Вакцината не доаѓа преку игла, туку преку одговорност
10 август 2021Во пресрет на почетокот на новата учебна година која е планирана да започне со физичко присуство на учениците, расте процентот на вакциниран наставен и технички кадар, во координација со Министерството за здравство. Истото се однесува и на кадарот во градинките. Од министерствата за образование и за труд и социјална политика до крајот на минатата недела можеа да се пофалат со идентичен, висок процент на вакцинирни кадри - околу 60 %, кој до почетокот на септември очекуваат да биде уште повисок.
„Засега се планира наставата да се одвива со физичко присуство, а подготвени сме да интервенираме ако има драстичен бран, но се надеваме дека тоа нема да се случи“, вели министерот за здравство Венко Филипче.
Родители на ученици и на деца во претшколска возраст со внимание ги следат овие податоци, особено во време кога надлежните најавија рестриктивни мерки од 16-ти август, а истите предизвикаа реакции и најави за антиваксерски протести.
„Мора да бидеме поодговорни кон себе и кон околината. Ме радува фактот што во училиштата има висок процент на имунизиран кадар. Моето дете од септември ќе биде прваче. Таму ќе ги научи првите букви, но онаа лекција што сите возрасни треба да ја совладаат е дека вакцината не доаѓа преку игла, туку преку граѓанска одговрност“, вели родител на идно прваче.
Вакцинација и Протоколи
Растечкиот процент на вакциниран наставен и технички кадар, како и фактот дека во текот на претходната учебна година немало трансмисија на вирусот меѓу учениците кои следеа настава со физичко присуство, на надлежните им влева оптимизам дека и претстојната настава со физичко присуство ќе се одвива без проблеми. Засега нема податок колку од учениците над 12 години се вакцинирани, но здравствените власти се уверени дека почитувањето на Протоколите за постапување во основните и средните училишта нуди соодветна превентива.
Повеќе:
-Три сценарија во игра - ќе се вратат ли децата во училишните клупи?
-Ваксери и антиваксери во жестока „битка“ околу рестрикциите против Ковид-19
-Антифашистички марш за непречено заразување
Во детските градинки, каде и во летниот период нема прекин во процесот на згрижување на децата, освен што поради одморите е намален нивниот број, се подготвуваат за работа во полн капацитет од септември. Кадрите кои се грижат за нив бележат висок процент на имунизација.
„Според последните анализи што ги направивме заедно со Министерството за здравство, вакцинирани се речиси 60 проценти од вкупно вработените во градинките. Нашите анализи ги опфатија сите вработени во градинките, односно и стручниот и помошно-техничкиот кадар", велат од Министерството за труд и социјална политика.
Оттаму веруваат дека оваа бројка до почетокот на септември ќе биде уште повисока.
„Како ресорно Министерство упатуваме на општествена одговорност на сите вклучени во процесот на воспитување и образование на децата од предучилишна возраст, имунизацијата да продолжи со несмалено темпо во текот на целиот летен период. Вработените во градинките во целиот изминат период покажаа високо ниво на одговорност и успеаја со доследно почитување на Протоколите за заштита да обезбедат сигурна грижа за децата и да спречат трансмисија на вирусот во градинките“, велат од МТСП.
Награда за одговорен однос
Почетокот на новата учебна година во време на пандемија е предизвик за сите земји и секаде доминира кампањата за превентива и имунизација. Во соседна Бугарија минатата недела десет образовни институции ги добиле првите сертификати од Министерството за образование, за достигнати на најмалку 70 проценти на вакциниран наставен и ненаставен кадар. Тие се наградени за одговорен однос кон заштитата на животот и здравјето и за граѓанска одговорност.
Тоа е дел од информативната кампања на бугарското Министерство за образование за зголемување на процентот на вакцинирани наставници во училиштата, градинките и во Центрите за поддршка на личен развој, а имунизираните биле наградени и со добивање два слободни дена.
„Со вакцинирање на кадарот ќе обезбеди максимално физичко присуство на настава за учениците и децата во градинките во учебната 2021/2022 година. Во исто време, ќе се гарантира здравјето на оние што работат во образовниот систем. Веќе се во сила дополнителни два дена платен одмор за вработените во образовните институции кои се имунизираат“, соопшти МОН.
Властите во Шпанија, пак, одлучиле да ја забрзаат вакцинацијата на учениците на возраст од 12 до 15 години пред почетокот на новата учебна година. Целта е да се ограничи ширењето на коронавирусот, да се обезбеди учење со физичко присуство и да се минимизира потребата од онлајн настава. До минатата недела еден од пет ученици на посочената возраст примиле барем една доза од вакцината. Според податоците на шпанското Министерството за здравство целосно биле имунизирани 4% од учениците, а интересот за вакцинирање растел.