутира за продажбата на тенкови на Саудиска Арабија
6 јули 2011Германија обезбедила согласност од Израел и САД пред продажбата на 200-те тенкови од типот „Леопард“, јавува весникот „Зидојче цајтунг“, повикувајќи се на владини кругови. Весникот информира дека откако германскиот Совет за безбедност на тајна седница дал согласност, сега се работи на деталите за зделката.
Продажбата на оклопните возила предизвика незадоволство како кај пратениците од опозициските СПД и Зелените, така и кај парламентарците од владините партии ЦДУ/ ЦСУ и Либералите. Експертот на опозициската Социјалдемократска партија, Ролф Мицених, порача дека зделката не само што е во спротивност со германските критериуми за извоз на оружје, туку му нанесува и голема штета на имиџот на земјата во целиот свет. Тој побара од владата под итно да ја открие вистината за оваа тајна зделка, а исто така се заложи и за воведување критериуми за извоз на оруже и на ниво на целата ЕУ.
Автор: ГЧ/БГ/дв/афп
Редактор: Горан Чутаноски