1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцини и мерки - алфа и омега против Делта!

6 јули 2021

Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести, до септември 90% од сите инфекции во ЕУ ќе бидат со Делта сојот, бидејќи тој летово ќе се шири меѓу младата невакцинирана популација

https://p.dw.com/p/3w554
Bildergalerie über die Varianten des neuen Coronavirus
Фотографија: Christian Ohde/imago images

Комисијата за заразни болести вчера не препорача никакви мерки за превенција од ширење на Делта сојот на коронавирусот. Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека нема ниту еден знак оти е можно да има влошување на епидемиолошката слика: нема наплив на пациенти во амбулантите, бројот на инфицирани е едноцифрен и се следи и ситуацијата и во околните земји. Доколку ситуацијата продолжи така, оценето е дека не треба да се воведуваат никакви рестриктивни мерки.

Според превидувањата на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, до септември 90 проценти од сите инфекции во ЕУ ќе бидат со Делта-сојот, бидејќи во текот на летото ќе се шири меѓу младата невакцинирана популација.

За да се спречи бран во септември кој би можел да го искомпликува почетокот на школската година и активностите во економијата, здравствените експерти размислуваат за мерки кои може да дадат одредени резултати. Со оглед дека најфрагилна е младата невакцинирана популација, некои земји размислуваат за воведување рестрикции за невакцинираните во затворени простори - дискотеки, затворени ресторани, кина, театри и шопинг молови во кои се собираат поголем број луѓе, но и за поголема контрола на граничниот режим.

Комисијата да даде објаснувања

Во С. Македонија засега не се размислува за такви опции. Епидемиологот Драган Даниловски смета дека кон крајот на летото треба да се воведат рестрикции на границите.

„Добро би било да се воведат бариери на границите, да речеме ПЦР-тестови за сите што влегуваат преку граница во земјава особено кон крајот на летото, кога ќе почнат да се враќаат од одмори. Втора линија на одбрана би требало да биде ригорозна епидемиолошка обработка за секој нов случај. Ако го интензивираме темпото на вакцинација и ако се зголеми интересот, веројатно имаме шанса да дојдеме до колективен имунитет од 80-85 отсто, затоа што тој е прагот на колективен имунитет при кој епидемиско ширење кај овој тип на вирус би било невозможно“, изјави Даниловски за ТВ „Канал 5".

И микробиологот проф. д-р Никола Пановски смета дека мора да се воведе контрола на луѓето кои влегуваат во Македонија.

„Ако проф. д-р Даниловски, којшто е бард во епидемиологијата, кажува дека треба контрола на луѓето коишто доаѓаат кај нас, на нашите иселеници, па дури и нашите луѓе коишто одат на одмор во земји каде што постои Делта-сојот, а Комисијата тоа го игнорира, треба да објасни зошто тоа го игнорира“, рече тој во гостување на ТВ „Сител“.

Nordmazedonien | Impfzentrum in Skopje
Ако го интензивираме темпото на вакцинација и ако се зголеми интересот, веројатно имаме шанса да дојдеме до колективен имунитет од 80-85 отсто, вели ДаниловскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

На тест - ефикасноста на вакцините

Во САД моментално третина од заболените се заразени со Делта сојот, во Русија 89 %, a во Велика Британија тoа е доминантната варијанта утврдена дури кај 99% од заболените. Тоа беше и причината што Британија минатиот месец го одложи укинувањето на актуелните мерки до 19-ти јули, а следната недела ќе ја преоцени ситуацијата. Британското здружение на лекари во саботата соопшти дека земјата треба да задржи некои мерки и по 19-ти јули.

И покрај брзината на ширење, Делта варијантата не предизвикала зголемен број на хоспитализации во Британија, каде со прва доза се вакцинирани 86 % од возрасните, a со две дози 64 % од нив.

Според експертите, за да се прекине трансмисијата на вирусот, потребно е 70 отсто од вкупната популација да стекне имунитет, било со вакцина или прележување. Но, битно е со вакцината да бидат опфатени и младите луѓе, бидејќи токму тие најмногу се групираат и не се придржуваат до епидемиолошките мерки, што придонесува за побрзо ширење на вирусот.

Пример за тоа е Израел, земјата со најголем процент на вакцинирани во светот. Се покажало дека вакцинирањето на 70% од возрасните лица не може да го запре ширењето на вирусот, туку е потребно да се вакцинира и младата популација. Притоа, Делта сојот ја стави на испит и ефикасноста на вакцините. Израелското Министерство за здравство вчера извести за намалена ефикасност на вакцината на „Фајзер/Бионтек“ во превенцијата на инфекции и симптоми на Ковид-19, но истакна дека вакцината и натаму е многу ефикасна во превенција на сериозни форми на болеста. Воочениот пад на на ефикасноста се совпаѓа со ширењето на Делта сојот и со укинувањето на ограничувањата за физичко дистанцирање во Израел. Ефикасноста на вакцините во превенцијата на инфекции и и симптоми на болеста паднала на 64% од 6-ти јуни, соопшти изралското Министерството за здравство. Во исто време вакцината била ефикасна 93% во спречување на хоспитализации и сериозни форми на Ковид-19.

Israel Jerusalem | Coronavirusimpfung
Израел е земја со најголем процент на вакцинирани во светотФотографија: Ronen Zvulun/REUTERS

Од Министерството не го наведуваат претходното ниво на заштита со вакцините. Претставници на министерството во мај објавија извештај дека две дози вакцина на „Фајзер“ обезбедуваат повеќе од 95 отсто заштита од инфекции, хоспитализација и тешки форми на болеста.

Портпарол на „Фајзер“ не ги коментирал новите податоци од Израел, но навел други истражувања кои покажуваат дека антителата што ги предизвикува вакцината сепак биле во можност да ги неутрализираат сите тестирани варијанти, вклучително и Делта, иако со намалена јачина. Епидемиологот на Светската здравствена организација, Марија Ван Керхове, изјави дека се гледа одредена намалена ефикасност, но вакцините и натаму остануваат најефикасни во намалувањето на тешки форми на болеста, вклучително и против Делта варијантата.

Норвешка вчера го одложи планираното укинување на мерките, поради страв дека делта-варијантата таму може да стане доминантна во јули и да предизвика четврти бран инфекција кај невакцинираните, кај оние кои примиле само една доза или кај ранливите групи.