1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Бионтек ќе бара дозвола за вакцина за деца над 12 години

ЕМФ | дпа
29 април 2021

Досега нема вакцина против коронавирус за деца помлади од 16 години. Но, тоа наскоро може да се промени. Бионтек најавува дека во наредните денови ќе поднесе барање за дозвола за вакцина во оваа возрасна група.

https://p.dw.com/p/3skr4
Symbolbild Corona Impfstoff Biontech und Pfizer
Фотографија: Joel Saget/AFP

Германската фармацевтска компанија Бионтек и нејзиниот американски партнер Фајзер сакаат деновиве да поднесатбарање за дозвола за нивната вакцинапротив коронавирус за деца постари од 12 години. Ваквото барање ќе биде поднесено во Европската агенција за лекови (ЕМА) најверојатно „во наредните денови“, изјави денеска портпаролка на Бионтек за германската новинска агенција ДПА.

Претходно „Шпигел“ пишуваше дека барањето ќе биде поднесено наредната среда. За да се добие дозвола, веќе се располага со „податоци од студија со деца во САД на возраст од 12 до 15 години“, а во Европа „ги правиме последните чекори пред поднесување барање“, го цитира „Шпигел“шефот на Бионтек, Угур Шахин.

Процесот на проверка на барањето за дозвола за вакцина против коронавирус во ЕМА трае по правило неколку недели. Досега во Германија не се вакцинираат деца.

Вакцината на Бионтек/Фајзер во ЕУ и во САД им се дава на лица постари од 16 години. Доколку барањето за дозвола во ЕМА биде поднесено во наредните денови, Европската агенција за лекови би можела во најдобар случај да даде дозвола во првите две недели од јуни. Потоа би можело да се почне со вакцинирање.

Повеќе:

Клинички се тестираат над 50 вакцини против Ковид

Познати плановите - на кои вакцини ќе се потпира ЕУ во иднина

Вакцинирањето на деца постари од 12 години би било важно пред почетокот на наредната школска година и за исполнување на целта - колективен имунитет. Бионтек и Фајзер неодамна соопштија дека клиничка студија покажала оти вакцината имала стопроцентна ефикасност во возрасната група 12 до 15 години. Децата кои учествувале во студијата добро ја поднесувале вакцината, а нуспојавите биле соодветни на она што може да се очекува во таа возрасна група, соопштија двете фармацевтски компании.

Паралелно со тоа Бионтек и Фајзер ја испитуваат ефикасноста и дејството на вакцината на деца на возраст од 6 месеци до 11 години. Податоците од таа студија ќе бидат на располагање до септември, вели портпаролка на Бионтек за ДПА.