Вакцина за коронавирус– одговори на најважните прашања
5 декември 2020Кога ќе пристигне корона-вакцината во ЕУ?
Единаесет месеци откако новиот коронавирус стана познат, Бионтек/Фајзер веќе имаат одобрение од Велика Британија за нивната вакцина. Другите поранешни партнери од ЕУ ќе мора да почекаат уште некое време, бидејќи Европската агенција за лекови ЕМА, најдоцна до 29.12 ќе решава околу одобрување на корона-вакцината на Бионтек и Фајзер, додека за вакцината на американската фармацевтска компанија Модерна ќе одлучува до 12 јануари.
Бидејќи компаниите веќе имаат произведено милиони дози, вакцината би можела веднаш по одобрувањето да се дистрибуира во цела Европска унија – соодветно поделена според бројот на население.
И покрај брзањето, вакцините ќе бидат одобрени само доколку се навистина безбедни и ефикасни. Ова важи и за сите вакцини кои наскоро ќе бидат достапни, како онаа на британско-шведскиот концерн АстраЗенека или Синавак односно Синофарма од Кина.
Кој ќе се вакцинира прв?
И покрај тоа што ЕУ веќе има преднарачка за милиони дози вакцини од различни производители, сепак овие количини нема да бидат доволни за сите во првите месеци, бидејќи едноставно побарувачката е огромна, особено што само ревакцинација нуди сигурна заштита против агресивниот коронавирус.
Соодветно на ова дозите вакцини треба така да бидат распределени со што ќе се осигура „најголема придобивка“ за целото општество. Научниците и политиката затоа мораше да гарантираат дека нема први да се вакцинираат оние со најмногу пари, туку оние на кои тоа им е особено важно од општествено-социјални причини.
Во заедничкиот документ, Германскиот етички совет, Националната научна академија Леополдина и Институтот Роберт Кох, како и Комисијата за вакцинација (СТИКО), предлагаат приоритет во вакцинирањето да им се даде на постарите лица кои имаат и други болести. Освен вработените во здравството, кои од професионални причини се изложени на висок ризик од зараза, меѓу првите треба да бидат вакцинирани и оние кои работат во државните и општествено важни бранши како полицајци и спасувачки екипи, но и наставници и воспитувачи.
Како може што побргу да се вакцинираат повеќе луѓе?
Дури и вакцинација само на овие групи ќе биде голем предизвик. Под голем притисок низ цела Германија се центрите за вакцинација, во кои во следните недели веројатно многумина ќе бидат вакцинирани, во моментот кога ќе биде достапна вакцината.
Повеќе на темата:
Дистрибуција на вакцината на Бионтек - мамутска логистика
Вакцинација против коронавирус во ЕУ - од јануари
АстраЗенека: Самодемонтажа на една ветувачка вакцина
Германија има посебна стратегија за вакцинирање против корона
Меркел откри кој ќе има приоритет за корона-вакцина во Германија
И покрај тоа вакцинацијата ќе трае со месеци. Дури и да се вакцинираат по 100.000 луѓе на ден, потребни се 150 дена за да се вакцинираат околу 15 милиони лица. При тоа за сите овие е потребна и ревакцинација за да се гарантира вистинска заштита од вирусот.
Дури и во текот на годината вакцината да се распредели од центрите за вакцинација во амбулантите, повторно нема да може до крајот на годината да се вакцинира целото население во Германија.
Ќе има ли задолжително вакцинирање?
Иако повеќето „навиваат” за вакцина против коронавирус, има и луѓе кои не сакаат да се вакцинираат бидејќи не веруваат во вакцината која толку брзо беше развиена или генерално се критични настроени кон вакцинации. Според анкетите, половина од Германците не сакаат да се вакцинираат.
Властите засега исклучуваат обврска за вакцинирање во Германија. Само за вработени во здравството кои имаат близок контакт со ризични пациенти, може да има задолжително вакцинирање.
За во иднина е можно и за вработени во други „системски релевантни области” да стане задолжителна вакцината за корона. Експерти во моментов анализираат дали можеби и во други гранки би се вовела обврска за вакцина ако за работното место предвид доаѓаат само вакцинирани лица, за што пак мора да има одржано образложение од работодавачот.
Повеќето европски земји исто така сметаат на тоа што е можно повеќе луѓе да се вакцинираат доброволно. Но, во светот има земји каде вакцината против хепатит А и Б, Ротавирус, дифтерија, тетанус и жолтица е задолжителна, па таму истото би можело да важи и за вакцината против коронавирус.
Дури и во САД не е исклучено вакцинацијата да биде задолжителна, но тоа не би се носело на сојузно ниво, туку од секоја сојузна држава поединечно.
Дали задолжителната вакцинација ќе дојде на мала врата?
Поверојатно од воведување обврска за вакцинирање е дека во иднина вакцината ќе биде предуслов за учество во општествениот живот. Веќе се водат интензивни дебати за тоа дека во иднина без вакцина нема да може да се оди во барови, клубови, фитнес студија, стадиони или да се посетуваат концерти. Заедно со програмата за вакцинирање британската влада планира „пасош за нормален живот” без кој ќе има големи ограничувања. Австралиската компанија Квантас на интерконтинентални летови во иднина ќе прима само вакцинирани патници, а примерот може да го следат и други авиокомпании.
Правно е легитимно бидејќи за приватни компании важи договорна слобода. И во гастрономијата сопственикот ќе може да го искористи тоа право и да воведе ограничувања за влез.
Во државни компании или институции како железницата е поинаку. Тие ќе мора да превезуваат и невакцинирани, но можеби во одделни вагони.
Во јавните училишта и градинки нема да важи општа обврска за вакцинација како што има за сипаниците од март годинава. Ако училиштата или градинките се во приватна сопственост, може да воведат обврска за вакцина против корона.