Буш, Обама, Трамп - Бајден е четвртиот претседател на САД во мандатот на Меркел
Ангела Меркел петнаесет години е на чело на Германија. За канцеларката, Доналд Трамп беше трет претседател на САД во нејзиниот мандат. На средбите со него таа често изгледаше напнато. Со Бајден ќе биде похармонично?
Прилично студено
Иран, трговијата, НАТО - во многу теми Меркел и Трамп далеку се разијдуваа. Не само политички, туку и во меѓусебната лична врска се чини владееше тензија. Трамп во една прилика ја нарекол Меркел „глупава“. И на оваа средба на маргините на НАТО-самитот на крајот на 2019 година не се гледа големо пријателство.
Кој е овде шеф?
Меркел и Трамп на самитот на Г7 во Канада во јуни 2018 година. Оваа фотографија предизвика насекаде општи дискусии: се обидува ли Меркел да му го објасни светот? Дали е таа вистинската лидерка на западниот свет? Или овде тој е шефот - како единствен кој седи?
Ќе се ракуваме ли?
Канцеларката постави пријателско прашање при нејзината прва посета кај Доналд Трамп во Белата куќа во март 2017 година. Но нејзиниот домаќин не реагираше, демонстративно гледаше на друга страна. Подоцна тврдеше дека не го чул прашањето. Меркел можеби се надева при следната посета во Вашингтон да се сретне со друг претседател.
На крајот се приближија
Канцеларката и Барак Обама изгледаа прилично блиски при неговата последна посета како претседател на САД во Берлин. Во ноември 2016 година - неколку дена по изборот на Доналд Трамп за негов наследник, се чини дека Обама сакаше да и ја предаде на Ангела Меркел одговорноста за западната демократија. Американските медиуми пишуваа дека таа е сега предводник на слободниот свет.
Највисоко признание
Во вечерен фустан, Меркел во јуни 2011 година од претседателот Барак Обама во Белата куќа го прими највисокото цивилно одликување на САД - медал за мир. Признанието таа го доби за својот ангажман во европската политика. Аналитичарите го толкуваа одликувањето и како доказ за добрите германско-американски односи.
На гости кај пријатели
На самитот на Г7 во јуни 2015 година во баварските Алпи, се насетуваше речиси пријателско однос меѓу Обама и Меркел. Канцеларката во борбата против промената на климата можеше да се потпре врз американска поддршка. Со доаѓањето на Трамп тоа драстично се промени.
Дај ми рака, другарче!
Претходникот на Обама, американскиот претседател Џорџ Буш, уште по првата средба беше воодушевен од слободарството на Ангела Меркел, кое тој го објасни со нејзиното минато во Германската Демократска Република. На самитот на Г7 во Санкт Петербург во јули 2006 година тој посегна од зад неа да и го масира вратот, а канцеларката преплашена ги дигна рацете. Гестот на Буш очигледно беше добронамерен.
Домашна скара
Џорџ Буш во јули 2006 година беше видно задоволен да и стави месо од скара на чинијата на Ангела Меркел. Прасенцето беше печено на ражен во изборниот округ на Ангела Меркел, на брегот во покраината Мекленбург-Предна Померанија. каде го пречека гостинот од САД.
Ќе те одведам во Тексас
Во 2007 година Ангела Меркел го посети Џорџ Буш на неговиот ранч во Крафорд, Тексас. Во теренско возило од американско производство Буш изигруваше шофер за Меркел и нејзиниот сопруг Јоахим Зауер. Уште тогаш почнуваа вриења околу една тема - ситуацијата во врска со Иран, која повторно зовре за време на Трамп.
Рака во рака со Бил Клинтон
На комеморацијата за Хелмут Кол во јули 2007 година американскиот екс-претседател Бил Клинтон држеше хумористично-меланхоличен говор за починатиот германски канцелар. „Го сакав“, изјави Клинтон. Кога видно потресен, повторно се врати на седиштето, тој посегна по раката на Ангела Меркел.
Насмеј се малку!
Ноември 2009 година: Меркел само што одржа говор пред Конгресот во САД во Вашингтон. Додека сеуште траеше аплаузот, тогашниот вице претседател Џо Бајден ја забавуваше Меркел со досетки. Со Бајден како претседател, се надеваат некои, можно е германско-американското пријателство повторно да заживее. Барем на политичко рамниште разбирањето со него за Меркел би било полесно отколку со Трамп