1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буџетот оди под нож за повисоки плати

Костадин Делимитов
4 септември 2019

Капиталните инвестиции се намалуваат, платите ќе се зголемуваат. Владата го усвои ребалансот на буџетот за 2019 година.

https://p.dw.com/p/3OyHP
Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Владиниот „амин“ за ребаланс на буџетот беше очекуван. И годинава, како и изминативе десетина, Владата се одлучи да крати онаму каде што боли најмалку - капиталните проекти. Оваа ставка од буџетот, која првично беше рекордно поставена, сега се коригира за 50 милиони евра, односно од првичните 420 милиони евра до крајот на годинава се планира да се потрошат 370 милиони евра. Најголемо кратење има во делот на железницата, а се одлага и реализацијата на неколку проекти во образованието, водоснабдувачките системи, отпадните води, коридорот 10, рурален развој...

„Ребалансот на буџетот има за цел да се алоцираат средства онаму каде што ќе има најголема ефикасност и каде што може да се постигнат поголеми економски ефекти. Развојната компонента на буџетот е нагласена и со овој ребаланс. Ќе следува распределбата на уште повеќе пари кај граѓаните, директно вложување во потребите и потенцијалите на луѓето и силна финансиска поддршка за бизнисот за отворање на нови работни места и исплати на повисоки плати во приватниот сектор и за севкупните работници во нашата земја“, изјави премиерот Зоран Заев.

Министерката за финанси Нина Ангеловска рече дека буџетот е во одлична кондиција и дека со ребаланост, кој почнал да се работи пред нејзиното назначување, се кратат средства од капиталните инвестиции, кои биле со слаба реализација и пред сѐ финансирани од кредити:

„Поради ниската реализација на одредени капитални инвестиции за периодот јануари-август, од иницијално планираните 25,9 милијарди намалени се одредени позиции кај капиталните расходи кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, главно кај проекти финансирани со кредити. Со ребалансот овие средства се пренаменети во корист на сите учесници, контрибутери и корисници“, порача Ангеловска, која пред два дена стапи на оваа функција. 

Mazedonien Regierungssitzung
Владата се одлучи да крати онаму каде што боли најмалку - капиталните проектиФотографија: Mazedonien Regierung

Капиталните инвестиции да се реализираат

Капиталните инвестиции се кратат во услови кога нивната реализација е безмалку очајна. Последните податоци за реализацијата во првите седум месеци од годинава покажаа дека се реализирани едвај 103 милиони евра, што отвора дилеми дали е реално да се очекува дека институциите имаат капацитет да реализираат уште 270 милиони евра до крајот на годината. Експертите се скептични, исто така и бизнисмените, кои се и загрижени од отчетноста на овој план. Во вакви услови тие не се изненадени што владата се реши да ја прекрои државната каса, но инсистираат капиталните инвестиции да бидат приоритет:

„Ребалансот на буџетот е очекуван, особено имајќи предвид дека реализацијата на планираните капиталните инвестиции за првите седум месеци од тековната година е под 25 проценти. Капиталните инвестиции се значаен сегмент за развојот на економијата, особено оние предвидени за градба во делот на инфраструктурата, бидејќи го олеснуваат протокот на стоки и поврзаноста во и вон границите на Македонија и истите потребно е да бидат приоритет во сите идни планирања. Предвидените средства кои се наменети за активни мерки за вработување и поддршка на земјоделството исто ќе придонесат за подобрување на условите за работа и инвестирање. Забележителни се и средства издвоени за потребите на здравството, за набавка на лекови за ретки болести, како и останати расходи кои е можно да имаат подолгорочни ефекти за граѓаните, но и за стопанството“, изјави за Дојче веле Даниела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори.  

Повеќе:

СДСМ: Не е време за избори, туку за економија и раст на платите

Заев го напаѓа буџетот, и треба!

Платите и вработувањата - главен приоритет

Ако капиталните инвестиции настрадаа, тогаш клучниот адут на власта со овој ребаланс се платите и поддршката за вработување. За оваа цел се воведуваат средства за поддршка на зголемување на платите во приватниот сектор. Оние газди кои ќе ги зголемат платите до 6000 денари за овој дел ќе бидат покриени за давачките за пензиско и здравствено осигурување од Владата. Оваа мерка ќе стартува од 1 октомври и ќе важи за сите 610.000 вработени во приватниот сектор. Годишно ќе чини 40 милиони евра, или 120 милиони евра во предвидените три години:

„Знаеме дека во бизнис секторот, покрај тоа што е тешко да најдат вработени, еден од предизвиците со кои се соочуваат компаниите е задржување на квалитетниот кадар. Поради тоа сметам дека оваа мерка ќе им овозможи на компаниите да даваат поголеми плати и со тоа да ги мотивираат вработените и да го препознаат трудот и потенцијалот, а за тоа ќе им помогне државата. Издвоивме и дополнителни 200 милиони денари за активните политики и мерки за поддршка на вработувањето за кои има голем интерес, како и за новата мерка за младите вработени во производство за да се симулира производството да стане поатрактивно за младите, и да се задоволи побарувачката на работна сила во производството“, објаснува Ангеловска.

Mazedonien Skopje Arcelor Mital-Fabrik
Клучен адут на власта во врска со ребалансот се платите и поддршката за вработувањеФотографија: DW/Petr Stojanovski

Поддршка, но и дилеми

Дел од стопанствениците генерално ја поддржуваат оваа мерка, но имаат и дилеми:

„Сепак остануваат бројни дилеми околу субвенционирањето на дел од придонесите за здравствено и пензиско осигурување за работодавачите кои ќе пристапат кон зголемувањето на платите. Поттикот на стопанството со субвенционирање со зацртана цел за негов раст потребно е да се искористи, но тоа во никој случај не смее да биде оправдување за паралелно да се реализира уште едно вештачко зголемување на минималната плата со измени во легислативата. Потребно е прво да се види во кој обем ќе биде искористено субвенционираното зголемување на платите, колкав ќе биде интересот за истото и кои ќе бидат ефектите. Дефинитивно најпотребно е намалување или елиминирање на непродуктивните расходи, како би можело да се постигне намалување на фискалниот дефицит без намалување на средствата наменети за основните јавни програми кои се значајни за граѓаните и стопанството“, коментира Арсовска.  

Дел од експертската јавност, пак, смета дека мерката за субвенционирање на зголемување на платите би имала смисла, но само ако таа се однесува на вработени со пониски примања и доколку гарантира дека по нејзиниот истек платите нема да се намалат:

„Мерката би имала смисла само ако таа се однесува на вработените со пониски примања. Инаку, зошто државата да субвенционира ако некој менаџер со плата од неколку илјади евра си ја зголеми платата? Ако се однесува на фирми што немаат висока профитабилност. Зошто државата да субвенционира плати на некоја банка која остварува профити од десетици милиони евра? Ако е последица на значајно зголемување на минималната плата и ако фирмите се обврзани да не ги намалуваат платите и по звршување на субвенцијата. Без тоа, тие веднаш ќе се намалат и без тоа се сведува на ослободување на фирмите од даноци како што правеше Груевски. Навистина сме многу богати штом можеме да си дозволиме да дадеме 120 милиони евра на вакво нешто“, коментира на статус на Фејсбук, Бранимир Јовановиќ, поранешен советник во министерството за финансии.

Nina Angelovska
Министерката за финансии Нина Ангеловска вели дека буџетот е во одлична кондицијаФотографија: privat

Критики од опозицијата

Опозицијата критикува дека состојбите се лоши и каков било ребаланс немало да ја спаси власта од одговорност:

„Развој на економијата и на државата нема, ниту може да има со ваква неспособна влада. Зоран Заев и Нина Ангеловска со ребалансот предлагаат популистички буџет, во кој се крати од развојните проекти, како капиталните инвестиции за да има пари за популистички мерки, кои имаат краткотраен ефект. Планот на Заев е префрлање пари во непродуктивни трошоци за да го минимизира незадоволството од расипништвото и корупцијата на неговиот кабинет“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Вкупните приходи со ребалансот на Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година се планирани на ниво од 210,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 228,3 милијарди денари.

Во овие рамки на планирани расходи и приходи дефицитот останува непроменет во однос на планираниот со основниот буџет, односно истиот е со позициониран износ од 17,7 милијарди денари, односно 2,5% од БДП. Откако го усвои Владата, предлог ребалансот на буџетот за 2019 се испраќа во Собрание, каде треба да помине на комисиска расправа, пред да биде ставен на гласање на пленарна седница. Целата процедура, според очекувањата, треба да трае најмногу дваесетина дена.