1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бучковски не може да биде македонски „Санадер“

Катерина Блажевска1 октомври 2014

Го осудија за набавка на тенковски делови, ако не ги набавел веројатно ќе го судеа за велепредавство, но она што не можат - е да го претстават како македонски „Санадер“, велат аналитичари и правни експерти

https://p.dw.com/p/1DO36
Фотографија: Petr Stojanovski

Скопскиот Кривичен суд на 17 септември му испратил упатен акт на поранешниот министер за одбрана, Владо Бучковски, за издржување на затворска казна за случајот „Резервни тенковски делови“, за кој, со правосилна судска одлука е осуден на две години затворска казна. Според актот, веќе на почетокот од втората половина на октомври, тој треба да почне да ја издржува казната. Иако Бучковски има на располагање вонредно правно средство - обжалување на пресудата во Врховниот суд, тој правен лек не го одложува извршувањето на пресудата. Ова е епилогот од седумгодишниот судски процес кој започна во 2007 година. Во декември 2008 година судечки совет од Одделот за организиран криминал му изрече затворска казна во траење од три и пол години. Една година подоцна, Апелацискиот суд ја укина пресудата и предметот го врати на повторно одлучување, овој пат во Кривичниот оддел. На повторениот судски процес му беше изречена затворска казна во траење од три години, но со одлуката на Апелацискиот суд, казната беше намалена за една година, а пресудата стана правосилна.

А велепредавство?

Веста дека поранешниот министер и премиер е повикан на издржување на затворската казна, во политичките кулоари ја разгоре дебатата: Ќе биде ли Бучковски македонски „Санадер“?

Kroatien Prozeß gegen Ivo Sanader in Zagreb
Поранешниот хрватски премиер, Иво СанадерФотографија: dapd

Професорите од Правниот факултет не сакаат да зборуваат за случајот од почит кон својот колега. Дел од нив, кои темелно го следеле судскиот процес, велат дека е „еден од многуте монтирани процеси со предвидлив епилог, во ситуација кога судството е целосно партизирано и под контрола на власта“. Тврдењето го темелат и на фактот дека во 2003 година, Основното јавно обвинителство ја отфрли кривичната пријава поднесена од МВР против Бучковски за тој случај. Истото обвинителство, врз основа на истите докази, по изминати четири години, се појави со целосно спротивен став и поднесе обвинение против Владо Бучковски за истиот случај, што го сметаат за преседан во судската практика.

„Персонификацијата со Санадер, во случајов, му прилега единствено на судството“, велат тие.

Надвор од кулоарите, за случајот никој не сака јавно да зборува. Експерти, вработени во безбедносни ресори во периодот за кој Бучковски се товари за „злоупотреба на службената должност“, велат дека постапката против него е „одење по тенок мраз“.

„Може ли цивилно лице, како што е министерот, да одбие барање од Генералштабот (ГШ), ако тоа највисоко стручно тело во АРМ, бара набавка на неопходни резервни тенковски делови, и тоа не во кое било време, туку во време на конфликт? Ако одбиел, веројатно ќе му се судело за велепредавство. Постојат документи кои потврдуваат дека такво барање од началникот на ГШ било реферирано и пред националниот Совет за безбедност“, велат безбедносни експерти. Според нив, во тој период НАТО не дозволил тенковите Т-72 да бидат ставени во употреба, па на АРМ за време на конфликтот на располагање и останале само старите тенкови Т-55, донација од Бугарија во 1999 година. Набавката на резервни делови била побарана токму за нивен ремонт, според утврдена спецификација и количество. Пред да дојде на потпис кај Бучковски, одлуката за набавка ја поминала контролата на сите надлежни инстанци во МО - и стручни и финансиски, и сите дале зелено светло за набавката на делови од МЗТ- ФОБ, фирма со која Министерството имало рамковен договор за таков вид соработка уште од мандатот на Никола Кљусев.

Секогаш има вишок

Процесот против Бучковски го следеа претставници на неколку амбасади и на ОБСЕ. Велат дека своите мислења ќе ги стават во редовните извештаи. А она што останува забележано од доказната постапка се неколку факти. По завршувањето на мандатот на Бучковски, НАТО побарал Македонија да се ослободи од Т-55. МЗТ ги побарала двете неисплатени рати за деловите планирани за тековната година, кои биле предвидени во финансискиот план на МО, но дотогаш не и биле исплатени на фирмата. Денес МО нема долг кон МЗТ. Јавното правобранителство се спогодило МЗТ да се откаже од каматите, а МО средствата наменети за тенковските делови да ги уплати на сметка на фондовите за пензиско и здравствено осигурување, кон кои МЗТ имал долг. Така, со цесија било извршено судско порамнување. Тенковите Т-55 биле уништени. Набавените резервни делови, според изјава на претставници од МО во судскиот процес, „биле нови, неупотребени конзервирани и се уште се воделе според истата вредност по која биле набавени“. Според судски извори, тоа значи дека штета не е утврдена, а безбедносни експерти објаснуваат набавките во одбраната се многу специфична материја и не може паушално да се оценува ќарот или зијанот.

Buckovski - Justiz
Бучковски во судот во СкопјеФотографија: MIA Photo Service

„Набавките во АРМ не може да се третираат аматерски. Нормално е дека еден дел од опремата по извесен период може да остане вишок. Одговорноста е поголема ако не биде набавена навреме, особено во време на конфликт. И денес има хеликотери и авиони „сухои“ кои не се во употреба, па никој не е обвинет што останале 'вишок'. Секогаш ќе има нешто што ќе останува вишок“, велат безбедносни експерти.

Она што ним им оставило впечаток од процесот, е докажувањето дали во 2001 имало војна или не. Но, и податокот дека во 2008 година, МЗТ добила барање резервните делови да бидат купени од друга земја, но тоа не било сторено, што според нив остава сомнеж во намерата дека некој бил цврсто решен тие резервни делови да останат во земјата и од нив да се прави случај. Во периодот на одржување на судскиот процес, во светот во употреба биле 75.000 тенкови Т-55 и резервните делови, доколку се сакало, можеле да бидат понудени на некои од земјите корисници на тие борбени возила. А дека набавените делови во критичниот период не биле вишок, покажало вештачењето од Воениот институт во Белград. Иако судот ги прифатил сите понудени докази, тие не одиграле никакво значење при донесувањето на пресудата, ниту биле спомнати во неа. Никола Поленак, адвокат на Бучковски, има голем број забелешки за судската постапка.

„Сметам дека во постапката се сторени голем број суштествени повреди и дека не се исполнети елементите на кривичното дело за кое се товари Бучковски. Подготвувам барање за вонредно преиспитување на пресудата за кое треба да одлучува Врховниот суд. Ако Република Македонија претендира да биде држава во која владее правото, оваа пресуда не може да опстане. Ќе мора да се укине“, вели адвокатот на Бучковски.

Одбраната на земјата- неисплатлива!

Судски извори, пак, велат дека е незаконски со доставување на второстепена пресуда да биде доставен и налог за нејзино извршување. Се надеваат дека грешката ќе биде поправена. Дали? До одлуката на Врховниот суд може да поминат и неколку месеци, а дотогаш е неизвесно кое утро и во колку часот луѓе во униформи може да затропаат на вратата од семејниот дом на Бучковски со налог за извршување на пресудата, доколку сам не се пријави за издржување на казната. Без оглед како ќе се одвива постапката, професорот Ѓорги Спасов, вели дека Бучковски не е, и не може да биде македонскиот „Санадер“.

Mazedonische Soldaten
Тројца од раководните државни функционери од војната во 2001 ќе се најдат во затвор, вели СпасовФотографија: AP

„Нему не му се судеше за дело дедека бил министер за одбрана во време на конфликтот од 2001 година, кога тој беше дел од Владата на широката коалиција предводена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски. Нему и на тогашниот началник на ГШ на АРМ кои имааа должност да ја бранат земјата, им се судеше за 'злоупотреба на службена должност' заради непотребна набавка на тенковски делови. Тоа можеби е кривично дело како што утврдил судот. Но, апсурдот се состои во тоа што ним на некој начин во име на сегашната Влада им судат Али Ахмети, кој во тоа време беше командант на целосно нелегалната ОНА и Гзим Острени, кој во тоа време беше началник на генералштабот на таа нелегална армија која се снабдуваше со оружје на целосно нелегален начин. Тие се сега амнестирани и на власт, а министерот на полицијата Бошковски, за одбрана Бучковски и началникот на ГШ на АРМ, кои легално се бореа против нив, ќе бидат во затвор. Тоа најјасно говори за тоа кој победи во таа војна. Македонскиот 'Санадер', според мене, веројатно ќе биде уапсен дури по смената на сегашната власт. Но, оттука произлегува дека во Македонија е поисплатливо да формирате нелегална армија и да шверцувате оружје, отколку, не дај боже, да набавите легално делови за тенковите што АРМ треба да ги користи против нелегална армија и шверцувано оружје. Не дај боже, пак во време на војна да сте набавиле помалку оружје. Прашање е дали и за тоа немало да се суди. Останува да лебди прашањето - дали и набавката на вишок споменици еден ден ќе биде кривично дело“, вели Спасов.