1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Чекајќи го кодот за вакцинација

ДТЗ /ДВ
10 февруари 2021

Преголемиот интерес ја блокираше страницата за регистрирање за вакцинација против Ковид-19, која дури вечерва профункционира. Најупорните чекаа и по неколку часа

https://p.dw.com/p/3pBja
Russland Impfstelle im Moskauer Kaufhaus Gum
Фотографија: Sefa Karacan/AA/picture alliance

-Ќе се вакцинираш?
-Да, кога ќе ми дојде кодот. 
Место вообичаеното „добро утро“ со ова прашање и со овој одговор им започна денот на голем број жители на Северна Македонија, кои поитаа да кликнат на интернет страницата на која од денеска беше најавено дека ќе можат да се пријават за вакцинација против Ковид-19. Загрижени граѓани кои едвај чекаат да започне имунизацијата во земјата побрзаа да фатат ред за регистрација, љубопитните новинари и граѓани кликаа за да проверат како фунционира сајтот, дури и оние коишто со скептицирам гледаа на целиот процес на вакцинација поитаа на интернет страницата www.vakcinacija.mk за да дознаат повеќе детали за целиот процес. Преголемиот интерес го преоптовари системот и ја блокираше страницата уште пред таа и да профункционира, оставајќи стотици граѓани по неколку часа да чекаат да им биде испратен кодот, или пак со нетрпение да гледаат во пораката која осамна на нивните комјутерски екрани, а на која беше испишан само еден збор „Наскоро“. Дури во вечерните часови дел од нив се „пофалија“ дека успешно се регистрирале на сајтот. Во меѓувреме, министерот за здравство Венко Филипче за ТВ21 соопшти дека во првите неколку часови за вакцинирање биле пријавени над 8.000 граѓани. 
Чекајќи го кодот во „интернет чекалната“, граѓаните со своите шеговити досетки ги преплавија социјалните мрежи. Се споделуваат ред шеги, ред совети како да се добие толку долго очекуваниот код за влез „во светот на вакцините“. 

„Чекајќи го кодо” е новото „Чекајќи го Годо”

„Чекајќи го кодо” е новото “Чекајќи го Годо”, коментираат шегобијците на социјалните мрежи. Некои велат дека чекале по два часа, други се жалат дека и по неколку часа останале само во „виртуелната чекална“, поради што се откажале од понатамошната регистрација. До целта пристигнале само најупорните кои покрај пораките „Наскоро” или „Добредојдовте. Вие сте на ред”, успеале да ги поминат и останатите чекори за регистрација. Некои велат дека им биле потребни 60-тина минути да ги поминат сите чекори за пополнување на регистрацијата. Апликацијата цел ден правела падни - стани. 

-повеќе на темата: Што можат, а што не можат да направат вакцините против Ковид-19

„Се обидов преку компјутер неколку пати, но неуспешно. Штотуку успеав да се регистрирав без проблем преку мобилен. Не знам дали ја оправиле страната во меѓувреме или пак е полесно преку мобилен телефон“, го споделува своето искуство еден од заинтересираните граѓани за вакцинација на социјалната мрежа Фејсбук. Друг коментира дека стасал до следната пречка - и чека час и половина за да му испратат код на мобилен телефон. „Направи рефреш, постапката ќе оди побрзо“, го советуваат неговите пријатели.
„Трпение. Прв ден е. Сите сме навалиле. Ќе биде!“, ја смирува ситуацијата млада скопјанка, која исто така се обидела денеска да си ја испроба среќата на најпосетуваната интернет страница во текот на денот. 
„Мене ми стигна кодот по два часа. Се израдував. Откако го впишав, по половина час сајтот со црвени букви ме информира дека кодот не кореспондира со „книшката“, пардон со телефонскиот број. И ја повторив постапката. По 45 минути ми стигна нов код. Го впишав новиот и ете врти едно крукче на средината. И не знам сега, дали се вакцинирав или се чипирав или можеби и двете?, коментира на шега друг граѓанин.  „Многу ми е мака што не можеш да се регистрираш, досега вакциниран ќе беше...“, му одговараат во ист стил неговите виртуелни пријатели на социјалните мрежи. 

„Кој рано рани две вакцини граби“

Новата верзија на старата македонска поговорка - „Кој рано рани две вакцини граби“ за многумина не се обистини денеска. Од Министерството за здравство смируваат дека во моментот се прават последните технички прилагодувања на веб – страницата, и штом се овозможи нејзина целосна функција, јавноста ќе биде информирана. 

Секој заинтересиран граѓанин кој сака да прими вакцина против коронавирусот може да се пријави на веб-страницата „Vakcinacija.mk“. По неколку минути поминати во „виртуелна чекална“, ќе треба да ги внесете личните податоци – име и презиме, матичен и телефонски број, мејл адреса, како и пунктот кадешто сакате да се вакцинирате. За да се испрати апликацијата потребно е да добиете безбедносен код на вашиот телефонски број. Токму во овој чекор, според повеќето граѓани, настанува првиот проблем, бидејќи платформата не го испраќа безбедносниот код, со што пријавувањето е невозможно.

-повеќе на темата: Здравствените работници во првата борбена линија против Ковид први ќе добијат вакцина

Со пополнувањето на формата, се регистрирате директно во националниот систем „Мој Термин“. Сите апликации кои ќе пристигнат ќе бидат внесени во оваа база, со што ќе се ажурира податокот кој за секој пациент го гледа матичниот лекар. Нема потреба дополнително пациентите да го бараат или информираат својот матичен лекар дека се регистрирале за да примат вакцина. Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, матичниот лекар ќе ги повика и ќе ги информира за точниот датум и час кога треба да се вакцинираат на пунктот кој ќе го изберат при регистрацијата. Вакцинирањето е доброволно.
Освен по електронски пат, пријавувањето за вакцини ќе се врши и преку матичните лекари. Според планот за имунизација, секој граѓанин сам ќе може да се регистрира за вакцинација, а системот ќе биде тој што ќе генерира кои од пријавените се приоритетни и во која група за вакцина влегуваат.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера го соопшти планот за вакцинација против Ковид-19. Капацитетот за вакцинирање изнесува по 880 лица дневно во сите поликлиники во Здравствениот дом во Скопје и дополнителни близу 500 во пунктот во Клиничкиот центар во Скопје. Вакцинацијата ќе почне со здравствените работници и со лица кои имаат над 70 години. Засега за вакцинација се пријавиле четири илјади здравствени работници.  
Останатите заинтересирани граѓани ќе треба да почекаат - и за кодот, и за вакцините кои се уште не се пристигнати во земјата, но и за термин за вакцинација.

-повеќе на темата: Проверка на фактите: Дали вакцините против Ковид-19 предизвикуваат смрт?

Северна Македонија утре треба да ги добие и првите вакцини. Според најавата, на Табановце треба да пристигнат 8.000 вакцини на „Фајзер“ коишто Србија и ги вети на С. Македонија. Вакцините ќе ги предаде српскиот претседател, Александар Вучиќ, а ќе ги пречекаат премиерот, Зоран Заев и министерот, Венко Филипче. Во меѓувреме се очекуваат да пристигнат и 200.000 кинески вакцини на „Синофарм“, кои премиерот најави дека ќе слетаат на скопскиот аеродром идната недела.