1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бљак

Гордан Георгиев
15 октомври 2019

Сигналите од ЕУ се толку лоши и безнадежни што ова понижување не можеме веќе да го истрпиме. Всушност, не се работи ни за понижување, се работи за салонска велеманипулација со европски шмек. Пишува Гордан Георгиев

https://p.dw.com/p/3RKqb
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Се обидовме државнички. Го сменивме името. Ни рекоа дека сме покажале визија, државништво, дека сме ја отвориле вратата на иднината. Плус, го лажеа Заев в лице дека сигурно ќе отпочнеме преговори. А го лажеа тие коишто не одлучуваат за тоа дали ќе започнеме преговори (Хан, Туск, Могерини). Потоа пробавме со закани. Ќе се наруши стабилноста на регионот, па како Србија и Косово ќе се договорат ако нас не не’ наградите?!? Па дека ќе паднела владата на Заев ако не добиеме датум, па ќе се врател Груевски, па може и војна да имало. На крајот ни преостана лигавење, а тоа само по себе е најлигавата можна форма на политички притисок. Што и да се случело, за нас сонцето изгревало на Запад. Овие бљак формулации на Бујар Османи се една од причините за нашата сервилност и неуспех во градењето кредибилна политичка позиција. Сме имале состанок со историјата, уште една бљак формулација на Никола Димитров. Не, немаме состанок со историјата и не сакаме да одиме на таков состанок со историјата. Историјата ни ја пишуваат други, преку рамковната позиција изгласана со огромно мнозинство во бугарскиот парламент. Сменивме име заради ЕУ и сега малку незгодно ќе биде да извисиме, вели отприлика Стево Пендаровски. Ок, сето ова е точно, доколку извисиме. Но ние мораме нешто да направиме. Најлесно е да одиме на предвремени парламентарни избори и да се преброиме. А за што ќе се броиме? За каде? И кој ќе дојде на власт потоа? Овие што ќе го вратат вековното име доколку добијат двотретинско мнозинство? И ќе не’ отпишат од НАТО? Бљак.

Понижување

Македонците повторно изгледа ќе си ги лижат раните, чекајќи ја новата (француска) методологија за преговарање, или, во превод од француски на македонски: не не’ интересирате,јавете се за една година. Добро. Цело време се правиме мутави и глупави, лижеме таму кадешто сме плукнале, се смееме недоветно и се нудиме себеси како некои пиљари во 16:30 часот кога затвара пазарот а не сме ја продале робата која веќе утре ќе се расипе. И ја спуштаме ли ја спуштаме цената. Се плашиме од себеси и се закануваме на Европјаните со најглупавото можно оружје: примете не’ за да не се распаднеме. Или уште поглупавото: примете не’ за да не падне владата. 

Претходни колумни на авторот: 

Диливери бојс

- Мутави до НАТО

Малку т.е. малку повеќе ни здосади некритичниот оптимизам на Владата на чело со премиерот. Криво ќе ми биде за потрошениот бензин до Луксембург и арчење пари на кафиња и води по скапите луксембуршки брасерии. Барем сите тројца (Османи, Заев и Димитров) со една кола да отидеа. Освен ако планот не бил некој трајно да скршне накај Холандија.

Дај боже да се прекрши работата на крајот, но сигналите се толку лоши и безнадежни што ова понижување не можеме веќе да го истрпиме. Всушност, не се работи ни за понижување, се работи за салонска велеманипулација со европски шмек. А тоа е веќе толку пасе’ и бљак. Доколку навистина ни го одложат датумот за преговори и доколку одложувачката формулација биде „ќе се навратиме на следниот самит“, тогаш ние треба да дигнеме рачна кочница. И да им кажеме отворено во лице дека сето ова го сметаме за „бљак“. Синонимот на француски е beurk, доколку не се разбираме. И притоа не мислам на калимеро правдата толку присутна кај претходникот на Заев, туку едно достоинствено повлекување од целиот процес. Кога ќе се навратите, побарајте не’. Ние во меѓувреме ќе си бркаме работа. Еве ви ја Србија и Црна Гора, преговарајте со нив и решавајте косовско-српски слепи улици.

Кревање на главата

Сакам Заев да ја подигне малку подискривената и поднаведната глава и да ги каже јасно и гласно позициите на македонската Влада, но и на македонската нација. И тоа од таму, од Луксембург. Пред затворените европски врати. Се разбира дека ќе мора да се посипе со пепел, но нека го направи тоа како што треба, достоинствено би рекол, самурајски ако може. Бидејќи во случајот со Македонија, се покажува дека сабјата ја сече токму наведнатата глава. А потоа да си се врати дома, макар и со подвиткан опаш и веднаш, државнички, да закаже лидерска средба со Мицковски, Ахмети и сите лидери на парламентарните партии. Да го исклучи телефонот за дојдовни повици од ЕУ. И да изградат оперативен план за наредната година до изборите во октомври. Ете, безбедносно сме покриени со НАТО, но ние треба да бараме пазари, ефтини пари, инвестиции, работа за нашите граѓани. Нека стегне Заев заедно со Мицковски една посета на Пекинг, на пример. Потоа нека скокнат до Њу Делхи, па на крајот до Москва. Па не ли го прават истото тоа видни земји членки на ЕУ, сосе Франција и Германија. А кога ќе се јават Американците да не’ прашаат „абе што правите таму дечки?“, ние загадочно ќе им одговориме: „ааа нее, за пари зборуваме и за инвестиции, не за безбедност". Така ли сакате? Па тоа е полесниот пат, тоа е патот на Груевски, башка сега со НАТО членство во џебот. Плус, ќе ја ревидираме комплетно нашата политика визави мигрантите. Главна тема ви е Сирија и Турција, за Македонија немате време? Ок, ќе усвоиме национална стратегија за воспоставување на коридор за мигрантите директно до ЕУ. Знам дека и ова е бљак, ама тоа ни се опциите.

Ако ВМРО-ДПМНЕ го опструира тој план, толку полошо за сите. Но тоа ќе значи дека сакаат да дојдат на власт заради крадење и амнестија на претходните криминали, а не заради јасна и добра перспектива на македонските граѓани. Бидејќи и ВМРО-ДПМНЕ немаат никаков план што понатаму. Јас точно знам дека опозицијата ќе ликува доколку не добиеме датум за преговори, и тешко ќе им оди да го прикријат триумфот за поразот на Заев. Но, тоа би била крајно анационална позиција и ВМРО уште еднаш би покажала дека нема никаков интерес за заздравување на државата. А тоа е така бљак.

Барање влакно во јајцето

Сето ова не е заради губење или сочувување на достоинството. Се работи за конституирање на политичка позиција визави „принципелните“ позиции на ЕУ и на Франција. Еве, да ја наречеме суверена позиција. 

Е сега, факт е дека Македонија нема сосема чисто реформско портфолио. Тука нема што да кукаме и да правиме паралели какви биле портфолијата на некакви Бугари или Романци кога влегувале во ЕУ. Тоа не помага. На пример, барањето на Холандија за донесување на законот за јавно обвинителство не е ништо друго туку барање влакно во јајце. Но, сепак е аргумент против нас, легитимен за нив. Несправувањето со корупцијата и криминалот и полжав-правдата исто така оди на наше конто. Но и на ова поле, сепак, пра-гревот беше направен токму со амнестијата и пазарот за добивање на двотретинско мнозинство со цел промена на Уставот со цел промена на името со цел влез во НАТО и почеток на преговори со ЕУ. И за тоа ли не знаевте ништо другарчиња од ЕУ? Е па навистина сето ова е бљак...