Ковид-19: Дали е доволна само една доза од вакцината?
4 мај 2021Oколу пет милиони Американци не се појавија да ја примат втората доза, откако беа вакцинирани со првата доза од вакцините на Бионтек/Фајзер или на Модерна, покажуваат податоците кои ги објави весникот „Њујорк тајмс“. Тоа се околу 8 отсто од вакцинираните. Причините можат да бидат различни, почнувајќи од тоа што луѓето немале време или не добиле отсуство од работа.
Вирологот Анџела Рамусен од Универзитетот Саскачеван во Канада во разговорот за ДВ набројува уште некои причини за непримање на втората доза од ковид-вакцината: „Постојат некои луѓе кои можеби прочитале шпекулации дека една доза е сосема доволна, што може да им создаде лажно чувство на сигурност“, вели Расмусен. Друга причина што може да ги обесхрабри луѓето да не ја примат својата втора доза од вакцината се симптомите по вакцинацијата.
„Некои луѓе можеби имале непријатни несакани ефекти поврзани со првата доза и сами одлучиле дека не сакаат да го доживеат тоа повторно со втората доза“, вели таа, додавајќи дека мал број луѓе можеби едноставно заборавиле дека треба да примат втора доза од вакцината против коронавирусот. Само во ретки случаи поради медицински причини се советува да не се прими втората доза.
Меѓутоа, дали е доволна една доза? Стручњаците сѐ уште велат - не е! Иако првичните студии покажуваат дека веќе по првата доза во голем процент се развива имунитет на вирусот, сепа е нејасно колку тој трае.
„Многу е важно да се прими и втората доза“
Во две студии на британскиот Завод за статистика и на Универзитетот Оксфорд се наведува дека делот на симптоматски заразувања со коронавирусот се намалува дури за 72 отсто кај луѓето кои примиле само една доза од вакцините на Бионтек/Фајзер или на АстраЗенека. По втората доза од Бионтек/Фајзер бројот е 90 насто помал, додека за АстраЗенека податоците сѐ уште не се достапни, бидејќи за втора доза се чека 12 недели.
Повеќе:
-Колку може да се одлага втората доза Ковид вакцина?
Коен Пувелс, автор на студијата и истражувач на Одделот Нафилд за здравје на населението на Универзитетот Оксфорд, Нафилд, вели дека примањето на втората доза на вакцина доведува до подолга, како и до подобра заштита од Ковид-19.
„Како и кај секоја друга заразна болест, и тука по првата доза се стекнува висок степен на заштита, но тој ќе попушти“, вели Коен Пауелс, научник од Оксфорд кој учествувал во студиите. Втората доза значително го зголемува нивото на антитела, особено кај постарите. „Многу е важно да се прими и втората вакцина“, вели Пауелс.
Неодамна на овој проблем предупреди и Мајкл Ворнер, лекар од т.н. црвена зона во болницата во Торонто. Тој на Твитер напиша дека на респиратори често завршуваат пациенти кои пред подолго време ја примиле првата доза, а не ја примиле втората. Ворнер бара властите јасно да дадат до знаење: „Вакцинирани сте дури откако ќе бидете целосно вакцинирани“.
По прележан Ковид-19 само една доза?
Поинаку може да биде со луѓето кои веќе прележале Ковид-19. Постојаната комисија за вакцинација во Германија (Стико) во моментов на овие луѓе им препорачува, по прележаната зараза со коронавирусот, да почекаат најмалку 6 месеци, а потоа да примат само една доза. „Поради постоечкиот имунитет по прележаната инфекција, се јавува многу добар имунолошки одговор како резултат на засилувањето со првата доза на вакцината. Сите одобрени Ковид-вакцини може да се користат за вакцинирање на оздравените", истакнува Стико.
До истиот заклучок дојде и студијата на медицинскиот центар Сидарс-Синај од Лос Анѓелес. По испитувањето на 260 луѓе кои биле заразени со коронавирусот, а потоа примиле само една доза од вакцината на Бионтек/Фајзер, е заклучено дека имунолошкиот одговор е сличен како кај луѓето кои ги примиле двете дози. „Ако луѓето кои го прележале коронавирусот се вакцинираат само еднаш, ќе можеме да вакцинираме многу повеќе луѓе и ќе достигнеме колективен имунитет“, вели за ДВ Џонатан Браун, коавтор на оваа студија.
Истражувањето спроведено од страна на Институтот за имунологија Пен, исто така, открило дека луѓето кои се опоравиле од инфекција, покажале силен одговор со антитела по првата доза од иРНК вакцините. Во соопштение за јавноста, имунологот и коавтор на студијата, Е. Џон Вери, вели дека „овие резултати се охрабрувачки како за краткорочната така и за долгорочната ефикасност на вакцините“.