Бјерн Хеке пред исклучување од АФД?
13 февруари 2017По повеќенеделната расправа за контроверзните забелешки на покраинскиот лидер на националистилката партија Алтернатива за Германија (АФД) во Тирингија, националното раководство на десничарската партија денеска одлучи да побара исклучување на Бјерн Хеке од своите редови.
Поради неговата вжештена реторика, Бјерн Хеке често се наоѓаше на насловните страници на националните медиуми, но неговите изјави во јануари, за германската посветеност кон културата на сеќавање на жртвите од нацизмот му создадоа проблем со претпоставените во партијата.
Обраќајки се пред група на млади поддржувачи на АФД во Дрезден, Хеке го нарече Меморијалот на убиените Евреи од Европа во Берлин „споменик на срамот“. Потоа, тој додаде: „Треба да ја промениме политиката на сеќавање (сеќавање на жртвите на националсоцијализмот н.з.) за 180 степени".
Хеке подоцна ретерираше појаснувајќи дека сакал да сугестира дека Германија е премногу оптоварена со сопствениот срам. Локалните и националните лидери на АФД се дистанцираа од него, а шефицата на партијата Фрауке Петри го нарече „товар за партијата“ поради неговите „неодобрени соло изведби “, но се чинеше дека му беше дозволено да остане дел од партијата.
Националното лидерство сака Хеке да остане надвор од партијата
По денешната телефонска конференција на лидерите на партијата, АФД одлучи да започне постапка за исклучување на Хеке од своите редови засекогаш. Портпаролот на партијата изјави дека партијата извршила „правна ревизија и политичка проценка“ на говорот на Хеке и одлучила дека не треба да му биде дозволено повеќе да ја претставува партијата.
Сега е редот на комисијата за арбитража на АФД во Тирингија да одлучи за барањето на лидерите.
По основањето на евроскептичната партија во 2013 година, АФД оствари повеќе политички успеси во минатата година откако нејзината програма повеќе се фокусираше на националистички и антиимигрантски теми. Минатата година во партискиот манифест, АФД официјално додаде параграф во кој се вели дека „исламот не припаѓа кон Германија“.