Не е во ред
24 март 2021Деновиве, повеќе потези ме мачат, од суштински, етички и политички аспект. Станавме, под налетот на хистеријата и психолошкиот притисок наметнат од ситуацијата со КОВИД - потпомогнато од перманентната политичка криза во која се наоѓаме - заложници на сопствената нервоза, жртви на поразот од безнадежноста, пациенти на распространетиот деструктивен политички инстинкт на дел од политичките елити и дома и во регионот, кој секогаш се појавува како предатор на хуманата политичка димензија. На крајот, жртви сме и на сопствените атавистички и ретроградни пориви, кои, како по Марфиево правило, испливуваат на површина токму во најкомплицираната ситуација. Велат, кога е криза (војна, пандемија), моралот и разумноста се првата жртва. Во време на засилена дарвинистичка себичност, се прашувам дали ќе се поделиме на два табора: едни, кои ги „заболе“ за короната, и други, кои ги „заболе“ за сѐ друго. Не знам кој табор би го избрал, но мислам дека е цивилизациски погрешно да бидеме приморани да избираме. Не е во ред.
Ние наивни, тие под притисок
Без да навлегувам премногу во тоа зошто немаме доволно вакцини – тука има повеќе вина одошто кандидати да ја понесат – факт е дека и ние, а и регионот, па и светот ако сакате, сме под наплив на феномен кој ќе го наречам „вакцинален колонијализам“: кроење нова геополитичка мапа на влијание преку „солидарно дозирање помош“ во вакцини. Жртви на ваквиот колонијализам се, по правило, помалите земји кои немаат доволно вакцини (се препознаваме), а нејзини промотори се, по правило, токму оние земји од кои имаме најмногу што да се плашиме (и нив ги препознаваме). Виновни сме сите: ние, наивно, заради преголемата доверба во нашите западни стратешки партнери, тие заради сопствената немоќ, соочени со домашниот политички себичен притисок.
Други колумни од авторот:
За Бајден, Вучиќ и Алберт Ајнштајн
Да ја укинеме неизвесноста – ние ќе го извлечеме подебелиот крај во ова сценарио. Не само заради фактот што нашата стратешка определба нема да се смени (зашто таа не е само емотивна, туку реално наша единствена шанса за подобар живот), туку повеќе заради тоа што, со таква, западна, ориентација, ние во овој колонијализам ќе бидеме вратени назад, дозволувајќи да се инсталираат сфери на влијание од кои тешко ќе се „чистиме“. Овој вакуум, се разбира, ќе го искористат оние кои во моментов го имаат најсилното оружје – залиха вакцини. Настрана фактот што проблемот со тие вакцини може да излезе и медицински (земјите кои имаат најмногу вакцини имаат најмалку податоци за нивниот квалитет), а не само геостратешки, тие се сепак пред врата со „понадицата“, а ние ѕиркаме низ клучалката, самозадоволни дека „ќе им покажеме“ на нашите стратешки сојузници дека не смеат да нѐ земаат здраво за готово. Кога прашината ќе слегне, долго ќе ги чистиме последиците.
Во таа смисла, немам право да се согласувам или да не се согласувам со потегот на дел од македонските граѓани, новинари (сега слушам и полицајци) кои прифаќаат да се вакцинираат „под милоста“ на други патрони. Но имам право и причина да се сомневам, дали тие знаат која улога ја играат во овој колонијализам, или токму да се сомневам дека својата улога ја знаат и предобро. Сепак, нив ги ставам во таборот на оние кои ги „заболе“ за сѐ друго освен за короната, а сѐ уште мислам дека не е во ред што космичката карма нѐ стави во ситуација да бираме едно или друго. Не е во ред.
Помеѓу смирениот и заслужениот одговор
На оваа трагикомедија се налепуваат сите ситни гео-локални шерифи, кои, се разбира, ја користат ситуацијата на најлош можен начин, во манир на запенавен локален „сељак“, кој, поднапиен со првите пари од скорешната реколта, пред гранапче бара со кого да се степа, за да ја заврши вечерта во стил. Паралелата не е далечна: ваквиот манир не зависи од мизансценот – тој може комотно да се одвива и во стилски министерски кабинет, под превезот на модерната тоалета, мантрата за европски вредности, скапите очила и беспрекорната фризура. Захариева, на пример, го повикала македонскиот амбасадор во Софија на демарш, заради „говорот на омраза“ против Гарванлиев. Ете едно типично пасивно-агресивно, погрешно, и насилно - злобно однесување од Софија. Имено, кога зборувате за говор на омраза помеѓу земји, особено во меѓународните односи, тоа по правило се однесува на официјалниот политички дискурс – изјави на официјални лица, ставови на влади, институции, министри и слично. Јас такви не забележав во Македонија против Гарванлиев – напротив. Официјалниот став постојано беше дека неговото државјанство или евентуални симпатии кон Бугарија немаат врска со неговиот ангажман како македонски претставник на Евровизија. Не знам што очекува Захариева – можеби државата да дисциплинира индивидуални ставови на социјални медиуми?
Ова, апсурдот да биде поголем, доаѓа од земја чиј вицепремиер официјално тврди дека македонска држава, нација, народ и јазик не постојат; која единствено стана членка на ЕУ поради повисокиот геостратешки ризик од Македонија, а не поради подготвеноста (која и сега не постои во одредени делови); и која мантра за правата на декларираното бугарско малцинство во Македонија, притоа игнорирајќи пресуда на Судот за човекови права за сопствените малцинства. Притоа, сега најново, лути се зошто таа разлика во однесувањето, некои партии во европскиот парламент ја препознаваат. На крајот, можеби најстрашното за нас, е што сме ставени во ситуација да бираме дали на ваквите настапи да одговориме смирено и разумно, или како што заслужуваат. Ни најмалку не е во ред.