Европа: Бунт на невакцинираните
30 јули 2021„Да се израмни кривата“. Ова се дел од актуелните зборови кои се појавија за време на пандемијата на коронавирусот. Под тоа се мисли на кривата на секојдневни нови инфекции. Но, сега се израмнува уште една крива: на нови вакцинации. Откако недостатокот од вакцини на почетокот на годината ја забави кампањата за вакцинација во ЕУ, сега недостасуваат луѓе на кои можат да им се дадат овие вакцини. Во голем број земји повторно се распламти расправата за тоа дали треба да постојат различни ограничувања за вакцинираните и невакцинираните луѓе. Или треба саканиот имунитет на стадо да се постигне со задолжителна вакцинација.
Додека Германија сѐ уште расправа, други земји веќе повлекоа консеквенции. Тоа не е секаде добро дочекано. Во повеќе земји дојде до протести.
Франција: задолжителна вакцинација за вработените во здравството
Во Франција, според наводите на властите, над 160.000 луѓе ширум земјата минатиот викенд демонстрираа против владините планови за строгите мерки против коронавирусот (насловната фотографија). Посебен трн во око им е планираната задолжителна вакцинација за одредени професионални групи. Од средината на септември, здравствениот и негувателскиот персонал, како и обезбедувањето и спасителите мораат да докажат дека се вакцинирани за да се занимаваат со својата професија. Оние кои не можат да го докажат тоа мора да очекуваат суспензија без продолжување на исплати на плата.
Повеќе:
-За и против: Задолжителна вакцинација во ЕУ?
-Вакцинација: Основните права не се привилегии
-Привилегии за вакцинираните во Германија?
Демонстрантите на тоа гледаат како на недопустливо мешање во правата на луѓето на самоопределување. Протестите беа насочени и против фактот дека дигиталниот сертификат за Ковид-19 во ЕУ требаше да стане услов за пристап до јавно достапните места, како музеи и трговски центри, ресторани и кафулиња, како и меѓуградски возови. Зелениот ковид-пасош означува дали лицето е вакцинирано, оздравело или во моментот е тестирано негативно.
И во редовите на опозицијата, исто така, имаше противења за законот. Сепак, на крајот, парламентот со јасно мнознинство усвои ревидирана верзија на законот. Во анкетите мнозинството од граѓаните се изјаснија за проширување на обврските кога станува збор за корона пасошот.
Грција: Отсега задолжителна вакцинација за медицинските сестри
Во Грција минатата недела повторно имаше протести против владините мерки за намалување на Ковид-19. Во земјата владата во средината јули усвои задолжителна вакцинација за медицинските сестри. Вработените имаат време до средината на август да започнат со вакцинација, инаку им се заканува суспензија без плата. Новиот закон, исто така, би требало да им олесни на работодавачите кои пружаат услуги привремено вработување на заменски персонал.
Од септември задолжителната вакцинација во Грција ќе се применува на целиот здравствен сектор. На работодавачите кои ќе вработат невакциниран персонал им се закануваат казни до 200.000 евра.
Посетата на гастрономски и културни установи, исто така, е резервирана за вакцинираните во Грција. Моменталните негативни тестови на коронавирусот веќе не се доволни за тоа.
Минатиот четврток, денот кога парламентот го гласаше законот за задолжителна вакцинација, околу 5.000 луѓе ширум земјата демонстрираа против него. Според наводите на полицијата, околу 3.000 луѓе демонстрирале во главниот град Атина. Полицијата користела водени топови и солзавец за да ги одалечи демонстрантите од парламентот.
Италија: Протести против зелените пасоши
Италијанската влада засега не планира да ја направи задолжителна вакцинацијата против коронавирусот. Сепак, за време на викендот, илјадници луѓе демонстрираа во неколку поголеми градови против построгите мерки на владата за сузбивање на коронавирусот. Од 6 август, пристапот до затворените простории во Италија ќе им биде дозволен само на сопствениците на зелените ковид-пасоши. Значи, кој сака да оди во теретана, базен, музеј или во ресторан, мора да бидет вакциниран. Кога станува збор за терасите, угостителите можат сами да одлучат дали сакаат да ги послужат гостите без ковид-пасош.