Вакцини со послаб ефект придонесуваат за опасни мутации
26 јануари 2021САРС-Ков-2 во бразилското место Манаус не би требало веќе да вирее: уште во август две третини од населението на главниот град на провинцијата Амазонија беа инфицирани. Значи доволен број за да се развие солиден колективен имунитет. Но, минатиот декември повторно се полнеа болниците.
Можеби луѓето се инфицирале со новата варијанта која кај некои луѓе „го заобиколува” имуниот систем. Секвенцирање на генетскиот материјал од примероците сега треба да даде одговор на тоа прашање.
повеќе: Низ С.Македонија „шетаат“ 20 мутации на коронавирусот
Такво „заобиколување” на човековиот имун систем предизвикува голема загриженост кај научниците, бидејќи би можело да значи дека и веќе оздравени повторно може да се инфицираати дека вакцините кои се развиени може веќе да не делуваат, односно да треба ревакцинација. Но, до сега се чини дека вирусот не е станат резистентен на вакцините за Ковид-19, тврди Филип Краузе кој ја води работната група на СЗО за Ковид-19 вакцините. „Не толку добрата вест е дека брзиот развој на нови варијанти укажува на тоа дека вирусот би можел побрзо отколку што ни е мило да развие фенотип резистентен на вакцините”, заклучува Краузе во магазинот Сајенс.
Еволуцијата на варијантите на вирусот
За да се размножуваат вирусите уфрлаат свој генетски материјал во ќелиите на домаќинот, при секоја репродукција се случуваат грешки во копирањето и секоја таква грешка го менува генетскиот код на вирусот, односно тој мутира.
Вакцините кои сега се користат вршат еволуциски притисок врз вирусот, па селекцијата ќе ја преживеат пред сѐ оние варијанти кои преку мутациите успеваат да го заобиколат имуниот систем. Тоа не значи дека вирусот благодарение на селекцијата станува и посмртоносен, бидејќи ако брзо предизвика смрт на домаќинот, вирусот потешко ќе се шири и ќе исчезне, додека пак помалку опасните варијанти може повторно да се шират.
повеќе: Можам ли и по вакцинирањето да ги заразам другите?
Но, најновите откритија на британската советодавна Група за нови вирусни закани укажуваат на тоа дека во Велика Британија откриената варијанта не само што е околу 70% позаразна, туку евентуално може да биде и посмртоносна. Сепак податоците на кои се базира ова се сѐ уште во недоволен обем.
Контраефект од слаби вакцини
Но, ако се користат вакцини со недоволна заштита или втората вакцинација премногу се одолговлекува, тогаш тоа може да има токму спротивен ефект, како што предупредува вирологот Ендру Рид од државниот универзитет на Пенсилванија. Неговите истражувања со птичји вируси уште во 2001 го довеле до заклучокот дека вакцини со послаб ефект дури би можеле да поттикнат развој на опасни мутации. Затоа е и толку критички ставот за одолговлекувањето на ревакцинацијата како што се случува во Велика Британија, а наскоро можеби и во САД. Така навистина поголем број луѓе стекнуваат некакво прво ниво на заштита, но не можат да развијат доволно силен имунитет. Организмот подолго се бори со опасниот вирус и вирусот има повеќе време да се заштити од усмртување преку вакцината. Кога таков вирус ќе премине на невакцинирано лице, последиците може да бидат разорни.
повеќе:Колку може да се одлага втората доза Ковид вакцина?
Многу одложена ревакцинација со втората доза може да создаде маса луѓе кои имаат доволен број антитела за да го успорат вирусот и да не ја развијат болеста, но не доволно за да го истребат вирусот до исчезнување. Тоа би можело да биде совршен рецепт за настанувањето на резистентни варијанти, вели за магазинот Сајенс вирологот Флоријан Крамер од Ајкан школата за медицина.
Други колеги од научниот свет пак сметаат дека поголем ризик е неконтролираниот пренос на вирусот поради поголемиот степен на заразност. „Надвор е кланица", вели микробиологот Ендру Рид. Тој смета дека е мудро сега прво да се вакцинираат колку што е можно повеќе луѓе. „Двојно повеќе луѓе со делумен имунитет мора да е подобро отколку целосен имунитет кај само половина од нив”, заклучува Рид.
Дали ќе биде потребно сезонско ревакцинирање како кај грипот?
За среќа многу други вакцини не станале неделотворни само заради тоа што постои нормална вирусна еволуција. Па така, ни вирусите што предизвикуваат сипаници не успеале да развијат мутации кои би го заобиколиле стекнатиот имунитет. Во минатото само мал број вируси успеале да станат резистентни на вакцини, со исклучок на сезонскиот грип кој толку брзо се развива што секоја година е потребна нова вакцина.
повеќе:Ковид-19: Зошто производството на вакцината е толку комплицирано?
Ако САРС-Ков-2 вирусот се однесува на сличен начин, ќе биде потребно и корона вакцините да бидат редовно ажурирани. За такво нешто кај мРНК вакцините на Бионтек/Фајзер според податоци на производителот би биле потребни само неколку недели. Но, тестирањето и добивањето одобрение, како и производството и логистиката како што знаеме бараат време, а веќе сега многу центри со нетрпение чекаат на актуелната вакцина.