1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бучковски: Вреди да се обидеме!

10 ноември 2020

Интересот на македонската јавност повеќе е насочен кон маргините на самитот на Берлинскиот процес во Софија. Шефицата на бугарската дипломатија Захариева вели дека преговарачката рамка нема да биде тема на разговор

https://p.dw.com/p/3l5RP
Bulgarien Sofia | Blick über die Stadt & Alexander-Newski-Kathedrale
Во бугарскиот главен град, Софија, денеска се одржува Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процесФотографија: Imago Images/robertharding/C. Kober

Софија денеска е домаќин на Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, со кој копретседаваат Република Северна Македонија и Република Бугарија. Берлинскиот процес, кој е инициран од германската канцеларка Ангела Меркел во 2014 година, има за цел да ја поддржи европската интеграција на земјите од Западен Балкан преку нивна поголема економска и инфраструктурна поврзаност. Македонскиот премиер замина на самитот во Софија придружуван од заменик-претседателот на Владата Фатмир Битиќи, заменик-претседателот на Владата Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, а Борисов по два негативни теста од денеска излегува од изолација. Поради состојбата со Ковид-19 поголемиот дел од европските лидери и гостите на самитот ќе учествуваат преку видео конференциска врска, а така ќе се обрати и германската канцеларка Ангела Меркел.

Захариева: таа тема не е тема

Но, интересот на македонската јавност повеќе е насочен кон она што ќе се случува на маргините на самитот, имајќи предвид дека премиерот Заев пристигнува во Софија во време кога Бугарија се заканува со блокада на првата меѓувладина конференција со која треба да започнат преговорите меѓу Северна Македонија и ЕУ. Ваквите очекувања ги разби бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева.    

Belgien EU-Rat | stellv. Ministerpräsidentin von Bulgarien Ekaterina Zaharieva
Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина ЗахариеваФотографија: picture-alliance/AA/D. Aydemir

„Деенешната средба меѓу премиерите на Бугарија и Северна Македонија нема никаква врска со проширувањето - нема да се дискутира за преговарачката рамка или да се носат одлуки“, изјавила таа за БНТ, додавајќи дека ниту таа вчера немала посебен разговор на оваа тема со македонскиот колега Бујар Османи.

Имајќи предвид дека и досегашните разговори за бугарските забелешки на преговарачката рамка се одвиваа зад сцената, не е исклучено дека може да продолжат на ист начин и покрај официјалните деманти. Особено по објавениот нон-пејпер, кој открива наводен договор за надминување на најавената блокада во ЕУ, (постигнат со германско медијаторство) кој Софија прво го прифатила, а потоа го отфрила. Ни во Бугарија ни во Северна Македонија властите не ја го коментираат информацијата за нон пејперот и неговата содржина, што укажува дека се уште се разговара и се уште се остава шанса за решение.

Повеќе:

-Конкурс за влада на национален спас

-Македонско-бугарски спор: Каноните на Тодор Живков

-Бугарија во Берлин прифатила Нон- Пејпер, па се пишманила

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, жестоко реагираше на информацијата за нон-пејперот. Од партијата и претходно обвинуваа дека „’домат’ дипломатијата и пазарџиското однесување на Заев, со кое ветува, а не исполнува, не може да биде начин и пат за земјата да стане членка на ЕУ“.

„Кога ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Христијан Мицкоски тврдеа дека постои нон пејпер кој Заев го договара, од власта кажуваа дека се измислици. Сега кога од австриски новинари се дознава дека не само што бил нуден, туку и нон пејпер е потпишан, предавничката неспособна влада на Заев молчи. Прашањето е од кого доби дозвола Заев да преговара и која е вистинската соддржина на нон пејперот за кој медиумите пишуваат, и што сака Заев да сокрие од јавноста? Дали сега ќе се извини Заев за тоа што ја лажеше јавноста“, прашува ВМРО-ДПМНЕ.

Bildkombo Flaggen | Mazedonien und Bulgarien
Фотографија: Uwe Scholz/teamwork/imago images

Итни и конкретни чекори

Но, има и поинакви мислења.

„Наводниот нон-пејпер кој наводно е усогласен во Берлин, а подоцна отфрлен од официјална Софија (Борисов -Радев) не засега во македонскиот идентитет, не го загрозува македонскиот јазик и не се занимава претежно со историјата! За мене е премногу добар за да биде вистински!“, вели поранешниот премиер, Владо Бучковски.

Тој смета дека Бугарија од земјава бара повеќе од она што е содржина на нон-пејперот.

„Пред се мислам дека бара дополнително да дадеме јасни гаранции за исполнување на Договорот за пријателство и соработка од август 2017 година. Тука мислам на делот за заедничката историја (поекспедитивна и поефикасна да биде заедничката експертска комисија), се бара обелоденување на договорот за 4 историски поглавја и усогласениот текст за најмалку 5 историски личности, ефектуирање на договореното преку измена на учебниците по Историја и Географија...“, наведува поранешниот премиер.

Belgien Brüssel Vlado Buckovski
Владо Бучковски, поранешен македонски премиерФотографија: picture-alliance/AP Photo/V. Mayo

Според него, соодветно на тоа треба да се бараат и решенијата.

„Што би можеле ние да правиме? Уште денес на средбата со Борисов, Заев да ги изрази нашите јасни позиции за сето она што нашите соседи го имаат како рамковна позиција (Декларацијата на Бугарскиот парламент од октомври 2019) и да се обврзе, на пример, дека Владата ќе даде гаранции: за краткото име Северна Македонија; за јазичната формулација; потврда на обврската за немешање во внатрешните работи (македонското малцинство); веднаш да се објават усогласените резултати од заедничката експертска комисија и да се даде временска рамка кога ќе почне промената во учебниците; да се смени симболично барем еден текст на споменик од антифашистичката борба, итн. Мислам дека ни требаат конкретни чекори веднаш, иако и да го направиме сето погоре наброено, можеби нема да има ефект заради претстојните парламентарни избори во Бугарија (во март догодина). Сепак вреди да се обидеме!“, порачува Бучковски. 

Софија ризикува изолација во ЕУ

И Бугарија има обврска да се обиде, имајќи ги предвид заложбите за поддршка на интеграциските процесите на земјите од Западен Балкан. Во пресрет на денешниот лидерски состанок, Борисов остварил телефонски разговор со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во кој ја потенцирал токму таа цел. 

„Бугарија ја прифати одговорноста оваа година да биде заеднички домаќин на Берлинскиот процес, како природно продолжение на напорите на нашата земја уште за време на нашето претседателство со Советот на ЕУ, кога високо на европската агенда ги ставивме интеграциските процесите на земјите од Западен Балкан, изјавил Борисов во разговорот со претседателката на ЕК.

Тој потенцирал дека европската перспектива за Западен Балкан значи стабилност, мир и просперитет во регионот.

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Токму поради оваа заложба и обврска на Бугарија, ни во соседната земја не се гледа со благонаконетост на евентуалното блокирањето на македонските преговори.

„Блокирањето на евроинтеграцијата на Скопје може да ја стави Софија во изолација во ЕУ и да предизвика силни антибугарски чувства во Северна Македонија“, смета бугарскиот дипломат и директор на Институтот за економија и меѓународни односи, Љубомир Ќучуков.

„Јас сум скептичен кон самата идеја за блокирање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, бидејќи тоа е целосно во прилог на македонизмот и генерира многу сериозни антибугарски чувства кај нашиот сосед и ја става Бугарија во меѓународна изолација – во рамките на Европската унија и во регионот. Таквиот чекор го компромитира и приоритетот на Бугарија за време на претседавањето со Советот на ЕУ за евроинтеграција на Западен Балкан“, изјави Ќучуков за БНР.

Според него, со блокадата ќе се блокираат и релациите меѓу двете земји, и затоа решението треба да се бара преку дијалог. Во врска со договорите на Северна Македонија со Грција и со Бугарија вели дека тие се различни и не можат да се прават паралели.

Minister der neuen mazedonischen Regierung
Шефот на македонската дипломатија, Бујар ОсманиФотографија: DW/Petr Stojanovski

„Грција се обидуваше да докаже дека нема ништо заедничко со Република Северна Македонија, а ние се обидуваме да докажеме дека сè ни е заедничко, а тоа е процес, бидејќи станува збор за промена на свеста на луѓето. Проблемите на Грција завршуваат со потпишувањето на договорот, а решавањето на проблемите меѓу Бугарија и Северна Македонија започнува со потпишување на договорот“, изјави Ќучуков.

Регионален пазар и зелена агенда

Во моментов, новите можности за земјава се крепат на активностите во рамките на Берлинскиот процес. На денешната пленарна сесија на тема „Заеднички регионален пазар и зелена агенда за Западен Балкан“ ќе се обратат шефовите на делегациите на шесте земји од Западен Балкан, како и претставници на ОЕЦД, ЕБОР, ЦЕФТА и други меѓународни организации.

Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, кој вчера копретседаваше со состанокот на министрите за надворешни работи, најави дека како круна на досегашните напори, на денешниот лидерскиот самит ќе биде лансиран  новиот Акциски план за воспоставување на Заеднички регионален пазар и Зелената агенда за Западниот Балкан, подготвени под водство на ЕК и Советот за регионална соработка.

„Тоа значи за прв пат формирање на заеднички пазар врз основа на ЕУ стандардите и критериумите на заедничкиот европски пазар“, објасни Османи.

Лидерскиот Самит ќе заврши со заеднички изјави за медиумите на копретседавачите премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, заедно со германската канцеларка, Ангела Меркел.