1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе за административците, помалку за земјоделците!

Костадин Делимитов
3 ноември 2017

Социјалната компонента доминира и во предлог државната каса за догодина. Власта ќе троши, но и ќе дава повеќе, но не секаде! Нема прогресивен данок, но затоа има повисока акциза за нафтата!

https://p.dw.com/p/2my8H
Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Повеќе социјален, малку популистички, малку развоен. Ова се постулатите врз чии основи владата предводена од СДСМ го проектира првиот буџет во нејзиниот мандат. Државната каса во 2018 ќе биде досега рекордно тешка и повторно доминантно социјална. Власта планира да потроши 3 милијарди и 440 милиони евра, или 300 милиони евра повеќе од она што смета дека може да го реализира како приход. Планот е дефицитот да се намали на 2,7%:

„Среднорочно, планирана е постепена фискална консолидација, односно строга контрола на помалку продуктивните расходи. Истовремено обезбедување на значителен износ на капитални инвестиции и субвенции за поддршка на домашната економија“, изјави министерот за финансии Драган Тевдоски.

Повеќе пари за плати отколку за капитални инвестиции

Власта ќе ги реализира ветувањата за повисоки плати и нови вработувања, но  вкупната ставка по овој основ ќе ја „изеде“ онаа предвидена за капитални инвестиции. Плановите за зголемени плати од 10% во армијата и од 5% во здравството и образованието, како и планираните нови вработувања во јавниот сектор пред се` во детските градинки ја зголемуваат сметката по овој основ за 1,7% или на вкупно 440 милиони евра. Експертите предупредуваат дека ваквиот сооднос долгорочно не нуди развој:

Symbolbild Bilanz
Фотографија: picture alliance/dpa/Chromorange

„Ниту теоретски, ниту практично не е добро ставката за плати да биде повисока од онаа предвидена за капитални инвестиции. Но мораме да имаме во предвид дека оваа Влада е соочена со пренатрупана јавна администрација. Да, дел од платите ќе растат но како што видов тоа ќе се случи од септември. Но мора да се има предвид и еден друг факт, а тоа е дека веќе и јавната администрација кубури со квалитетен кадар кој сепак мора и да се плати“, коментира економскиот аналитичар Слободан Најдовски.

Во делот на капиталните инвестиции, според него поважна е нивната реализација отколку првичната поставеност:

„Во изминативе години бевме сведоци дека капиталните инвестиции се пумпаа и по правило не се реализираа во целост. Затоа е многу важно тоа што ќе се планира и да се оствари. Оваа сума од 400 милиони евра е можеби недоволно висока, но ако се реализира во целост е и солидна. Но за тоа треба да се има готови и здрави проекти. И тоа не зависи само од министерството за финансии туку од сите буџетски корисници кои мора да бидат подготвени да го сработат она за што бараат пари“, смета Најдовски.

Од планираните капитални инвестиции, речиси 57 милиони се за патишта и железници, речиси 96 милиони за гасоводи, водоводи, пречистителни станици, 7 милиони за слободните индустриски зони. Во оваа сума не влегуваат парите за автопатите од Скопје до Штип, односно Кичево до Охрид кои се финансираат преку Јавното претпријатие за државни патишта.

Земјоделците непријатно изненадени

Во 2018 година ќе има пари и за земјоделците. Субвенциите се утврдени на 136 милиони евра. Сепак она што боде очи според земјоделците е што оваа ставка која го опфаќа и делот за рурален развој е пониска од ветената:

„Изненаден сум што едно ветуваа, а еве гледам друго се реализира. Таа ставка требаше да изнесува 160 милиони евра, за субвенции и рурален развој. Ветуваа зголемување на она што земјоделците го добиваа од владата на ВМРО ДПМНЕ но гледаме дека сега не е така. Или можеби и за ова ќе кажат дека ветиле дека 160 милиони евра ќе исплатат ама на крајот од четири годишниот мандат“, реагира Ефтим Шаклев од асоцијацијата на земјоделци.

Weinanbau in Mazedonien
Фотографија: dpa

Нема прогресивен данок но има повисока акциза

Најавеното прогресивно оданочување, како едно од главните предизборни ветувања на СДСМ кое требаше да донесе правична распределба засега е на стенд бај. Неговото воведување е одложено за 2019, но затоа ненајавено се воведува зголемување на акцизата кај нафтените деривати. Од 1 јануари таа ќе биде повисока за 3,54 денари. Она што боде очи во ваквиот владин потег според дел од експертите е начинот на носење на оваа мерка, што е спротивен на најавите на владата за целосна транспарентност и јавна дебата за сите реформи. Дел од нив веќе предупредија дека идејата за почист воздух ќе има негативен ефект, посебно врз најсиромашната категорија граѓани која ќе го претрпе крајниот удар од ценовниот шок што ќе го повлече поскапата акциза. Дел од присутните на јавната дебата во министерството за финансии предупредија дека околу оваа мерка веројатно ќе беше подобро најпрвин да се видат проценки на ефектите врз најсиромашните и евентуалниот ценовен шок:

„Акцизата ненадејно порасна, кои беа вашите калкулации, дали имате конкретни пресметки и анализи за потенцијални инфлаторни притисоци по ова“ праша Благица Петрески, универзитетски професор.

Анализата на првичниот текст на буџетот кој целосно и детално ќе биде ставен на увид за две недели кога треба да влезе и во собраниска процедура открива и намалување на ставката расходи за стоки и услуги. Во овој дел се планира намалување за 2,4%, односно за близу 7 милиони евра.

Економијата во наредната година треба да порасне за 3,2% од БДП, додека пак инфлацијата е таргетирана на 1,7%. Народната банка во најновата прогноза предвидува идентичен раст за 2018 со оној на министерството за финансии, но предупредува од повисока инфлација. Според прогнозите на монетарната власт, инфлацијата во 2018 година ќе изнесува 2%. Во оваа проекција не е содржано најавеното зголемување на акцизата на нафтата. Што се однесува пак до тековната година општата слика останува негативна. Владата ја намали проекцијата за раст на економијата на 1,6% од БДП. Монетарната власт пак очекува дека економијата ќе има сила да испорача тројно помалку или раст од само 0,5% од БДП.