1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бунт во Белата палата

20 декември 2017

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе реши дали ќе го одложи Конгресот за февруари. Членството бара избор на лидер во демократска процедура, а не инсталирање на фаворизиран кандидат со брзање и притисоци.  

https://p.dw.com/p/2pgK0
Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на седница која претходно беше закажана за денеска, треба да го разгледа и писмото од група основачи, пратеници и потенцијални кандидати за претседател на ВМРО - ДПМНЕ, кои вчера побараа одложување на Конгресот поради бројни повреди на постапката за кандидатура.

„Сакаме да спроведеме Конгрес којшто нема да ја има хипотеката на демократски дефицит и нелојална конкуренција при изборот на претседател“, порачаа потписниците, меѓу кои се долгогодишните пратеници Илија Димовски, Антонио Милошоски, Трајко Вељаноски, како и поранешни градоначалници и министри.

„Претпоставувам дека Извршниот комитет ќе го разгледа тоа писмо“, кусо изјави директорот на партискиот Центар за комуникации, Иво Котевски. Тој не сакаше да ги коментира наводите во писмото кои укажуваат дека „од влијателни личности во врвот на партијата се праќаат и вистинити и лажни поздрави до делегатите, со цел добивање на поддршка за еден кандидат“.

Против приватен конгрес

Името на форсираниот кандидат пред неколку дена јавно беше соопштено од страна на Филип Петровски, кој прв ја најави својата кандидатура за лидерската функција, а досега имаше две видео-обраќања до членството за да укаже на неправилностите што се случуваат. Тој обвини дека Христијан Мицковски, партискиот Генерален секретар во заминување, ја користи партиската инфраструктура, ресурси и логистика за да добие поддршка од најголем број делегати. Во тоа му помагал Спиро Ристовски, кој бил задолжен токму за организирање на Конгресот, а не за да собира потписи за Мицковски. Според Петровски, целта била на Мицковски да му се обезбеди „психолошка предност“ со што поголем број потписи, за да се создаде перцепција дека тој има најголема поддршка од базата. Петровски вчера ја поддржа иницијативата на неговите сопартијци за одложување на Конгресот, бидејќи според сегашните случувања партијата е пред опасност да одржи „приватен конгрес“ и да избере „октроиран претседател“.

Mazedonien Wahlen Anhänger der regierenden VMRO-DPMNE feiern den Sieg
Мицковски користи партиска инфраструктура, ресурси и логистика за да добие поддршка од најголем број делегати, тврди Филип ПетровскиФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Рокот за поднесување кандидатура за лидерската позиција истекува утре во 15 часот. До синоќа, до Правната комисија на партијата не била доставена ниту една кандидатура, а во кампања засега се тројца кандидати: Христијан Мицковски, Филип Петровски и Јовица Страшевски, поранешен директор на Агенцијата за безбедност во железничкиот сообраќај.

„Не ни треба манџуриски кандидат. Или демократски ќе избереме претседател и ќе покажеме дека сме демократска партија, или тој збор (демократска - н.з.) треба да отпадне од името на партијата. А, ако падне тој, ќе отпадне и зборот 'единство'. Тогаш, ништо нема да остане од ДПМНЕ“, вели партиски член.   

Груевски едно, на терен друго

Мицковски со денови не е достапен за одговор на новинарски прашања. Како што велат партиски извори, тој не бил расположен ни да прифати одредени сугестии од сопартијците за посочените состојби, ниту се јавил по вчерашното писмо.

Уште по првите реакции за недемократска и нерамноправна битка, Груевски преку Фејсбук соопшти: „Никого од кандидатите не сум овластил да се повикува на моја наводна ексклузивна поддршка, заради собирање потписи за поддршка или гласање“. Притоа апелираше кандидатите за претседател да не ја злоупотребуваат партиската инфраструктура за лобирање, особено ако се на високи функции во партијата и да не вршат притисок при собирањето на потписите.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE mit Parteiführer Nikola Gruevski
Мицковски не е достапен за одговор на новинарски прашања, а Груевски тврди дека никого не форсира Фотографија: Petr Stojanovski

Но, на терен продолжиле сосема спротивни активности. Пред јавно да го објават писмото, и дел од потписниците повеќепати разговарале со највисоките партиски функционери, но како што велат, „досега немало никаква ефективна реакција“.

„Информациите од членството на терен говорат дека се користат партиски ресурси само за еден кандидат. Се врши притисок врз добар дел од делегатите да се потпишат зад кандидатурата на еден кандидат. Се праќаат и вистинити и лажни поздрави до делегатите од влијателни личности во врвот на партијата со цел добивање на поддршка за едниот кандидат. Се користат закани за исклучување од партијата и од органите на партијата на лица кои ќе одбијат да дадат поддршка на едниот кандидат“, велат тие во писмото, и со жалење констатираат „дека Конгресот закажан за 22-ри и 23-ти декември под овие околности не гарантира демократски и транспарентен процес за легитимен избор на претседател на партијата“.

Седум решенија

Со цел да се надминат сериозните проблеми во процесот на организирање и спроведување на Конгресот, потписниците на писмото понудија седум решенија за кои сметаат дека ќе бидат општоприфатливи за целокупното членство на ВМРО-ДПМНЕ. Тие предлагаат Извршниот и Централниот комитет да го зголемат бројот на делегати на Конгресот од 544 на најмалку 5.000 делегати, а правото да делегираат делегати да го имаат Месните комитети, со цел да се избере претседател со најширок можен легитимитет; ИК и ЦК да донесат одлука за одложување на одржувањето на Конгресот за 24-ти и 25-ти февруари 2018 година; ЦК да назначи колективно Претседателство од 3 до 5 членови кои ќе ја раководат партијата до одржување на Конгресот; ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ да забранат користење на партиската инфраструктура за потребите на кој било кандидат; ИК и ЦК да овозможат делегатите да ја пријават принуда, закана или притисок од кој било кандидат или негови претставници; ИК и ЦК да забранат на официјални лица на раководни позиции да ја користат партиската инфраструктура во полза на еден кандидат; и да се овозможи актуелните претседатели на Општинските комитети и актуелните пратеници да бидат делегати на Конгресот.

Повеќе на темата:

Наследството на Груевски

Груевски заминува, наследникот неизвесен

Со нелегитимни делегати - нелегитимен избор на лидер на ВМРО-ДПМНЕ

„Доколку бидат прифатени овие предлози, на крајот победници ќе бидат сите членови на ВМРО-ДПМНЕ, сите Месни и Општински комитети. Победници ќе бидат сите граѓани на Македонија, зошто ВМРО-ДПМНЕ ќе биде гарант за побрзиот напредок, подобриот стандард и побрзото евроатлантско интегрирање на Македонија“, се вели во писмото.

Очекуваат овие решенија денеска да бидат прифатени од Извршниот комитет, но и од Централниот комитет кој има закажно седница за утре. Засега се воздржуваат од најава на следните потези, доколку партиските органи решат сега да одржи Конгресот во Валандово.

„Веруваме дека ќе надвладеат разумот и демократската процедура. Во спротивно, можеби задутре ќе има Конгрес, но не на нашата партија. Можеби на некоја приватна“, вели член на ВМРО-ДПМНЕ. Се надева дека тоа нема да се случи.