Црвенковски: Национална платформа за иднината
27 септември 2021Поранешниот претседател Бранко Црвенковски денеска повика на создавање на национална платформа околу која ќе се постигне широк општествен консензус додека не се решат сите клучни работи во државата. На свечениот собир на МАНУ за јубилејот од формирањето на современата македонска држава, тој ја повика Академијата, Универзитетот Кирил и Методиј, Стопанската комора и претседателот Стево Пендаровски да покренат таква иницијатива, да ги подготват документите и да им ги понудат на партиите.
„Откако ќе се потпишат, тие ќе се обврзат на нивно исполнување и почитување, вели Црвенковски, кој не е сигурен дали и колку од партиите ќе ја прифатат ваквата идеја.
Предлогот на Црвенковски е оваа национална платформа да се фокусира на неколку прашања: на носење на страгегија за спречување на корупцијата, којашто ќе започне со укинување на коруптивното финансирање на политичките партии.
„Под итно треба да се донесе рестриктивен закон за потеклото на имотот, кој ќе важи за сите. Потребно е да се донесе и план за рационализација на администрацијата, во кој ќе се дефинира и политиката за надворешниот долг на државата, но и да се направи се земјава да ја оствари стратешката цел – да стане полноправна членка на ЕУ“, вели Црвенковски.
„Којшто живее на кредити, умира на рати“
Тој упати низа критики за актуелната политичка состојба во земјава, којашто оцени дека е длабоко поделена и конфронтирана. „Македонија е корумпирана држава, нема едакавост пред законот, нема правда, нема доверба во судството. Во корумпирана држава нема квалитетно образование во кое дипломите ќе се заслужуваат, а нема да се купуваат“, вели Црвенковски. Тој смета дека земјата е внатрешно поделена и конфронтирана, не може да се изгради консензус за ниту едно прашање. Партиите не се гледаат како конкуренти, туку како непријатели коишто треба да се уништат, а изборите се доживуваат како гладијаторска борба.
Тој укажа дека владее конфликт меѓу партиите, кои се замразени, неспособни да седнат на заедничка маса, што го отежнува напредокот на државата. Според него, Македонија е земја во којашто се живее на кредити, а има изрека која вели „којшто живее на кредити, умира на рати“.
Црвенковски вели дека постојано се повторува една мантра дека друга алтернатива освен членство во Европската Унија. Тој запраша што во случај ЕУ да одлучи да нема повеќе проширување, без разлика дали ние сме ги исполниле сите услови. „Дали тогаш ќе се самораспуштиме или самоукинеме? Или мора да најдеме алтернатива“, праша Црвенковски.
Поранешниот претседател вели дека алтернатива не гледа ниту на Исток, ниту на Далечниот исток. „Дали имаме сопствен капацитет, политичка волја и јасна визија да се одржиме и да се развиваме како самостојна држава и без членство во ЕУ“, прашува Црвенковски, оценувајќи дека ако сметаме дека „НАТО ќе не брани, а ЕУ ќе не храни, ниту ќе се одбраниме, ниту ќе се нахраниме“.
Во однос на економската состојба во државата тој укажа дека состојбите се полоши од пред 10 или 20 години. Раст, според него може да се лоцира само во буџетот, кој секоја година расте, како и во бројката на вработени во администрацијата. Правејќи споредба, тој реќе дека од 173.469 вработени во администрацијата, сега бројката достигна до 197.530 лива, што значи 24 илјади нови вработени во јавниот сектор во последните неколку години.
„Вака понатаму не може, овој балон ќе пукне“, вели Црвенковски.
Пандорина кутија
Осврнувајќи се на договорите со грција и со Бугарија, и ветото со кое се блокира патот кон ЕУ, поранешниот претседател вели дека „ни беше најавено и гарантирано дека Преспанскиот договор ќе биде клучот што ќе ги отвори двете врати, но не е така“. Тој не става знак на еднаквост меѓу двата договори.
„Преспанскиот договор, кој не го сметам за добар и идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно прашање. Договорот со Бугарија, пак, ја отвори Пандорината кутија и отвори цела серија на барања, за коишто компромис не е можен“, укажува тој.
Грешки од минатото
Во своето обраќање на свечениот собир на МАНУ за јубилејот од формирањето на современата македонска држава, Црвенковски се осврна и на „грешките од минатото“. Тој рече дека една од неговите грешки била тоа што не ги заштитил работниците-акционери во транзицијата пред 30-тина години од притисокот на менаџерите на претпријатијата.
„Со ова искуство и со овој памет знам дека со сигурност тогаш работите би ги направил поинаку. Негативните последици мора да се признаат и за грешките додека бев премиер носам целосна одговорност“, рече Црвенковски.