СЗО препорачува натамошна употреба на АстраЗенека
17 март 2021По прекинот на вакцинирањето со АстраЗенека во повеќе земји поради опасности од тешки нуспојави, Светската здравствена организација и натаму ја испитува безбедноста на вакцината. Најновите податоци за безбедноста на препаратот се анализираат „внимателно“, соопшти СЗО.
„Во моментов СЗО е на мислење дека ползата од вакцината АстраЗенека преовладува над ризиците и препорачува да се продолжи со вакцинирање“, додава организацијата.
Згрутчувањето на крвта е трето најчесто заболување на крвните садови. Доколку згрутчувањето на крвта се случило временски блиску по добивањето вакцина, тоа сѐ уште не значи дека двете работи се каузално поврзани, се вели од СЗО. Освен тоа, се нагласува и дека вакцинирањето против Ковид-19 не ги намалува болестите или смртните случаи настанати поради други причини.
Повеќе:
Вакцината АстраЗенека и тромбоза - кое е објаснувањето?
АстраЗенека: Вакцинација или не?
Над 100 илјади вакцини на АстраЗенека за Северна Македонија
СЗО е во постојан контакт со Европската агенција за лекови (ЕМА) и други регулаторни тела во врска со безбедноста на вакцините против Ковид-19. Советодавното тело на СЗО за безбедност на вакцини во моментов сѐ уште ги проверува најновите безбедносни податоци за вакцината АстраЗенека. СЗО најавува дека ќе ги објави резултатите веднаш штом до нив ќе се дојде. Кејт О' Брајен, раководителка на одделот за вакцини, изјави дека кога вакцините добиваат итна дозвола од СЗО, тоа значи дека ги исполнуваат сите вообичаени стандарди за безбедност, ефикасност и квалитет.
ЕМА утре треба да ја даде завршната проценка за безбедноста на вакцината АстраЗенека. По извештаи за згрутчување на крвта во мозочните вени на повеќе лица откако ја примиле вакцината на британско-шведскиот производител, Германија и повеќе други европски држави привремено го прекинаа вакцинирањето со оваа вакцина.
СЗО: Џонсон и Џонсон има безбедна и ефикасна вакцина
Експертска група на СЗО за имунизација препорачува да се даде дозвола и за вакцината на американскиот производител Џонсон и Џонсон. Вакцината има ефикансост од 93,1% во делот на заштита од болничко лекување, изјави претседателот на комисијата Алехандро Кравиото во Женева. Што се однесува до ефикасноста на заштита од тежок тек на болеста воопшто, таа 28 дена по примањето на вакцината изнесува 85,4%.
Повеќе:
И вакцината на Џонсон и Џонсон влегува во програмата Ковакс
Зошто вакцината на Џонсон и Џонсон е толку барана
Кравиото во препораката потенцира дека вакцината на Џонсон и Џонсон треба да се прими само еднаш, за разлика од препаратите на Бионтек/Фајзер, Модерна и АстраЗенека, каде се потребни две дози. Освен тоа, со вакцината на Џонсон и Џонсон може да се вакцинираат сите на возраст над 18 години. Се наведува и дека оваа вакцина може да се чува во обичен фрижидер, па е лесна за употреба. Вакцината се заснова на т.н. векторска технологија, додека препаратите на Бионтек/Фајзер и на Модерна се мРНК-вакцини.
Итната дозвола на СЗО за вакцината на Џонсон и Џонсон, по дадената препорака на експертската комисија, се смета за чиста формалност.