1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вакцинирани- и што потоа?

Макс Цандер
6 февруари 2021

Кратко откако започна вакцинацијата во ЕУ земјите членки гледаат кон иднината и дебатираат за можни права за вакцинираните.

https://p.dw.com/p/3oxJQ
Deutschland Coronavirus - Impfen
Фотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

Иако сѐ уште ништо конкретно не може да се каже, веста од Копенхаген веројатно буди надеж кај некои луѓе. Данската влада во средата најави дигитален пасош за вакцинирани, смартфон апликација со која може да се докаже дека сте ја примиле вакцината. Деталите не се дефинирани, но јасно е дека пасошот треба да го олесни повторното отворање и на бизнисмените да им овозможи да патуваат.

„За нас е многу важно повторно да го отвориме данското општество и на фирмите да им овозможиме да работат. Многу наши компании работат низ цел свет”, рече министеротза финансии Мортен Бодсков во средата. Првиот човек на данската Трговска комора, Брајан Микелсен, зборува за светлото на крајот на тунелот за многу компании.

Соседната земја Шведска има слични планови и исто така најави дигитален пасош. „Со дигитална потврда за вакцина брзо и едноставно ќе може да се докажат примени вакцини”, вели министерот за дигитализација Андерс Игеман во четвртокот. Во моментов се поставува прашањето за што воопшто може да користи таквиот пасош. До сега во повеќето европски земји заради големиот број инфицирани лица и појавата на нови варијанти на вирусот има тренд на заострување на мерките. Тие се однесуваат како на јавниот и приватниот живот, така и на патувањата.

Deutschland Corona-Pandemie | Impfpass
Фотографија: Fleig/Eibner-Pressefoto/picture alliance

Данска на пример бара издржана причина како службен термин или здружување на семејството за да дозволи влез, како и тест за Ковид-19 не постар од 24 часа. Во Шведска речиси никој не смее да допатува од Данска заради распространетоста на британската мутација во земјата. И тука користа и повторното воведувања на некои права со помош на дигиталниот пасош не може да се очекуваат во догледно време.

Повеќе права за вакцинираните во Естонија

Во Естонија ситуацијата е поинаква. Само неколку недели по стартот на вакцинацијата во ЕУ, Талин веќе воведе специјални правила, односно олабавувања за вакцинираните. Од неделава нема карантин, ниту задолжителен негативен корона-тест за патници од ЕУ и трети земји кои примиле вакцина во изминатите шест месеци. Овие правила важат и за луѓе кои во последнава половина година прележале Ковид-19. За вакцинираните е веќе олеснето патувањето во Полска и Романија.

Повеќе:

-Ковид-пасошите нова реалност од март?

-Коронавирус: Лидерите на ЕУ не се договорија за ковид-пасоши

-Коронавирус: ЕК поддржува сертификати за вакцинираните

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис исто така е за олеснувања при патување. На последниот видео самит на врвот на ЕУ кон средината на јануари тој ја отвори темата за ковид пасоши на вакцинирани во ЕУ. Туристичкиот сектор има 12% удел во грчката економија. Според една студија на Ернст и Јанг обртот во оваа бранша од јануари до септември минатата година опаднал за 79%. Се кратат работни места и плати. За многу ресторани, хотели и културни установи во туристичките дестинации како Грција, Шпанија и Италија целно олабавување на мерките, или посебни дозволи за вакцинирани патници може да биде од витална важност претстојнава туристичка сезона.

Berlin Bundeskanzlerin Angela Merkel mit Journalisten Tina Hassel and Rainald Becker ARD
Фотографија: Jesco Denzel/REUTERS

Општа задолжителна вакцинација се уште е исклучена опција

За разлика од правата, за можни обврски поврзани со вакцинацијата се дискутира далеку повоздржано. Германската канцеларка свесно зборува за понуда, а не обврска за вакцинација, кога станува збор за владината стратегија. И покрај тоа што во некои земји како Франција или Холандија многу луѓе се скептични во однос на вакцинирањето, до сега ниту една земја членка на ЕУ нема наредено општа задолжителна обврска за вакцинација. Во Австрија пред почетокот на кампањата за вакцинација, во одредени покраини барем се размислуваше за задолжителна вакцинација на луѓе од одредени професии, како медицински персонал за нега и воспитувачи.

Жестоки дебати се водат и за обврските, но и за прашањето дали вакцинираните ќе може први да патуваат или да одат без проблем во кафуле или театар. Се разговара и за научните и за политичките аспекти. До сега е нејасно колку вакцинацијата помага при спречување на ширење на вирусот и колку долго сте заштитени. Оттука се отвора прашањето и како ќе се почитуваат човековите права на оние кои до сега немаат пристап до вакцината. Германската канцеларка Ангела Меркел за АРД изјави дека очекува оти вакцинираните може да тужат за остварување на нивните човекови права, но и дека ќе има луѓе кои нема да сакаат да се вакцинираат. “Тогаш веројатно ќе треба да се направи дистинкција и да се каже: оној кој не сака да се вакцинира, некои работи веројатно нема да може да ги прави,“ вели Ангела Меркел.