1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претрес кај градоначалникот којшто се вакцинираше преку ред

ЕМФ | дпа
22 февруари 2021

Со аферата со вакцинирањето преку ред на градоначалникот на Хале, Бернд Виганд, сега се занимаваат германските обвинители.

https://p.dw.com/p/3piyH
Halle Oberbürgermeister Bernd Wiegand
Бернд Виганд, градоначалник на ХалеФотографија: Ronny Hartmann/dpa/picture alliance

Полицијата денеска направи претрес на повеќе службени простории на градската управа на германскиот град Хале. Постојат сомневања за „проневера“ на вакцини против коронавирус. Градоначалникот на Хале, Бeрнд Виганд, е осомничен дека „со непочитување на уредбата за вакцинирање против коронавирус“ се погрижил да се вакцинира лично и други лица кои не биле на ред за вакцинација.

Виганд во првата реакција тврди дека претресот е „несоодветен“ и ги отфрла обвинувањата. Градоначалникот на Хале вчера соопшти дека „веќе две недели е во огнот на дебатата“ и дека ќе „издржи“. Според него, она што недостига е стручна дебата околу прашањето - како да се постапува со вакцините кои ќе останат на крајот на денот на територија на целата држава. Според Виганд, и старата и новата уредба за вакцинирање дозволувале исклучоци во „нетипичен случај“, што, како што смета тој, во одделни случаи дава можност вакцината да им се даде и на лица кои не се во најприоритетната група за да се спречи фрлање на вакцините. Виганд вели дека во јануари бил повикан да се вакцинира, затоа што во тој момент немало други лица кои би се вакцинирале „спонтано“ со преостанати вакцини.

Повеќе:

Се бараат казни за оние кои се туркаат за вакцина преку ред

Преку ред до вакцина

Една година со коронавирусот - што научи Германија

Обвинителството, пак, во своето соопштение до медиумите е јасно. Во него се вели дека на Град Хале и на Виганд, како највисок по функција службеник во градот, вакцините им биле само доверени. Тие не му припаѓаат нему и подлежат на правните одредби од уредбата за редоследот на вакцинирање. Останатите вакцини смеат да им се дадат само на оние делови од населението кои се загрозени од особено тежок тек на болеста или смрт поради инфекција со коронавирус, нагласува Обвинителството.

Портпаролка на Обвинителството изјави дека претресот е веројатно прв „за вакво нешто“ на територија на државата.

Вакцинирањето преку ред последните денови ја разбуричка германската јавност. Има податоци дека и во други места во Германија преку ред се вакцинирале не само локални политчари, туку и свештеници, полицајци и пожарникари.